Цуцуловски: Со државниот испит се врши директен упад во универзитетската автономија

Професор Љубомир Цуцуловски. Фото: Википедија

 

Професорот во пензија, Љубомир Цуцуловски, за владината идеја за проверка на знаењето на студентите, на 12.12.2014 година на дебата организирана од Студентскиот пленум, изјави:

– Со оваа одлука се изразува недоверба на работата на професорите и со неа се врши директен упад во универзитетската автономија.

[Извор: 24вести, датум: 12.12.2014]

Професор Љубомир Цуцуловски. Фото: Википедија
Професор Љубомир Цуцуловски. Фото: Википедија

 

Образложение:

Во прилог на неговото тврдење одат и изјави од негови колеги, како и члeнови на закони и статути на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј од Скопје“.

Професорката Маја Бојаџиевска на дебатата, исто така, истакна дека автономијата на универзитетите не само што е нарушена туку е целосно отфрлена:

Доста ми е од виткање кичма, од почит морам да застанам пред вас. Иако иницијална каписла за сите овие активности меѓу нас беше таканаречен концепт кој испадна државен испит или екстерно и иако тоа беше иницијална каписла, јас одбивам со индигнација да дискутирам за тие две ипол ливчиња образложенија. Би зборувала за контекстот, како уште едно потсетување на духот на времето кое ја уништи автономијата на универзитетот и кој дух се пресликува во регулативата. Битката беше изгубена многу порано, а тоа се обележа во 2011 година со измени и дополнувања на законот за високо образование. Велам изгубена битка, зашто и покрај тоа што неколкумина пробаа да укажат на тоа дека треба да се вратат во фокусот основни концепти на автономијата, манипулацијата превагна.

Дека оваа изјава е вистинита говори и членот 46, од Уставот на Република Македонија кој вели:

На универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Истото се потврдува и во член 5 од Статутот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во кој е набројано дека:

Универзитетот и единиците ја вршат својата дејност врз принципот на академска автономија, која ја опфаќа и финансиската автономија изразена.

Во овој член детално е објаснето и што значи финансиска автономија како што се донесување финансиски планови; самостојно управување и располагање со имотот, предметите, паричните средства и другите материјални права за вршење на високообразовната, научноистрачувачката, уметничката и применувачката, односно апликативната дејност и слично.

Во прилог на изјавата оди и член 12 од Законот за високо образование, каде точно е одредени што опфаќа академската слобода. Меѓу другото тука спаѓа и слобода во научно-истражувачката работа, уметничко создавање, примената и посредување на знаењето, самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статут во согласност со закон,слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничката дејност, односно творештво и применувачка дејност, вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно преtставување на научните резултатити и уметничките достигања.

Сето ова потврдува дека со новите законски измени се нарушува автономијата и слободата поради тоа што факултетите треба самостојно да спроведуваат настава, а со воведувањето на државниот испит со надворешни оценувачи таа самостојност грубо се крши.

 

Линкови:

Плусинфо (12.12.2014) Професори: Студенти, алал нека ви е! [Пристапено на 12.12.2014], http://plusinfo.mk/vest/7671/profesori-studenti-alal-neka-vi-e)

Устав на Република Македонија, [Пристапено на 12.12.2014], http://www.sobranie.mk/ustav-na-rm.nspx

Статут на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, [Пристапено на 12.12.2014] http://www.pf.ukim.edu.mk/images/File/Statut_17_12_2008.pdf

Закон за високо образование, [Пристапено на 12.12.2014] http://www.tmf.ukim.edu.mk/DOC/zakonVO.pdf

 

Оценил: Владо Ѓорчев

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција