Улицата „Босна и Херцеговина“ не е претворена во булевар

Проширувањето на улицата „Босна и Херцеговина“ не е е почнато. Фото: принтскрин

Во соработка со Град Скопје ќе се реконструира и прошири улицата „Босна и Херцеговина“ со што ќе се предвиди модерен булевар со четири сообраќајни ленти од бул. „Христијан Тодоровски Карпош” до улицата „Кемал Сејфула“.  (Рок: 2015-206)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во делот „Транспорт и патна инфраструктура“ во својата изборна програма со која ја побара довербата на граѓаните на општина Бутел на локалните избори во 2013 година, Петре Латиновски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на 45-та страница вети проширување и реконструкција на улицата Босна и Херцеговина на потег од булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до улицата „Кемал Сејфула“.

Истото ветување го даде и Коце Трајановски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје на локалните избори во 2013 година, во својата изборна програма на страница 27 во делот „Урбанизам, булевари, мостови“.

ПРОЕКТ: ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА „БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА“

Опис на проектот: Град Скопје ќе ја реконструира и прошири улицата „Босна и Херцеговина“ со што ќе се предвиди модерен булевар со четири сообраќајни летни од бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ до улица „Кемал Сејфула“. (Рок: 2015-2016)

Рокот што го наведоа е 2016 година, но со оглед на фактот што до крајот на 2016 година остануваат два месеца, а работите не се мрднати од мртва точка, односно и да почнат сега, проектот не може да се реализира до истекот на рокот. Поради тоа ова ветување може да се смета за неисполнето.

Имено, на овој дел од улицата Босна и Херцеговина, како што може да се види на терен досега не се преземени никакви активности за реконструкција и проширување. Тоа е всушност делот од крстосницата каде што сега завршува булеварот, па минува покрај бараките во кои порано беше седиштето на општина Чаир, а потоа и општина Бутел и завршува до крстосницата со улицата Ќемал Сејфула, односно крстосницата од која се оди кон кружниот тек на влезот на населбата Бутел. Станува збор за улица со две сообраќајни ленти, а потегот е долг 200 до 300 метри.

Пребарувањето на веб-сајтот на општина Бутел и на веб-сајтот на Град Скопје, како и прелистувањето за некакви активности за реконструкција и проширување на оваа улица не донесоа резултат. Најави и планови за ваков зафат не може да се пронајдат ниту со пребарување на агрегаторите на вести Тајм и Грид.

Според тоа, бидејќи активности за исполнување на ова ветување – реконструкција и проширување на улицата Босна и Херцеговина и нејзино претворање во булевар не се преземени, се смета дека ветувањето на Петре Латиновски и Коце Трајановски е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.