Улицата „Скупи“ е проширена, кружниот тек ќе почека

vmro-dpmne-logo

 

Проект: Проширување на ул. „Скупи“ до бул. „8 Септември“.

Опис на проектот: Со ова проширување на ул. „ Скупи“ до бул. „8 Септември“ ќе се растовари тесното сообраќајно грло на овие улици. Доколку постои можност, проширувањето ќе се направи со кружен тек. (Рок: 2014-2017 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за проширување на ул. „Скупи“ до бул. „8 Септември“ со изградба на кружен тек, е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Овој проект е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како: „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје!“ (стр.57).

За време на предизборната кампања, градоначалникот Трајановски, на прес-конференција, одржана на 16.03.2013 година, го промовирал проектот за проширување на улицата “Скупи” до булеварот “8 Септември”.

Ова е значајна раскрсница бидејќи тука поминуваат голем број на возила од Чаир, Бутел и Гази Баба кои сакаат да дојдат директно до општината Карпош или да продолжат кон Ѓорче Петров. Во наредниов период ќе изработиме проект за нејзино проширување, а доколку условите и имотно-правните односи дозволуваат тоа ќе биде уредено со кружен тек. Доколку не постојат услови за изградба на текот ќе се изврши проширување на сообраќајницата со дополнителна сообраќајна лента и на “8 Септември”, на улицата “Скупи” и на делот кој доаѓа од Момин Поток, информира Вечер.

На 08.12.2013 година,  медиумите информираа дека е проширена крстосницата кај Момин поток, односно дека е пуштена трета коловозна лента на улицата „Скупи“.

Екипите на Град Скопје деновиве изградија трета коловозна лента на улицата „Скупи”, пред вкрстувањето со булеварот „8.Септември”, со што се прошири оваа прометна крстосница на должина од 200 метри. Проширувањето е изведено на површина од околу 920 квадратни метри. На терен беа изведени рачни и машински ископи на земја, беше поставен тампонски слој од дробен камен, а потоа површината е асфалтирана со 395 тони асфалт, јави А1он.

Ваквата информација ни ја потврдија и од Град Скопје.

Екипите на Град Скопје во 2013 година изградија трета коловозна лента на улицата Скупи, пред вкрстувањето со булеварот 8.Септември, со што оваа прометна крстосница се прошири на должина од 200 метри. По должината на новата коловозна лента беше формиран и нов тротоар со површина од 400 квадратни метри, покриен со асфалт. За изградба на трета коловозна лента на улицата Скупи пред крстосницата со булеварот 8.Септември од буџетот на Град Скопје се издвоени околу 3,5 милиони денари, изјавија од Градот за Вистиномер.

Што се однесува до изградбата на кружниот тек на оваа раскрсница, кој се спомнува во ветувањето на Трајановски, во Отчетот за сработеното во 2016 година, градскиот татко, во делот на реализирани проекти во Општина Карпош, спомнува дека изградбата на кружниот тек на бул. 8 Септември кај Хубо Маркет ќе почне во 2017 година, но не прецизира точно кога.

Од Град Скопје за „Вистиномер“ велат дека на овој проект активно се работи.

Активно  се работи и на проекти за дополнителни интервенции со цел подобрување на сообраќајот на оваа крстосница. Општина Карпош има нарачано студија за изводливост на кружна турбокрстосница и штом ќе биде изработена и доставена до Град Скопје, веднаш ќе се пристапи кон изработка на сообраќајни и инфраструктурни проекти за реализација на кружниот тек. Во меѓувреме беше реализирано едно проширување на крстосницата, од страната на Хубомаркет.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Трајановски за проширување на ул. „Скупи“ до бул. „8 Септември“ и изградба на кружен тек е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *