Укинат е советот за утврдување факти и одговорност кај судиите

Фото: pxhere.com

 

Ќе го укинеме Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 232 , датум: декември 2016]  

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека ќе го укине советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.  Ова изборно ветување на социјалдемократите, дадено во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“, во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“ (стр.232),  е исполнето.

Во јануари оваа година (2018)  Собранието на РМ го укина Советот за утврдување факти, кој беше формиран во февруари 2015 година кога за оваа цел беше донесен посебен закон. На  седницата одржана на 11 јануари (2018) парламентот на предлог на Владата  го  донесе  Законот за престанок на важењето на законот за советот за утврдување  факти и покренување на постапка за утврдување  одговорност кај судиите, по што тој беше објавен  „Службен весник“. Според образложението на предлагачот (Владата):

Праксата покажала дека формирање на вакво професионално тело за покренување  постапка за утврдување одговорност на судија, не ја остварила целта на основањето, туку, напротив, истото било формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултирало со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајќи ги и забелешките од Венецијанската комисија.

Две недели претходно, пак, на 28 декември 2017 година,  Собранието  ги  донесе измените на Законот за Судскиот совет. Целта на овие измени е да се префрли надлежноста што  ја имаше советот за утврдување на факти  на Судскиот совет.

Дека е укинато ова тело во прависудниот систем е посочено и во  отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат ( презентиран на 30.05.2018 година), каде на стр.13  е наведено:

Беше укинат Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување дисциплинска одговорност на судија, а се врати надлежноста на Судскиот совет на Република Македонија

Имајќи ги предвид презентираните информации објавени  во медиумите и на официјалната веб-страница на Владата,   ова изборно ветување на СДСМ го сметаме за исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.