„Тврдина“ – уништување на опремата за прислушување

 

Набргу по започнувањето на емитување на „бомбите“, неколку лица од врвот на МВР започнале постапка за уништување на современа опрема за прислушување – тврди СЈО во истрагата што ја отвори под име „Тврдина“

 

30.03.2016  – Оваа истрага на СЈО се однесува (ин)директно на главното прашање што требаше ова обвинителство да го расветлува, кој, зошто, кога и како прислушувал граѓани на РМ без законска основа.

До одговорот на ова прашање СЈО, преку индиции добиени од прислушуваните разговори, се обидува да стигне преку истрага за тоа кој, како и кога уништувал дел од современа опрема за прислушување.

Притоа, таргетот на барањето докази е во самиот врв на МВР, вклучувајќи ја и поранешната министерка за внатрешни работи. Еве што образложи на прес конференцијата обвинителката Ленче Ристовска:

Во овој предмет осомничени се двајца началници на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерот за внатрешни работи, кои во првата половина од 2015 година заедно со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла помогнати од осомничениот Началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од 10.000.000,00 евра или 615.000.000,00 денари.

Како што може да се види за прв пат во истрагите се наведени и сомневања за нанесена финансиска штета на Буџетот на РМ.

Сите детали за Истрагата од тоа време можте да ги прочитате тука.

Дел од медиумската презентација на отворањето на оваа истрага можете да најдете тука.

 

ОБВИНЕНИЕ

15.09.2016  – Истрагата за тоа кој и како прислушкувал и како се обидувал да ги затскрие трагите, беше претставена во случајот „Тврдина“, а неколку месеци подоцна, во септември таа година, веќе е подигнато првото обвинение поврзано со уништувањето на доказите.

Специјалната обвинителка Катица Јанева на тој ден најави две обвиненија, кои ги презентираше обвинителката Фатиме Фетаи, а стандардно на новинарски прашања, одговараше обвинителката Ленче Ристоска.

Еве што рече обвинителката Фетаи, презентирајќи го обвинението против 7 лица од МВР за фалсификување службена исправа, за дела кои се надоврзуваат со уништувањето на скапата опрема за прислушување:

Преземајќи истражни дејствија во насока на обезбедување на докази за тоа кој вршел, со какви средства и зошто е вршено неовластено прислушкување во Република Македонија, покрај она што беше соопштено во предметот Тврдина, ова обвинителство прибави и доказен материјал и за други кривични дела вршени со цел да се спречи откривањето, токму на претходно наведеното, кој, како и зошто прислушкувал.
Во тој контекст од доказите произлезе дека првообвинетиот во својство на службено лице во Петтата управа при УБК незаконито формирал комисија за ништење на службена документација и заедно со шесте членови на комисијата уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат за системите за следење на комуникациите.

Деталите од презентацијата на обвинението можете да ги прочитате тука.

Деталите медиумската презентација за ова обвинение, видете ги тука.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *