Тврдењето дека СЈО го притиска судството е во стилот „држете го крадецот“

Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница

 

 

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ издадно на 02.02.2017 година а во врска со темата Специјално јавно обвинителство и судскиот систем, завршува со следнoвo тврдење, кое го сметаме за невистина:

 

ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува судиите да не подлегнуваат на притисоците кои се резултат на фрустрации. Со повлекувањето на предметот „Пуч“ и аболицијата на криминалецот Заев, Катица Јанева ја поништи и основната причина за постоењето на СЈО.

 

[Извор: ВМРО – ДПМНЕ/веб, датум: 02.02.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Да се тврди дека некој орган, институција, поединец работат непринципиелно, дека не си ја вршат својата работа професионално и слично, е сосема легитимен став. Но, кога ваквиот став доаѓа од политичка партија раководена од некои лица, вклучувајќи го и претседателот на партијата, кои се, „странки во спорот“, т.е. лица кои се обвинети или се под истрага на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тогаш изјавата и тврдењето треба три пати да се процени, пред евентуално дел од јавноста да го прифати за точно.

Токму затоа, го издвоивме овој дел од изјавата/соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, каде се споменати две невистини – една е за судиите, друга е за причината за „непостоење“ на СЈО.

 

СУДОТ ПРЕМОЛЧУВА АРГУМЕНТИ НА СЈО

ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува судиите што дошле во конфликт со СЈО, кои, според оценка на СЈО, постојано им прават пречки и опструкциии во извршување на нивната работа. СЈО не се жали прв пат на несоработка со најголемиот кривичен суд во државата Скопје 1. Најпрво, на почетокот на 2015, па потоа и од самата специјална обвинителка Катица Јанева во Собранието на РМ, итн. Еве што кажа СЈО како дел од својата аргументација овој, последен пат:

  • Иако барањата беа предадени на дежурниот судија, сепак, од непознати причини за ова Јавно обвинителство, дежурниот судија беше заменет и барањата беа доделени на други судии на постапување….
  • Одлуки по повод нашите барања беа донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолговлекува и се оневозможува итност во постапувањето. Имено, ЗКП предвидел кратки рокови и тоа по барањето за издавање наредба за претрес судијата е должен да донесе одлука во рок од 12 часа, а доколку изрази несогласност, тогаш кривичниот совет треба да одлучи во рок од дополнителни 24 часа….
  • Сите останати барања за издавање на наредби за претрес, кои се однесуваа на сегашни и поранешни високи функционери, се одбиени.
  • Би укажале и дека до ова Јавно обвинителство се уште не се доставени записниците, ниту, пак, снимките од одржаните рочишта по повод поднесените обвинителни предлози во случаите за насилството во Општина Центар и за уништената документација во Управата за безбедност и контраразузнавање….

Основниот суд Скопје 1, во својот одговор вели дека од СЈО ја прескокнале процедурата и наместо преку писарницата, барањата ги доставиле директно до дежурниот истражен судија. Основниот суд не ги образлага и не се осврнува на другите аргументи што ги нуди СЈО како поткрепа на својот став!? Или, на пример, зошто ниту еднаш досега не го појаснија од Судот својот став за одбивање на изрекување на мерката притвор, од судии од тој суд, кои изрекувале и повеќе стотици такви мерки секоја година без око да им трепне?

Јавноста навистина има право да знае кој му врши притисок на судството. Како релеватен аргумент за проценување на поврзаноста на судството со политиката, на пример, може да биде фактот дека во 1996 година во еден ден, од речиси еднопартиски парламент биле именувани околу 600 судии (иако денес сведоци тврдат дека биле пробиени роковите со истечени мандати, па затоа морало тоа да се стори на една седница на Собранието).

 

„ТЕФТЕРЧЕТО“ МНОГУ ДОБРО СЕ СЛУША

Но, секако, за притисокот на судиите во последните неколку години може да биде и фактот дека во неколку објавени незаконски прислушкувани телефонски разговори, многу добро се слуша за поданичкиот менталитет на судиите кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски, како функционирало тефтерчето на Горде (на партијата-н.з.), како функционирало „сваровски судството“ и како функционирал со своето влијание тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, на пример.

Исто како што за притисоците и за тоа кој ги контролирал судиите сведочат и самите судии (како сега пензионираниот Михајло Маневски на пример), или, пак, со многу пософистициран јазик доскорешната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделковска или, пак, адвокатите, кои исто како и други поранешни пензионирани судии, обвинители и слично, секоја втора–трета вечер во настапи на телевизиите даваат свои аргументирани образложенија.

Извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија или на ОБСЕ, на пример, се повеќепати изнесувани во јавноста и тие директно посочуваат дека судството е во катастрофална состојба во однос на своето работење, а, пак, за делењето на предмети во врска со СЈО и директно е посочено како проблем.

Затоа, сосема е јасно дека тврдењето дека СЈО, кое работело за СДСМ, а која најави ревизија на судството и судиите, не се тие кои во овој момент или во последниве 10 можеле да прават притисок врз судовите и судиите и тоа е невистина. Тоа е, и било можно, само од луѓе од партијата или партиите на власт и тоа, ем како систем, ем на поединечно ниво.

За втората невистина, дека изчезнала причината за постоење на СЈО со тоа што го повлекле обвинението за „ПУЧ“, само може да се поткрепи со 10-те отворени истраги, 38-те предистраги, двете обвиненија и уште голем дел материјал за проверка од доставените незаконски снимени телефонски разговори и транскрипти. СЈО, со поддршка од 101 пратеник и од четирите најголеми партии во Собранието на РМ во 2015 г. е формирано со посебен закон и институцијата се вика Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незакоснкото следење на комуникациите!  Тоа значи дека се додека имаат мандат имаат уште многу за работа.

Според погоренаведените аргументи оценуваеме дека соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ, дека судиите се под притисок од СДСМ и СЈО, како и дека СЈО треба да се укине поради „Пуч“, се невистини.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција