Учениците од ОУ „Петар Мусев“ не добија нова спортска сала
Изградба на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“. Во рамки на проектот „145 спортски сали” за поттикнување на правилен психофизички развој и поттикнување на спортскиот и натпреварувачкиот дух кај младите и возрасните, во соработка со централната власт ќе се изгради спортска сала во ОУ „Петар Мусев“. ( Рок јули 2015 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“ е дел од предизборната програма (стр.21) за локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ (2013-2017) година на актуелната градоначалничка на Општина Богданци, Анастасија Олумчева. Ова изборно ветување не е исполнето.
Изградбата на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци Олумчева ја најави и за време на предизборната кампања во април 2013 година.
Мора да се изгради спортска сала во училиштето за да има место за спортските активности на учениците. Само во спортска сала тие можат да ја изразат својата желба за конкуренција, играјќи на разни турнири и купови, рече Олумчева, пренесе порталот А1он.
На интернет пребарувачите никаде не може да се најде информација за тоа дека учениците на ОУ „Петар Мусев“ добиле нова спортска сала. Таква информација нема ниту на официјалната Фејсбук страна на градоначалничката Олумчева.
Кога во полето за пребарување на нејзината Фејсбук страна ќе напишете ОУ „Петар Мусев“ излегуваат најразлични информации поврзани со училиштето, но во ниту една од нив не се спомнува изградба или дека е пуштена во употреба нова спортска сала.
Со цел да добиеме потврда дека салата не е изградена, се обративме со прашање до официјалната електронска пошта на Општина Богданци, но одговор не добивме. Сепак, жители на Богданци, чиишто деца посетуваат настава во ова училиште, ни потврдија дека училиштето е реновирано, но нова спортска сала сè уште не е изградена.
Според сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Олумчева за изградба на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“ не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Локални избори (2013-2017) Програма (Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Богданци) – Анастасија Олумчева [Пристапено на 06.03.2017]
- А1он (04.04.2013) Олумчева најави изградба на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци [Пристапено на 06.03.2017]
- Канал 5 ((04.04.2013) Олумчева најави изградба на спортска сала во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци [Пристапено на 06.03.2017]
- Официјална Фејсбук страна на Анастасија Олумчева [Пристапено на 06.03.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар