„Вистиномер“ вршеше проверка на факти од предизборен дуел

 

Тимот на „Вистиномер“ во петокот претпладне на 12 април 2019 година присуствуваше на снимањето на ТВ дуелот меѓу тројцата претседателски кандидати, кој се одржа по повод овогодишните претседателски избори и се емитуваше истата вечер на Првата програма на „Македонската телевизија“.

Во соработка со организаторот на ТВ дуелот, ИДЕАОК, беше договорено тимот на „Вистиномер“ да изработи анализи во кои се проверуваа фактите во изјавите на претседателските кандидати, при што тие беа објавувани во текот на ТВ дуелот и гласачите имаа можност да ја осознаат нивната вистинитост додека тие се емитуваа на ТВ екраните.

Беа изработени 6 проверки на факти и истите беа преведени и на албански јазик. Албанските верзии на написите беа пренесени од страна на информативниот веб сајт „Порталб“, кој, како и „Вистиномер“, го издава Фондацијата „Метаморфизис“. Написите, покрај тоа беа широко споделувани на социјалните мрежи.

Ова е првпат во тек на предизборна кампања ТВ дуел на политички противници да биде предмет на проверки на факти, кои се објавуваа во оној момент кога гледачите ги слушаa и гледаа нивните изјави на ТВ екраните. Фактот што ТВ дуелот не одеше во живо, туку со одложено емитување од 8 часа, на проверувачите на факти од „Вистиномер“ им овозможи да направат брзи, но темелни проверки на проблематичните изјави дадени од страна на учесниците.

Тимот на „Вистиномер“ и во иднина ќе се обидува да биде присутен на вакви изборни судири на мислења на политичките противници, да обезбеди објективни и методолошки издржани проверки на фактите и истите да им ги презентира на гласачите во моментот кога ќе бидат емитувани на малите екрани.

Изработените проверки на фактите од овој предизборен дуел можете да ги најдете овде:

  1. Пендаровски е, формално, во право – има два завршени случаи за корупција од СЈО
  2. Пендаровски не бил советник за безбедност и надворешна политика од 1990 година
  3. Пендаровски нема врска со случајот на Руфи Османи од 1997 година
  4. И реинвестираните средства се – инвестиции
  5. Претседателот има ограничени компетенции во економијата
  6. Економскиот амбиент не е „нула“ – изјавата на Гордана Силјановска-Давкова повторува дезинформација

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција