Владата е главен проблем за медиумите – потврдено во два извештаи за еден месец

Според најновото рангирање на „Репортери без граници“, Македонија е само пред Белорусија, Русија и Турција според слободата на медиумите во цела Европа. Карта: РБГ

Репортери без граници и американскиот Стејт Департмент, во период помал од еден месец, излегоа со (повторно) лоши оценки за состојбата со медиумите, медиумските слободи и почитувањето на правотото на изразување во Македонија. И во двата извештаи се подвлечени притисоците од владата како главна причина за ваквата состојба, поради која земјава падна на 118 место во светот на Светскиот индекс за слобода на медиумите

 

 

Репортери без граници и американскиот Стејт Департмент, во период помал од еден месец, излегоа со (повторно) лоши оценки за состојбата со медиумите, медиумските слободи и почитувањето на правотото на изразување во Македонија. И во двата извештаи се подвлечени притисоците од владата како главна причина за ваквата состојба, поради која земјава падна на 118 место во светот на Светскиот индекс за слобода на медиумите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Слободните медиуми, како носители на слободата на говорот, во Македонија одамна се загрозени, но сега прашањето не е дали, туку уште колку можат да бидат позагрозени. Ова се наметнува по објавувањето на Индексот на „Репортери без граници“ за состојбите со слободата на новинарството во светот за 2015 година, а објавени денеска, каде што Македонија бележи пад за едно место во споредба со 2014-та, односно сега се наоѓа на 118 место од вкупно 180 земји кои се рангираат.

Grafikon - final

Во делот што е објавен за Македонија, се наведува дека иако во земјата делата за клевета и навреда се трансферирани од кривичното во граѓанското законодавство уште во 2012 година, огромен број тужби се поднесени оттогаш до судовите, при што еден дел се однесува и на новинарите на кои им се закануваат големи казни:

Клевета беше отстранета од Кривичниот законик во 2012 година, но обвиненијата се заменети со граѓански постапки, каде се можни големи парични казни за новинарите и за сопствениците на медиумите. Најмалку 580 тужби за клевета се поднесени од крајот на 2014 година досега, неколку десетици од нив против новинари. Како резултат на тоа, според анкетата на Македонскиот синдикат на новинари и медиумски работници, повеќе од половина од новинарите во Македонија велат дека се цензурираат, наведуваат од организацијата во најновиот извештај за слободата во медиумите.

 

МАКЕДОНИЈА Е „ПРОБЛЕМАТИЧНО ДЕТЕ“

Кристијан Мир, првиот човек на „Репортери без граници“, вели дека оценката е лоша поради два проблеми – прислушувањето новинари и партиската обоеност на Советот при главниот регулатор – Агенцијата за медиуми:

Македонија е прилично долу на листата, таа е „проблематично дете“, кое , ако се оценува според актуелниот развој на ситуацијата, може да стане уште попроблематично. За лошата позиција на земјата на листата придонесоа повеќе работи. Прво, минатата година излезе на виделина големиот скандал со прислушување на конзервативната влада на Груевски, при што во принцип се дозна за масовното прислушување на лица, меѓу кои и околу 100 новинари. Следењето и прислушувањето, од наш аспект, секогаш треба да се критикува и секогаш е проблем за слободата на печатот, затоа што во тој случај не може да се заштитат изворот на информации и правото да се одбие да се наведе сведокот. Ова масовно прислушување и следење, кое беше обелоденето минатата година, е голем проблемизјави Мир во разговор за Дојче Веле.

Извештајот на „Репортери без граници“ за медиумските слободи во светот се прави секоја година од 2002 година и како што наведува самата организација, тоа е една алатка која е добро позната во светот и која ја користат многу влади и меѓународни организации при правењето проценки за одредени земји.

Тој се изготвува врз база на анонимен прашалник и разговори – експерти од сферата на медиумите. „Станува збор за слика на медиумските слободи која е базирана на плуралноста, на независноста на медиумите, на кавалитетот на законодавната рамка и на сигурноста на новинарите во секоја земја одделно“ – се наведува во појаснувањето од „Репортери без граници“, при што се појаснува дека прашалникот се состои од 87 прашања.

 

САД: ВЛАДАТА ГИ СПРЕЧУВА КРИТИКИТЕ

Неодамна уште еден кредибилен извештај што се објавува секоја година во светот, ги посочи и потврди проблемите во Македонија и со слободата на говорот и со медиумските слободи. Станува збор за годишниот извештај на американскиот Стејт Департмент за почитување на човековите права во светот.

Во вториот дел од овој извештај за Македонија, се констатирани главните проблеми  – владиното рекламирање, притисоците врз новинарите, самоцензурата и цензурата, тужбите за навреда и клевета…

Индивидуите можат да ја критикуваат владата јавно или приватно, но постојат кредибилни извештаи за владините обиди да се спречат ваквите критики преку насочување на парите за реклами кон провладините медиуми. Во извештајот за 2015 година на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиуми и медиумски услуги, не постојат информации за клучните рекламери во земјата за 2014 година. Во Извештајот за 2014 година, Владата беше идентификувана како еден од клучните рекламери во приватните телевизиски станици со национална дозвола – се вели во делот од извештајот на Стејт Депармтнетот за „Слободата на говорот и на изразувањето“.

Во делот за „Печатот и медиусмките слободи“ се наведува фактот дека меинстрим медиумите се во посед на луѓе или организации блиски до владата и се повторува фактот дека со владините реклами се злоупотребува пазарот и се прават медиумите да бидат зависни од тие пари:

Многу мал број на независни медиумиски гласви изразуваат различни погледи на нештата без каква било рестрикција. Медиумските организации и известувањето продолжуваат да бидат поделени по етнички и политички линии…Меинстрим медиумите ретко ја критикуваат владата.

Американците во својата проценка на слободите и правата на човекот во Македонија, во делот за медиумите, се повикуваат и на експертскиот извештај на ЕУ, изготвен во минатата гдина од група експерти предводени од Рајнхард Прибе.

Медиумски експерти извстуваат дека застрашувачки ефект што доминира во медиумската сфера се заплашувања, недостиг од добри работни услови за новинарите, како и финансиска нестабилност за медиумските компании што ги прават ранливи на владините притисоци, по што се потпираат врз владиното рекламирање. Експертите додаваат дека во медиумската заедница владее атмосфера на страв што ја поттикнува и охрабрува самоцензурата. Политичката криза во земјата воедно ги зголеми сериозните грижи за селективното известување и недостигот од уредувачка независност во дел од јавниот сервис – Македонската радио телевизија (МРТ).

Во делот од извештајот за „Насилство и заплашување“, се нагласува дека „постојат пријави од неколку новинари за притисок за да пишуваат со провладини ставови или да ризикуваат да ги изгубат своите работни места. Неколку новинари известија за закани и заплашувања директно насочени кон нив, наводно, вклучително и од претставници на Владата“. Потоа, во овој дел се наведуваат и случаите со одлуката на Лустрациската комисија за главниот уредник на „Фокус“ Јадранка Костова, со судските одлуки за Томслав Кежаровски, како и за одлуката на уредничката на „Телеграф“ и на „Индепендент“ Ивана Костовска да даде отказ, бидејќи била под притисок да пишува и објавува текстови во прилог на владата и да не ги објавува текстовите што се однесуваа на „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата.

Во делот за „Цензура и ограничување на содржината“, Стејт Департментот повторно се повикува на извештаи на новинари кои велат дека „поради притисок биле натерани на самоцензура“, но и на извештаи од „медиуми во приватна сопственост кои зборуваат за рутински повици од властите на највисоко ниво, кои им наредуваат како да известуваат во врска со политичките теми“.

Тука, во овој дел, за прв пат се наведува како пример и една одлука на правосуден орган која довела практично до ограничување на содржината на програмата.

На 3. февруари Јавното обвинителство издаде соопштение со кое ги предупредува медиумите да не објавуваат видео или други материјали поврзани со истрагата за опозицискиот лидер Зоран Заев, при што се наведуваше дека објавувањето „може да биде предмет на кривични постапки“ и дека „тоа е казниво со закон“. Соопштението имаше застрашувашки ефект врз медиумите. Горан Петрески, уредник во МРТ, го цитираше ова соопштение кога објаснуваше зошто МРТ не ги покрива „бомбите“ на опозицијата. Други медиуми продолжија со објавувањето и не се соочија со никакви кривични пријави.

Извештајот на Стејт Департментот, во делот за медиумите и слободата на говор, завршува со лошата примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, при што стотина граѓани или организации се жалеле дека биле одбиени во остварувањето на ова законско право.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција