Улицата „Даме Груев“ не стана булевар

Сѐ уште не се знае како ќе се реши проблемот со зградата на „Макотекс“ Фото: Portalb.mk

 Проект: Изградба на булевар „Даме Груев“.

Опис на проектот: Проширување на улицата „Даме Груев“ и изградба на модерен булевар со 4 сообраќајни ленти од ТЦ „Палома бјанка“ до Собранието на Република Македонија. Со реализацијата на овој проект ќе се формира соодветно сообраќајно решение за Малиот ринг и ќе се отвори можност за претворање на улицата „Димитрија Чуповски“ во пешачка зона. (Рок: 2016 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на булевар „Даме Груев“ е неисполнето ветување на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (стр.55).

Идејата на проектот за изградба на булевар „Гоце Делчев“ е сообраќајот да се реорганизира и улицата кај „Рекорд“ да се уреди како пешачка зона, проект што е планиран со Генералниот урбанистички план изработен од јапонскиот архитект Кензо Танге.

Изградбата на булевар покрај Градски ѕид, преку проширување на улицата „Даме Груев“, како што пренесе „Плусинфо“ на 21.11.2014 година, Трајановски во тоа време ја најавил во емисијата „Јади бурек“. При своето гостување во емисијата, градскиот татко посочил дека се откажува од идејата за подземна сообраќајница која требала да го поврзе булеварот „Гоце Делчев“ кај Влада со булеварот „Кочо Рацин“ кај „Веро центар“.

Се откажуваме од подземната, затоа што и онака ќе беше скапо прекинувањето на главните атмосферски колектори. Од друга страна, со формирање на пешачка зона во Мал ринг, тоа нема да биде ни потребно – изјави градоначалникот при неговото гостување во емисијата „Јади бурек“.

На 26.02.2016 година, порталот Скопјеинфо, информира дека бил распишан оглас за изработка на проект за инфраструктура со сите фази за улицата „Даме Груев“, од раскрсницата со улицата „Димитрија Чуповски“ и улицата „ВМРО“ до улицата „11 Октомври“ и улица „Филип Втори Македонски“.

Од Градот процениле дека изработката на проектот ќе ги чини околу 5.000 евра.

На 20.04.2017 година, порталот Калимеро, пренесувајќи текст на „Утрински весник“, објави дека улицата „Даме Груев“ сè уште не станала булевар.

И по речиси една година нема ништо ново со проектот за проширувањето на улицата „Даме Груев“. Градските власти се уште ја обезбедуваат потребната документација, а допрва ќе треба да се одлучи како ќе се реши проблемот со зградата на „Макотекс“, чии делови пречат за непречено ширење на улицата.

„Вистиномер“ се обрати до Град Скопје со прашање, до каде е постапката за проектот за проширување на улицата „Даме Груев“. Оттаму ни одговорија дека за ова прашање се работат повеќе студиии:

Проектот за проширување на улицата „Даме Груев“ се прави со цел давање на сообраќајна алтернатива и овозможување на претворање на дел улицата „Димитрија Чуповски“ во пешачка зона. Со цел реализирање на овој проект, Град Скопје е во фаза на правење на повеќе студиии, проценки за начинот на отстранување на објектот или дел од објектот што се наоѓа на трасата на проширувањето („Макотекс“ или кај кафе барот Корзо). Овој проект е во фаза на проектирање , по што ќе се пристапи кон реализација на останатите фази за проширување, посочија од Градот.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека мандатот на градоначалникот Трајановски формално истече во мај, може да се заклучи дека неговот ветување за изградба на булевар „Даме Груев“ е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција