Ветените измени на Изборниот законик стојат во место

Сè уште не се направени законски измени за водевување отворени листи, избор на градоначалник во прв круг и намалување на цензусот за локален референдум Фото: Принтскрин

 

Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници. Ќе предложиме измени во Изборниот законик со кои ќе воведеме отворени листи за избор на советници, а изборот на градоначалник ќе биде само во еден круг. На тој начин, граѓаните (а не партиите) ќе имаат одлучувачко влијание, но и ќе се намалат изборните притисоци и трошоци. Ќе го намалиме цензусот за референдумско изјаснување на граѓаните за прашања од локално значење…

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр.229 и стр. 231 рок: Шест месеци од формирање на Влада (01.12.2017)]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 

Во предизборната програма  „План за живот“, стр.229 и стр. 231, со која социјалдемократите излегоа на парламентарните избори во декември 2016 година, тогаш опозицискиот СДСМ вети дека ќе предложи измени на Изборниот законик, со цел пратениците да се избираат во една наместо во шест изборни единици како сега, пратениците и советниците да се избираат на отворени листи, а градоначалниците во еден изборен круг, додека цензусот за референдумот за локални прашања да се намали. Иако, ова изборно ветување на СДСМ е дел од „Планот 180 – итни реформски приоритети во првите 6 месеци на новата Влада“ (229 -231), сепак, девет месеци откако СДСМ формираше Влада, тоа не е реализирано.

 

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

Инаку, прекројувањето на изборните граници, односно сведувањето на шесте во една изборна област, треба да ја промени позицијата на, условно кажано, помалите политички партии. Имено, политичките партии што ги претставуваат „помалите“ етнички заедници, како и „помалите“ партии без етнички предзнак главно од центарот, во изминативе парламентарни изборни циклуси главно нстапуваа во големите предизборни коалиции предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, ретки беа оние што настапуваа самостојно или во помали сојузи надвор од двете големи коалиции, бидејќи политичката прагма говореше дека така не можат да постигнат никаков успех. Арно ама, доколку изборите се оддржуваат во една изборна единица, тие сосема слободно би можеле да се издвојат од големите политички блокови и да настапат самостојно, бидејќи во таква ситуација би имале шанси да освојат барем пратеник, од едноставна причина што гласовите нема да им бидат фрагментирани, туку концентрирани на едно купче.

Дека тоа е клучен фактор при валоризација на гласовите при поделба на мандатите согласно Донтовиот модел, најдобро покажаа парламентарните избори во 2011 година, кога многу партии настапија самостојно, надвор од камповите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Колку за илустрација, на овие избори НДП на Руфи Османи освои 29.996 гласови и два пратеници, додека ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски не освои ниту еден пратеник и покрај тоа што прокнижи само 1.779 гласови помалку од НДП, поради тоа што неговите 28.217 гласови не беа лоцирани претежно во една изборна единица, туку беа расфрлени во повеќе ИЕ.

 

ОТВОРЕНИ ЛИСТИ

Воедно, социјалдемократите во предизборната програма ветија дека пратениците, но и советниците, ќе се избираат на отворени листи. Тоа значи дека гласачите, освен што ќе гласаат за пратеничка, односно советничка листа предложена од страна на политичка партија или група граѓани, сеедно, истовремено ќе може да интервенираат и во редоследот на самата листа, односно да ги бодуваат предложените кандидати од листата што ја преферираат.

Од една страна, отворените листи по автоматизам ќе ја разгорат внатрепартиската борба, бидејќи кандидатите од една партија ќе треба да водат заедничка битка против политичкиот противник, но воедно ќе водат битка и еден против друг, бидејќи гласачите нема да гласаат само за листа, туку и за персонални решенија. А во една ваква внатрепартиска борба за гласови, не е исклучено некои од кандидатите за пратеници и советници  да изнесуваат во јавноста компромитирачки материјали и сознанија за своите сопартијци, без оглед што тоа ќе им предизвика партиска штета.

Од друга страна, пак, отворените листи дефинитивно ќе ја демократизираат политичката сцена, а пред сè политичките партии, чија демократизација е предуслов на генерална демократизација на општеството. Во минатото, партиските раководства номинираа исклучиво лојални кадри  (иако, за волја на вистината,  се случуваа чести екскурзии на пратеници и советници од еден во друг табор поради притисоци или поткуп), но, со отворени листи, тие на електоратот ќе мора да му понудат првенствено квалитетни и компетентни кадри.

 

ИЗБОР НА ГРАДОНАЧАЛНИК ВО ЕДЕН КРУГ

Исто така, СДСМ предизбрно вети дека градоначалниците нема да се избираат во два круга спроед мнозински модел, како што впрочем се избира и претседателот на државата, туку челните луѓе на општините да се избираат уште во првиот изборен круг, при што победник ќе биде оној што освоил најмногу гласови во првиот круг. Изборот на градоначалник во првиот круг во голема мера би ја намалила можноста за своевидно изигрување на волјата на граѓаните во вториот круг, по пат на непринципиелни политички пазарења, но и политички притисоци.

Како што е познато, на локални избори честопати се случува кандидатот за градоначалник што освоил најмногу гласови во првиот изборен круг, но недоволно за да биде избран (услов е да има мнозинство гласови на оние што излегле на гласање, доколку на гласањето излегле 30 отсто од запишаните избирачи), да загуби во вториот изборен круг поради тоа што другиот кандидат придобил гласачи од други политички партии и етнички заедници, или, пак, направил пресврт поради тоа што зад себе имал владејачка структура.

Еден од многуте такви примери се случи во Куманово на локалните избори во 2013 година. Во првиот круг од изборите најмногу гласови освои Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој  доби 20.759 гласови, додека второпасиран беше тогашниот градоначалник, Зоран Дамјановски од СДСМ со  19.320 гласови. Меѓутоа, во вториот круг се случи пресврт, односно Дамјановски, главно со поддршка од помалите етнички заедници, победи со 26.118 гласови, наспроти Ѓорѓиевски, за кого гласале 24.318 граѓани

На овие локални избори (2013) истото се случи и во Велес, каде Аце Коцевски од СДСМ освои повеќе гласови во првиот круг во споредба со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Славчо Чадиев, но поради неважечките ливчиња не освои 50 отсто од гласовите плус еден глас. Затоа, се оддржа втор круг, во кој  победи Чадиев со 18.059 гласови, додека Коцевски освои 14.407 гласови.

 

ПОМАЛ ПРАГ ЗА ЛОКАЛЕН РЕФЕРЕНДУМ

И на крајот, моментално водечката владејачка партија во опозициските денови на хартија се обврза дека ќе го намали цензусот при референдумско изјаснување на прашања од локален карактер. Без оглед дали на национално или на локално ниво, според сегашните правила, рефереундум речиси е невозможно да успее доколку нема сеопшт граѓански и политички консензус, бидејќи за еден референдум да биде успешен мора позитивно да се изјаснат мнозинство од оние што гласале, доколку на гласањето излегле мнозинство од запишаните гласачи.

Според Законот за референдум и други облии на непосредно изјаснување , референдум на национално ниво може да се распише за прашања од поширко значење од страна на Собранието , по сопствена иницијатива  или по предлог на најмалку 150.000  граѓани ( Член 20). Референдумот на локално ниво, пак, го распишува Советот на општината, за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, градот Скопје и општините во градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум) – Член 38.

Во тој контекст, добро познат е референдумот што се оддржа во Општина Центар за зачувување на изгледот на Градскиот трговски центар, како реакција на намерата на тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го редизајнира во барокен стил. Арно ама, овој рефереундум не успеа, бидејќи, и покрај големата големата граѓанска поддршка, не излегоа доволно гласачи, односно барем половина од регистрираните избирачи. Конкретно, за да успеше референдумот требаше да излезат околу 22.000 граѓани, додека правото на глас тогаш го искористија 17.655 луѓе, од кои 16.836 беа „за“.

Оттука, овие заложби искажани во споменатото изборно ветување на СДСМ (стр 229 и 231) би го демократизирале политичкиот амбиент, но, сепак, тие сè уште не се спроведени на дело, иако беа дел од приоритетите што СДСМ ги најави во првите 180 дена од преземањето на власта. Со оглед дека Владата на чело со Зоран Заев беше избрана во парламентот на 31 мај минатата година (2017), досега се поминати 9 месеци, од што може да се констатира дека ова ветување на СДСМ (кое фактички содржи неколку ветувања) засега (28.02.2018) не е исполнето. Независно,  дали причината е тоа што СДСМ моментално има други приоритети, или, пак, за тоа сакаат да обезбедат консензус со ВМРО-ДПМНЕ, која моментално го бојкотира парламентот и ги условува преговорите со определени концесии на друго поле.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски