Уставен суд се прогласи за ненадлежен, па се премисли и ја поништи одлуката за распуштање на Собранието

За три месеци Уставен суд донесе две спротивни одлуки за распуташњето на парламентот Фото: Принтскрин

 

На 25.05.2016 СДСМ со соопштение реагираше на потегот на Уставниот суд  да ги поништи одлуките за распуштање на Собранието,  донесени на 18 јануари и на 23 февруари 2016 година. Во партиското соопштение, меѓу другото, се вели:

Се потврди и она што СДСМ цело време го говори, дека едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за распуштање на Собранието со одложено дејство е неуставна…

Пред три месеци, на 18 февруари Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучи за уставноста на одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство. Денес, Уставниот суд донесе сосема спротивна одлука.

[Извор  СДСМДатум: 25.05.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за коментар на социјалдемократите на Одлуката на Уставниот суд да ја поништи одлуката за распуштање на Собранието. Имено,  уставните судии на 25.05.2016 година едногласно одлучија дека актот со кој се изгласало распуштање на Собранието со одложено дејство, не е во согласност со уставните начела. Ваквиот потег на уставните судии следеше откако минатата седмица (18.05.2016) Уставниот суд прифати да ја разгледа Иницијативата поднесена од ДУИ.

Пред три месеци, пак, односно на 18.02.2016 година,  Уставниот суд се прогласи ненадлежен за ова прашање и ја отфрли Иницијативата на Павле Трајанов и на Тодор Петров. Така што, без да навлегуваме во политичките квалификации искажани во соопштението на СДСМ, тврдењата дека  Уставниот суд најпрвин се прогласи за ненадлежен за одлукта за распуштање на парламентот,  а потоа се  премисли (25.05.2016) и за истата работа „ донесе сосема спротивна одлука“, ги сметаме за вистинити.

 За што всушност се работи?

На седницата на Уставниот суд оджана на 25.05.2016  сите деветмина судии се согласиле да ги поништат  одлуките за распуштање на Собранието на Република Македонија, едната од 18 јануари, а другата од 23 февруари 2016 година.

Образложението за поништувањето на одлуките донесени од страна на Собранието е исто како и Одлуката за поведување на постапка за оцена на нивната уставност. Одлуката за поништување на двете одлуки на Собранието на РМ ќе стапи на сила од денот на нејзиното објавување во Службен весник, велат од Уставен.

Ваквата Одлука на Уставниот суд беше очекувана, откако на претходната седница (18.05.2016) Судот едногласно одлучи да поведе постапка по иницијативата на пратеникот од ДУИ Талат Џафери, кој ја оспори уставноста на собраниската одлука за самораспуштање.

Судијата известител, Исмаил Дарлишта, тогаш (18.05.2016), меѓу другото, соопшти:

При разгледувањето на одлуките се јавуваат како спорни повеќе дилеми: дали повторно може да се состане Собранието кое е распуштено со негова одлука за да ја менува одлуката, што, според мене лично, е недопуштено бидејќи орган кој е распуштен не може да носи повторно одлуки; потоа, дали може да продолжи мандатот на пратениците и по распуштањето на Собранието; дали оспорената одлука е подобна за уставносудска оцена, за што мислам дека ние, како Уставен суд, и тогаш реков дека сме надлежни затоа што последиците од Одлуката се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија; дали Уставот на РМ го предвидува прашањето за одложено важење за распуштањето на Собранието и последното спорно прашање е дали Собранието може да ја проширува својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од тоа што е регулирано во Уставот, што, според мене, таков услов нема ниту еден орган во РМ, па ни Собранието.(Дарлишта -18.05.2016)

Генералниот секретар на Уставниот суд, Оливера Филиповска,   откако заврши гласањето на судиите (18.05.2016) , информираше:

Судот едоногласно донесе одлука да поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието од 18 јануари 2016 година и одлуката за изменување на оваа одлука од 23 февруари 2016 година. Донесена е одлука судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија кои се преземаат, а кои произлегуваат од од овие одлуки (Оливера Филиповска)

Но, за разлика од ваквата определба на Уставниот суд искажана со одлуките од 18.05.2016 година и од 25.05.2016 година, Уставниот суд на 18.02.2016 ја отфрли Иницијативата, поднесена од Трајанов и од Петров, за оценување на уставноста на одлуката на Собранието да се самораспушти со одложено дејство. Мнозинството судии тогаш одлучи дека Судот не е надлежен да расправа за поединечен акт, каков што е одлуката за распуштање на Собранието. Судија известител за Иницијативата беше судијката Наташа Габер-Дамјановска, која во образложението истакна дека:

Уставниот суд треба да поведе иницијатива бидејќи е надлежен, што произлегува и од одговорот доставен од Собранието со кој не се оспорува надлежноста на Судот, туку само се наведува дека сметаат дека Судот не треба да поведе постапка.

Според Габер-Дамјановска, „самата Одлука за самораспуштање со одложено дејство е преседан што за прв пат се среќава во земјава, особено што и во претходни изборни циклуси сме имале предвремени парламентарни избори, а Собранието се распуштало во истиот ден кога претседателот на Собранието ги распишувал изборите“.

На иста линија со Габер – Дамјановска беа и настапите на уште тројца уставни судии: Сали Мурати, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта кои сметаа дека  „Уставниот суд е надлежен да постапува по оваа Иницијатива.

Претседателката на Уставниот суд Елена Гошева, тогаш се произнесе дека е контра ставот на судиката Габер. Таа сметаше дека иницијативата треба да се отфрли бидејќи Уставниот суд не може да одлучува за поединечни акти, туку само за закони.

Зборуваме за акт кој не е закон или пропис, туку е поединечна одлука. Дефинитивно не може Уставниот суд да ја прифати оваа иницијатива и да одлучува мериторно за уставност на акт кој не е закон или пропис, туку е конкретен поединечен акт, рече Гошева.

По завршување на расправата, Иницијативата на Трајанов и на Петров за оценување на уставноста на Одлуката за одложено распуштање на Собранието, беше отфрлена со 5 гласа „против“ и четири гласа „за“.  Наспроти ваквиот став на Уставниот суд, три месеци подоцна, (25.05.2016) Судот со едногласна Одлука ги поништи двете одлуки за распуштање на Собранието на Република Македонија, едната од 18 јануари 2016 година, а другата од 23 февруари 2016 година.

Имајќи го предвид  сето ова наводите искажани во соопштението на СДСМ:

Пред три месеци, на 18 февруари Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучи за уставноста на одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство. Денес (25.05.2016 н.з.), Уставниот суд донесе сосема спротивна одлука.

ги оценуваме како вистинити

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција