Учениците од Хиподром конечно добија ново училиште

Вистиномер 14.12.2018 година, провери до каде е реализцијата на ова ветување и тогаш истотo го оценивме како делумно исполнето.

Фото: Фејсбук

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на ОУ „Вера Јоциќ“ и спортска сала во населба Хиподром. Целна група: Учениците од 1-9 одделение, спортските клубови, спортските рекреативци. Рок: 2018 година

[Извор: Изборна програма на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски за локалните избори (стр.16), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на ново ОУ „Вера Јоциќ“ и спортска сала во населба Хиподром е исполнето ветување на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври 2017година, насловена како: „Живот во Гази Баба! За сите!“ (стр.16).

Актуелниот градоначалник на Гази Баба на 26 ноември 2017 година, месец дена по неговиот избор за градоначалник, во интервју за Вечер најави дека училиштето целосно ќе биде изградено во 2018 година и дека во септември 2018 година ќе ги пречека учениците.

„Вистиномер“ 14.12.2018 година, провери до каде е реализцијата на ова ветување и тогаш истотo го оценивме како делумно исполнето. Градоначалникот Георгиевски, во изјава за „Вистиномер“ тогаш потврди дека зградата на училиштето е готова и дека се поврзува водоводната мрежа.

До крајот на годината ќе завршиме со ситните работи кои фалат и веќе од второто полугодие ќе почне преселбата во новото училиште, односно учениците ќе посетуваат настава во новата зграда – изјави Георгиевски за „Вистиномер“.

Иако тој најави дека учениците на почетокот од второто полугодие ќе се вселат во новата зграда на училиштето, сепак тоа се случи на крајот од полугодието. Имено, на 30.05.2019 година, Георгиевски, на својата официјална Фејсбук страна објави дека и официјално е пуштена во употреба новата зграда на ООУ „Вера Јоциќ“ во населба Хиподром.

Денеска и официјално е пуштена во употреба новата зграда на ООУ „Вера Јоциќ“ во населба Хиподром, со што ставивме крај на руинираните и лоши услови за работа. Од денеска учениците од прво до деветто одделение ќе имаат ново и модерно училиште по светски стандарди, каде ќе бидат воведени и три паралелки за дневен престој. Благодарение на поддршката на Владата и на Министерството за образование и наука, но и на нашата истрајност овој проект да се реши до крај. Нашата соработка продолжува со изградба на нова спортска сала за ова училиште. Училиштето е изградено според моделот на самоодржливи и енергетско ефикасни објекти, а адаптиранo е и за лица со посебни потреби, каде има лифт и специјализирани тоалети. Досега 16 милиони денари вложивме во капитални инвестиции во училиштата. Со овие средства извршивме замена на прозорите, обновивме кровни површини, реконструкција на санитариите, како и енергетска фасада во училиштата. Набавивме 70 смарт табли за сите училишта, вршиме обнова на стариот мебел, а од оваа година го превземавме и трошокот за обезбедувањето на училиштата, објави Георгиевски.

Имајќи го предвид сето ова, може да заклучиме дека ветувањето на градоначалникот на Гази Баба за нова зграда на училиштето „Вера Јоциќ“ во Хиподром, иако со задоцнување од 9 месеци (беше ветена реализација за септември 2018 година, а се реализираше во мај 2019), е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.