Туристите во Охрид сè уште се бројат рачно, а таксата се наплаќа, но со субвенционирање

Кога во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, го имаат поставено како понуда пред граѓаните електронското поврзување на Oпштината, полицијата и објектите за сместување на туристите во Охрид, имале силна причина за тоа

 

Проект: Електронско поврзување на Oпштината, полицијата и на објектите за сместување во Охрид. Опис: Преку овој проект ќе создадеме можност за електронска наплата на туристичката такса од страна на надлежните институции. Средства: 600.000,00 денари. Извори на финансирање: Буџет на Општината (Рок 2013-2014)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Кога во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат за градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, го имаат поставено како понуда пред граѓаните електронското поврзување на Oпштината, полицијата и објектите за сместување на туристите во Охрид, имале силна причина за тоа. Имено, само една година порано надлежните кои би требало да го знаат точниот број на туристи во Охрид – основен предуслов да се наплати реалниот износ на таксата – констатирале во јавноста дека „бројот на туристите во градот се мери од ѓутуре“.

Токму затоа е ставено ова ветување на Бакрачески во предизборната програма, кое требало да чини околу 10.000 евра, а парите да бидат издвоени од буџетот на Општината.

Дали проектот во реалноста излегол поскап па се откажале од него, дали се смениле експертските ставови или, пaк, оние на советниците на градоначалникот не е познато, но познато е, дека со друга метода, Општината успеалa заклучно со крајот на 2015 г. да ја зголеми наплатата на туристичката такса за цели 47 проценти во однос на 2011 г.

Тоа најмногу се должи на субвенционирање до 50 отсто на граѓаните кои ќе пријават дека имаат туристи и ќе уплатат туристичка такса, за што Општината издвоила во Буџетот за 2014 година околу еден милион денари, што може да се види од Годишната програма за развој на туризмот на Секторот за туризам и локален економски развој.

Пребарувајќи детално по интернет и на сајтот на Општина Охрид, како и за тоа што објавиле медиумите, не најдовме на каква било информација дека електронското поврзување е остварено, со што би се забрзал и поедностави процесот на евиденција на гостите во сместувачките капацитети, а воедно, Општината би имала бенефит од точна евиденција за тоа колку такса треба да наплати.

Единствено нешто што личи на таков план, е наведено во Стратешкиот план на Општината за одржлив развој за 2013-2014 гоина, каде се споменува во графата Туризам и следново:

Воведување на Информативен систем за управување со туризмот – корисници, локална самоуправа и СВР Охрид.

Но, ниту на сајтот ниту по медиумите има информации дали ова се спровело или не.

Го проверивме ова и преку извори кои сакаа да останат анонимни, а кои се дел од институциите надлежни и за евиденција на туристите, кои ни потврдија дека таков проект, иако била стара идеја, не е спроведен и дека евиденцијата се уште се одвива рачно.

Оттука, ветувањето го оценуваме како неисполнето, без оглед што со друга метода, субвенионирање, општинската власт успеала значително да ја подоври наплатата на туристичката такса. Факт е, дека со ваквото ветување ако било исполнето, бенефитите ќе биле повеќекратни, а не само во наплата на туристичката такса.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција