Учесниците во настаните од 27 април се обвинети како пучисти или терористи?

27 април 2017 - упад со насилство и обид за пуч. Фото: принтскрин

Обвинителката Вилма Рускоска смета дека ниту еден од 33-та обвинети во актуелниот процес во Кривичен суд не се обвинети за тероризам, според членот кој го третира ова кривично дело (394-б), туку за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик. Иако тоа јавно не го говорат адвокатите на обвинетите, како да настојуваат да го изберат оној реторички полесен член по кој евентуално би одговарале нивните клиенти. Во што е разликата?

 

 

Обвинителката Вилма Рускоска смета дека ниту еден од 33-та обвинети во актуелниот процес во Кривичен суд не се обвинети за тероризам, според членот кој го третира ова кривично дело (394-б), туку за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик. Иако тоа јавно не го говорат адвокатите на обвинетите, како да настојуваат да го изберат оној реторички полесен член по кој евентуално би одговарале нивните клиенти. Во што е разликата?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Почетокот на судењето на дел од групата која на 27 април 2017 година влезе во Собранието, ги нападна присутните таму (пратениците), пред сѐ, од партиите кои денес ја држат власта, но и новинарите и другите кои беа таму, со цел да го оневозможи конституирањето на новиот Парламент, со право доби голем публицитет. По неколку седници на судот за овој случај, три само во август, пред вратите на Судот, каде беа стационирани бројни ТВ екипи, избија „искричења“ меѓу одбраната и обвинителството. Адвокатите на обвинетите и нивните роднини, логично тврдеа дека триесет и тројцата од обвинителната клупа, пред сѐ, се невини, што е логично односно очекувано од нивна страна, најчесто и дека тие не влегуваат во квалификацијата „терористи“. Ова ја предизвика обвинителката во овој случај, Вилма Русковска, да даде подолга изјава за порталот „Сакам да кажам“, во која таа насетува дека одбраната бега од обвинението, кое ги товари обвинетите дека се огрешиле од членот 313 од КЗ и се наведува процесот кон евентуална примена само на членот 394-б каде тероризмот е поексплицитно нагласен во насловот.

 

Се изнаслушавме овие два дена во судницата дека овие 33 обвинети биле терористи. Реагирам на оваа хистерија. Ниту еден од 33-та обвинети не се обвинети за тероризам. Тоа е сосема друго кривично дело. За овие обвинети има цврсти докази за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик. Тоа е во Кривичниот законик во главата: Кривични дела против државата. Колегите адвокати би требало да знаат и да им објаснат на странките и на нивните семејства дека ова кривично дело е сосема различно од делото Тероризам, член 394-б (глава: Кривични дела против јавниот ред) и има сосема друг опфат на кривично-правни дејствија, вели Русковска за овој портал.

 

Судскиот процес за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година што почна на 22 август, така, се претвори во шпекулации дали обвинетите се терористи, кога ниту еден од нив не е обвинет за тероризам, туку за терористичко загрозување на уставниот поредок (или што ние колоквијално би го нарекле – се обвинети за пучисти).

 

ЕДЕН ЧЛЕН ЗА ПУЧ

Присутните роднини на обвинетите нивните најблиски со иронија ги нарекуваат терористи, а имаше и протест во кој група граѓани изразија револт дека обвинетите се гонат за тероризам, а дел од адвокатите, во воведните зборови ги искритикуваа Обвинителството за организиран криминал и обвинителката Вилма Русковска за монтирање на политички случај во кој клиентите им се преставени дека учествувале во тероризам.

Адвокатите во воведните зборови забележуваа дека е опасно и недозволиво за еден ист настан обвинителството некого (претходно) да гони за учество во толпа, за насилство и за обид за убиство, а одеднаш за овие 33 лица да поднесе обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Во нашето комуницирање со познавачи на кривичното право ни беше, најнапред речено дека е малку необично што нашиот КЗ, после последното „реформирање“ практично доби два члена во кои има тероризам, додека порано имало само еден член. Што значи да си гонет по едниот член (313) а што по вториот (394-б)? Каква е разликата во описот на чинењето на делото направено на 27 април, има ли разлики во казните и слично…

Кај првото дело, она опишано во членот 313 имаме напад врз институциите и затоа тоа се нарекува терористичко загрозување на уставниот поредок – објаснува Маргарита Цаца Николовска, долгогодишен наш судија во Стразбур, воедно и познат активист кога се правните прашања на разгледување. – Вториот член е сместен во главата за загрозување на јавниот ред и мир. Таму е загрозен јавниот ред, кој е исто така заедничка вредност, јавно добро, што секако е терорирзам, но не значи напад врз институција како во првиот случај.

Цаца Николовска вели дека обвинетите биле организирани како група, дека постапувале по однапред направено сценарио и дека практично пред очите на целата јавност влегле во Собранието со цел да оневозможат конституирање на Собранието, најважна институција за функционирање на демократијата (внатре се спротивставуваат мислењата на партиите, кои претставуваат различни интереси) битно за формирањето на власта (вториот чинител на парламентарниот систем). И сето тоа откако се избра претседател на Собранието, избор кој бил во тек и формално веќе завршен, што, според организаторите на упадот, не требало да се случи по никоја цена!

За Цаца Николовска оние кои влегле во Собранието требало да ги загрозат животите на присутните таму, пред сѐ, политичарите од дел од партиите, да ги обезглават некои од тие партии, да влеат страв во јавноста, преку сликите кои се ширеле и надвор од зградата, а потоа да предизвикаат интервенција во форма на воведување на вонредни мерки (народски речено – да се изведе пуч), со што Собранието пак би се ставило во некаква неконституирана фаза.

Што вели тој член -313 – од Кривичниот закон:

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Од нападот врз Собранието е јасно дека се загрозија животите на дел од пратениците, дел од обезбедувањето на Собранието и на новинарите, дека за миг се постигна слика дека системот се распаѓа и дека можат да започнат нереди од повисок степен, што потоа шефот на државата, веројатно би ги сопрел со изведување на поголеми полициски и воени единици на улиците.

Така и Русковска уште првиот ден, во своето воведно изложување на случајот, објасни дека Обвинителството за организиран криминал поднело обвинение само за лицата за кои има цврсти докази за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. На новинарско прашање кој ја има централната улога во организираниот упад во Собранието, одговори дека секоја од групите: напаѓачи, припадници на МВР, пратеници и организатори, имале своја централна улога.

 

ДРУГ ЧЛЕН ЗА ТЕРОРИЗАМ

Височината на казната за делата починети според двата члена кои говорат за тероризам се исти, дури во членот 394-б се говори и за можност од примена на казна доживотен затвор, но во основа казните се речиси идентични. Казните како мотив во одбраната, значи, во старт не вредат да се споменуваат, но факт е дека во членовите кои се наведени, тероризмот е различен по својот опфат.

Еве што вели тој член 394 – б според КЗ:

Тој што ќе изврши едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, грабнување на лица, уништување на јавни објекти, транспортни системи, објекти на инфраструктура, компјутерски системи и други објекти за општа употреба, грабнување на авиони или други средства на јавен транспорт, производство, поседување, транспорт, трговија, набавка или примена со нуклеарно оружје, биолошки, хемиски оружја и други видови на оружја и опасни материи, како и истражувања во насока на развој на биолошко и хемиско оружје, пуштање на опасни радиоактивни, отровни и други опасни супстанции или предизвикување на пожар или експлозија, уништување на постројки за снабдување со вода, енергија или други основни природни извори, со намера за загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор.

Цаца Николовска смета дека второто дело, барем во психолошка смисла, ги приближува обвинетите до можноста кај дел од јавноста да се нарекуваат „патриоти“. Како повеќе да се пледира на спонтаност и испровоцираност, отколку на плански напад, а може да има и некакви калкулации за второстепената постапка, кога Апелација евентуално по казните пропишани во првостепената постапка, би била поблага ако се работи за членот 349 – б.

Преформулирање на обвинението во смисла вината да се бара по член 349-б место кај 313, според Цаца Николовска е можно, но нема зошто, бидејќи настанот во кој се инволвирани обвинетите се случил во Парламентот, што е многу важно, има врска со рушење на уставен поредок, има организација и предизвикани последици. Тоа би требало да е лесно за докажување според обвинението.

Колку за судот, сметаат експертите, тој е ориентиран кон обвинението и доказите дека наведените кривични дела се сторени и нема да го интересираат препукувањата надвор од судската палата. Истите тие експерти имаат замерки што адвокатите се „истрошиле“ во воведните зборови, бидејќи, место да направат само кроки, на што ја засновуваат својата одбрана, тие направиле своевидни завршни зборови, што е лошо, бидејќи му олеснува на Обвинителството во правење на тактика.

Судењето продолжува речиси без пауза, сѐ до Нова година, до кога има распоред на предметните судења.

Ќе се знае ли дотогаш дали обвинетите се судат како пучисти или терористи?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција