Ветената социјална пензија ќе го чека крајот на мандатот на Владата

Државната пензија, ветена како приоритет кој ќе се реализира во првите две години на новата Влада, сега се пролонгира за 2020 година. Фото: СДСМ

Имајќи предвид дека социјалната пензија е ветена како приоритет кој ќе се реализира во првите две години на новата Влада, а сега фактички имплементацијата на оваа мерка се пролонгира за крајот на мандатот на Владата (2020), ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како недоследно

Ќе воведеме државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост, кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија. Таквите лица ќе имаат право на државна пензија. Државната социјална пензија, на почетокот, ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија.

[Извор: Изборна програма на СДСМ, (2016), „План за живот во Македонија“ (стр.243);]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети државна социјална пензија, која ќе биде во висина од 40 отсто од просечната старосна пензија, за лицата над 65 години старост, a кои во последните 20 години живеат во Македонија и не ги исполнуваат условите за старосна пензија. Ова изборно ветување на социјалдемократите е дадено во изборната програма: „План за живот во Македонија“ и е дел од: ПЛАНОТ 24М ИТНИ РЕФОРМСКИ ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА ВО ПРВИТЕ 2 ГОДИНИ“ (стр.241). Според споменатите изборни проекции на СДСМ, социјалната пензија треба да се водеде најдоцна до први јуни 2019 година (со оглед на тоа што новата Влада предводена од премиерот Зоран Заев беше избрана пред полноќ на 31 мај 2017 година). Сепак, наспроти ваквите планови, досега (04.01.2018) не се направени чекори во однос на реализација на ова ветување, а последните информации од Министерството за труд и социјална политика говорат дека спроведувањето на оваа мерка се пролонгира за 2020 година, односно за крајот на мандатот на оваа Влада, така што ветувањето го сметаме за недоследно.

Ветувањето за социјална пензија го има на неколку места во Изборната програма на СДСМ (2016). Најпрво е посочено на стр.5, како еден од клучните чекори за обезбедување  „живот за сите граѓани на Македонија“, потоа се споменува на стр. 109 во делот „Флексибилни услови за пензија, па на стр. 243 во делот „Социјална заштита“, како мерка од итните реформски приоритети на новата Влада, која треба да се реализира во првите две години (до јуни 2019).

Истото ветување го има и во Програмата за работа на Владата 2017-2020 (стр.10), но таму не е наведен прецизен рок за реализација:

Владата ќе настапи со предлог за воведување на државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија.

Да потсетиме дека државна социјална пензија, исто така, ветуваа премиерот Заев и други функционери од СДСМ во своите настапи во кампањата пред вонредните парламентарни избори (декември 2016).

На први декември 2016 година Заев, како носител на кандидатската листа во изборната единица 4, при неговата посета на општина Ново Село, меѓу другото, вети:

Укинување на персоналниот данок во земјоделството, воведување државна социјална пензија и инвестиции во комуналната инфраструктура во руралните средини

На 26 ноември 2016 година, носителот на листата на СДСМ во втората изборна единица, Оливер Спасовски, на митингот во Куманово  најави дека СДСМ по изборите ќе воведе социјална пензија за секој што нема доволно работен стаж.

Најавувам нова мерка, воведување на државна социјална пензија за секој граѓанин кој нема доволно работен стаж, односно нема 15 години работен стаж. Таа пензија би изнесувала 70 проценти од просечната пензија во Македонија. Секој граѓанин да има можност достоинствено да живее.

Истиот ден (26.11.2016) носителот на кандидатската листа во Изборна едница 3 од Љупчо Николовски од СДСМ, во Крива Паланка презентирајќи го „Планот за живот во Македонија“, вети:

Ќе воведеме социјална пензија од 4.800 денари за сите кои не можат да остварат право на пензија по ниту еден основ или кои немаат 15 години работен стаж, а се на возраст од 65 години.

Истото ветување СДСМ го повтори и по изборите. Во соопштение од  22.01.2017 година социјалдемократите велат:

Секој ќе има пензија од државата. Со оваа мерка од Планот за живот сакаме да ја измениме сегашната ситуација на гладните или/и болни луѓе во возрасни години, кои немаат финансиска можност сами да се грижат за себе, затоа што не ги исполниле условите за пензија. Сите жени кои ќе наполнат 62 години и сите мажи кои ќе наполнат 64 години, а не ги остваруваат условите за старосна пензија, ќе добиваат државна социјална пензија. Право на државната пензија ќе имаат граѓаните кои во последните 20 години живеле во Македонија. Државната социјална пензија на почетокот ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија...

Од оваа 2017 година почнуваме да го создаваме животот кој го избравме.

Неодмна (29.12.2017), Радио Слободна Европа пренесе став од Министерството за труд и социјална политика дека мерката ќе се применува од 2020 година:

Деновиве од Министерството за труд и социјална политика добивме одговор дека нивната предлог програма за социјална заштита на старите лица е за периодот од 2017 до 2020. Воведувањето на државна социјална пензија е предвиденo со Програмата за работа на Владата на Македонија 2017-2020 година, а мерката треба да се имплементира од 2020 година, наведуваат од Минстерството.

За реализација на оваа мерка потребна е анализа со која ќе се дефинира опфатот на граѓани и тоа граѓани кои живеат на територија на Република Македонија, имаат македонско државјанство и имаат живеалиште на територијата на државата. Исто така, целта е да се опфатат и граѓани кои веќе имале период на осигурување и определен период на работен стаж во Република Македонија, но тој стаж е под 15 години и немаат стаж на осигурување во друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување. Анализата треба да покаже колку македонски државјани со возраст над 65 години остваруваат некакви други приходи. (Радио Слободна Европа)

А, токму за тоа дека не го одржала зборот за воведување државна пензија, опозицијата ја критикуваше владејачката СДСМ во периодот кога се водеше дебатата за Буџетот за 2018 година. Во врска со ова, Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ( 17.11.2017 ) обвини :

СДС во новиот буџет за 2018 не предвиде уште еден проект кој секојдневно го ветуваа во предизборието. СДС на сите граѓани над 65 години, кои немаат остварено услови за пензија, а живеат над 20 години во Македонија им ветуваше дека ќе им даде државна социјална пензија, а сега со новиот буџет не предвидува пари за тој проект, 

Па, имајќи предвид дека социјалната пензија е ветена како приоритет кој ќе се реализира во првите две години на новата Влада, а сега фактички имплементацијата на оваа мерка се пролонгира за крајот на мандатот на Владата (2020), ова изборно ветување на СДСМ го оценуваме како недоследно.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска