Ветените 12 милиони евра од „Мадерсон“ од „Бунарџик“ ги одвеа ветрот

Со „Мадерсон“ се застана на камен-темелникот. Фото: Фактор

Дека „Мадерсон“ не изградила фабрики во Бунарџик можеме да увериме и преку веб-сајтот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Во делот Корисници оваа индиска компанија не фигурира

 

 

Индиската компанија „Мадерсон груп“ денеска со поставување камен-темелник во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 го официјализираше влезот на македонскиот пазар.

Станува збор за инвестиција вредна 12 милиони евра со која треба да се обезбедат нови 140 вработувања. Планирано е на површина од 2,7 хектари да бидат изградени два производствени погона во кои ќе се произведуваат делови за ретровизори, односно во еден од објектите лимени делови за ретровизори, а во другиот стакло за ретровизори. Целото производство ќе биде наменето за европските производители на автомобили кои ќе ги добиваат готовите ретровизори претходно монтирани во фабрика на групацијата во Унгарија.

Новите објекти треба да бидат готови за една година, односно до август следната година. 

Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен-темелник, истакна дека е гордост што во Македонија влегува голем гигант како што е „Мадерсон груп“ којшто е присутен во околу 30 земји од светот и кој успеал секаде каде што отворил фабрика. (Рок: август 2012 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 31 август 2011 година во зоната Бунарџик, односно Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1, е поставен камен-темелник за, како што е тогаш кажано, два објекта на индиската компанија „Мадерсон груп“, во која би се произведувале ретровизори кои би се продавале на европските производители на автомобили. Како што стои во информацијата објавена на веб-сајтот на Владата на Република Македонија, од која е делот што е цитиран погоре, станува збор за инвестиција од 12 милиони евра.

Бидејќи голем дел од текстовите за овој настан на голем број медиуми кои се „архивирани“ на агрегаторите на вести, се сега недостапни, во потрага по тоа што точно во таа пригода најавува тогашниот премиер Никола Груевски, наидовме на цитат во текст на „Фактор“ од 22 март 2013 година, во кој исто така се наведува дека инвестицијата е нереализирана.

Во првата фаза, инвестицијата ќе биде со вкупна вредност од 12 милиони евра, а во двата погони ќе се вработат 140 луѓе. Во разговорите кои ги имав со сопственикот на компанијата, тој ми најави дека се заинтересирани и за изградба на други капацитети во Македонија“, изјави на 31.08.2011 премиерот Никола Груевски.

Како што лесно може да се утврди, таа инвестиција не се реализира, односно компанијата не инвестира во Македонија, па соодветно на тоа, ветувањето за инвестиција од 12 милиони евра и вработување 140 луѓе, коешто го кажува Груевски, е неисполнето.

Дека „Мадерсон“ не изградила фабрики во Бунарџик можеме да увериме и преку веб-сајтот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Во делот Корисници оваа индиска компанија не фигурира. Освен тоа, и текстот на „Фактор“ од кој е извадена погорната изјава на Груевски, е токму за нереализираната инвестиција.

Но, случајот „Мадерсон“ не завршува само на тоа. Имено, опозициската СДСМ на 21 март 2014 година и на 13 ноември лани обвини дека за „Мадерсон“ Владата дала субвенции.

Со оглед на сè досега утврдено, ветувањето на Груевски и на Владата за инвестиции од 12 милиони евра од Мадерсон е неисполнето.

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

ИЗВОРИ