Црквата Св.Ѓорѓи во С.Курбиново – културно наследство кое ни се распаѓа пред очи

Фрескоживопис од Црква Св.Ѓорѓи, Курбиново. Фото: Скриншот

Проектот опфаќа конзервација на фрескоживописот и зацврстување на архитектонската конструкција во овој објект кој потекнува од 12 век. Носител: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола. (Буџет: 6.000.000 денари, Рок: 2015 година)

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Конзервација на Црквата Св.Ѓорѓи во С.Курбиново”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот Култура и уметност (стр.334), со рок на имплементација до 2015 година. Досега ова ветување не е исполнето.

Црквата “Св.Ѓорѓи” во С.Курбиново е од исклучително историско значење. Изградена е во 1191 година и е дел од византиската градителска традиција со уникатна цариградска концепција. Но, она што е го сместува Курбиново на мапата на светските вредности не е толку архитектурата на црквата, колку уникатниот фрескоживопис. Истиот е сочуван скоро во целост, уништени се дел од претставите во првата зона на северниот sид и дел од јужниот, како и горниот дел од третата зона. Живописот во црквата е особено осмислен и достигнува признаени ликовни остварувања. Тој е најголемата знаеменитост на средновековното фреско-сликарство во Македонија. Црквата “Св.Ѓорѓи” е споменик на културата заштитен со Закон и е под заштита на Заводот за заштита на спомениците. Сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил „Aнгелот од Курбиново” се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари.

Во 2014 година, Центарот за заштита на културно наследство во рамки на проектот ,,Мониторинг на културното наследство и негова популаризација“ врши анализа за состојбата на Црквата “Св.Ѓорѓи” во Курбиново.

Долги и дебели пукнатини по фасадата, пожолтени фрески, пукнатини по ѕидното сликарство и на самата градба. Ова се само дел од оштетувањата на црквата “Св. Ѓорѓи” во преспанското село Курбиново која датира од 12 век (1191 година).  (изјавува за Радио Слободна Европа на 09.01.2014 година, Претседателката на невладиниот Центар за заштита на културно наследство Донка Барџиева – Трајковска) 

Во истото интервју таа посочува дека континуирано се игнорираат укажувањата од стручни лица за потребата од итни истражувачки работи кои би требало да направат ревизија на објектот и дека објектите од културно наследство се влошуваат поради неквалитетното реставрирање:

Ако се направи споредба по вредност со сликата „Тајната вечера“ на Леонардо Да Винчи, тогаш повеќе од јасно е дека и за најмала гребаница на сликата на нозе ќе се дигне целиот свет, велат познавачите. Но, во Македонија и по алармирањето на невладиниот сектор, а ни по известувањето на битолскиот завод и музеј за исклучиво лошата состојба, нема официјална реакција од надлежните. (вели Донка Барџиева – Трајковска во истото интервју) 

На 19.04.2016 Министерството за култура  на својата веб – страна објави дека интензивно се работи на заштитата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново. Во соопштението се вели дека од 2013 година се извршени конзерваторски истражувања со кои се проценува состојбата на архитектурата, сликарството и покривната конструкција и дека е поставен привремен покрив над објектот. Понатаму во соопштението се вели:

Оваа година се доработува проектот за конзервација на архитектурата на црквата и нејзино конструктивно зајакнување по што паралелно ќе се работи на конзервација на архитектурата и фрескоживописот. Сите активности за целосна конзервација на внатрешноста и надворешноста на оваа исклучително значајна црква се предвидува да бидат финализирани до крајот на оваа година. (Соопштение на Министерство за култура од 19.04.2014)

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” се вели следново:

Проектот за привремен покрив е завршен и оваа година ќе започне консолидацијата на архитектурата на црквата (Св. Ѓорѓи н.з.)со што комплетно ќе се заштити една од најзначаните цркви во Република Македонија.

Како што може да се забележи, во последното соопшение на Минситерство за култура се вели дека оваа година допрва ќе се доработува проектот за конзервација, а потоа ќе следи конзервација на архитектурата и живописот. Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” се споменува само архитектурата на црквата која не е ни започната, додека фрескоживописот како најзначаен сегмент воопшто не се споменува.

Имајќи предвид дека активностите за конзервација на Црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново  сè уште се во фаза на проект и сè уште не е започната конкретна физичка имплементација, а рокот наведен во програмата е до 2015 година, може да се заклучи дека ова ветување не е исполнето.

ЛИНКОВИ:

Oценето од: Mилена Јосифовска