Учениците од ООУ “Jоаким Крчовски” во Крива Паланка не ја добија ветената спортска сала
Со оглед на тоа дека централното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ има многу мала училишна спортска сала, предвидено е да се започне со изградба на нова училишна сала која ќе биде сместена зад централното училиште „Јоаким Крчовски“. За оваа цел до сега е изготвен проект, извршени се геомеханички истражувања и во наредниот период ќе се започне со негова реализација. (Извори на финансирање: Буџет на Република Македонија ,Рок за реализација: 2014)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори (2013-2017 година) во Крива Паланка, дел „Образование и наука“, (стр.21) каде што кандидат и актуелен градоначалник е Арсенчо Алексовски, еден од ветените проекти е изградба на училишна спортска сала во ООУ “Joaким Крчовски” со рок за реализација до 2014 година. Досега ова ветување не е исполнето.
Изградбата на училишната спортска сала во ООУ “Joaким Крчовски” беше најавувана и во 2012 година од страна на тогашниот mинистер за образование Панче Кралев:
Во наредниот период, во општина Крива Паланка, се планира изградба на спортска сала во ООУ „Јоаким Крчовски“ и реконструкција на санитарни јазли во СОУ „Ѓорче Петров“ и ОУ ,,Илинден“. (изјава на поранешен Министер за образование, Панче Кралев, 23.12.2012)
Последниот Oтчет за работата на Општина Крива Паланка го покрива периодот од март 2013-февруари 2014 година. Во Отчетот за овој период не се споменуваат активности во врска со реализација на проектот за изградба на училишна спортска сала во ООУ „Joаким Крчовски”. Во Отчетот единствено се споменува поставувањето на нови подвижни алуминиумски спортски трибини кои се поставени во дворот на училиштето и се донација од приватна фирма.
При електронското пребарување на спроведените активности на Општината, а во врска со инфраструктурни зафати на ООУ „Joaким Крчовски”, последни активности се реконструкцијата на училиштето во 2011 година, кога преку ИПА програмата е извршена замена на кровната конструкција и дрвената столарија. Нема други информации за спроведени активности за исполнување на ова ветување. При детално разгледување на годишните програми за образование на општината за 2013, 2014, 2015, 2016 година, исто така, нема информација за спроведување на овој проект.
Инаку, основното училиште „Јоаким Крчовски“ работи од 1944 година, а денес покрива 9 подрачни училишта во селата Дурачка Река, Станци, Луке, Огут, Нерав, Подржикоњ, Дубровница, Узем и Жидилово.
Имајќи ја предвид оваа анализа, изборниот проект: Изградба на училишна спортска сала во ООУ „Јоаким Крчовски“, се оценува како неисполнет.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013 – 2017 („Образование и наука“, стр.21) (Арсенчо Алексовски) [Пристапено на: 17.05.2016]
- Општина Крива Паланка, Отчет за 2013 година [Пристапено на: 17.05.2016]
- Општина Крива Паланка – Документи [Пристапено на: 17.05.2016]
- Фокус (18.10.2014): СДСМ: Локалната власт во Крива Паланка се што вети, ништо не исполни [Пристапено на: 17.05.2016]
- Maxim.mk (23.12.2012): Министерот Кралев ја посети Крива Паланка[Пристапено на: 17.05.2016]
Оценето од: Mилена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар