Виница не го доби ветениот затворен пазар

Идејното решение за комплексот кој ќе го вклучува и новиот градски пазар. Фото: Скриншот

 

Проект: Изградба на затворен пазар

Почнување изградба на затворен пазар со средства во висина од 49.200.000 денари, за што веќе е изработен проект. (Рок: Мај 2016)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Градоначалникот на општина Виница, Емил Дончев во изборната програма „Нови дела, за нов напредок, нови дела за подобра Виница“ (стр.29) со која настапи на локалните избори во 2013 година, како еден од најважните проекти за новиот четиригодишен мандат, во делот „Комунални работи и инфраструктура“ најави и започнување на изградбата на затворен пазар, за што бил подготвен и проект. Рокот што го наведе е мај годинава. Ова ветување досега е неисполнето.

На 24 февруари 2014 година, по потпишувањето на договорот со Центарот за развој на Источен плански регион, со кој се обезбедени средства за изградба на мултикултурен центар во Виница, градоначалникот Дончев, меѓу другото, изјави дека како дел од спроведувањето на урбанистичкиот план за стариот градски пазар, ќе изгради затворен градски пазар (во рамките на поголем комплекс, кој ќе опфаќа и нов музеј и кино сала). Тогаш изјавува (од 57-та секунда во видеозаписот) оти очекува почетокот на реализацијата да се случи во 2015 година, многу порано од рокот кој е предвиден во неговата изборна програма.

Ова е дел од урбанистичкиот план што го работиме за стариот градски пазар. Значи не застануваме овде, продолжуваме со изградба на затворен градски пазар, кој очекуваме да почне наредната година, оваа година треба да ја средиме планската документација.

Наредната година, на 12.02.2015 беше објавена изјава на Дончев, во која тој започнувањето на изградбата на затворен пазар го наведува како дел од приоритетните планирани проекти од програмата за мандатот 2013 – 2017 година, за чија реализација веќе биле направени и измени во Деталниот урбанистички план на општината.

Сепак приоритет ќе се даде на отпочнувањето на изградбата на затворениот пазар за што веќе се направени измени на Деталниот урбанистички план. Вкупната инвестиција ќе изнесува 50 милиони денари, средства кои ќе бидат обезбедени од буџетот на општината и од продажба на градежно неизградено земјиште.

На 5 декември 2015 година, во изјава за регионалната телевизија „Канал плус“, Дончев најавува дека во наредната, 2016, година ќе се започне со подготвување на потребната документација за реализација на проектот. И покрај тоа што во неговата изборна програма рокот за почеток на изградбата на затворениот пазар е предвиден за мај 2016 година, сепак тој во оваа изјава 2017 година ја определува како временски период во кој треба да се започне со изградбата.

…2016 година ќе биде година на изготвување на техничка документација и урбанизација на постоечкиот пазар, за веќе во почетокот на 2017 година да се отпочне со изградбата на овој комплекс.

Подготовката на техничката документација и изготвувањето на ДУП-от во текот на 2016 година Дончев ги споменува и во интервју за „Утрински весник“, објавено во последната декада на декември 2015 година. Дончев нагласува дека затворениот пазар е работа која недостасува на Виница и открива дека во тој момент сѐ уште не е започнато со работа на потребната техничка документација, што треба да претходи на конкретната реализација, односно дека во тек е само изработка на детален план.

Довршување на инфраструктурата е наш приоритет. Квалитетно водоснабдување, улици, канализациски системи се работите на кои работиме секојдневно, а мислам дека единствена работа што недостасува е добро уреден, затворен пазар на местото на постојниот. Затоа, идната година ќе работиме на техничката документација, изготвувањето на деталниот план е во тек, така што се надевам дека брзо ќе почне и реализацијата. Во тој нов комплекс е предвидена и нова сала со убава сцена, која исто така ни е неопходна.

Покрај сите најави од градоначалникот на Виница кажани во минативе две години, во моментов на самото место на кое треба да се гради затворениот пазар нема градежни активности, велат информациите што ни ги даде еден жител на Виница. Дополнително, и електронското пребарување не дава резултати за какви било активности спроведени од почетокот на 2016 година до денеска. Пребарувањето на веб-сајтот на општина Виница исто така не дава никакви информации за комплетирање на највената техничка документација, ниту пак за тоа дека е почната постапката за избор на изведувач.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот Емил Дончев за изградба на затворен градски пазар е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Стојанче Манев

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција