Владата има план за реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор

 

Во Планот 18 објавен од Владата, во врска со спроведување на итни реформски приоритети, во делот на реформи во безбедносните служби е запишана и следната обврска:

2.5.1. Усвојување План за реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор во Република Македонија – Рок, 12.2018

[Извор: Влада на РСМ/План 18 – датум, 11.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Реформа на безбедносните служби во РСМ беше барана од Европската унија, врз основа на наодите на експертската група предводена од германскиот дипломат Рајнхард Прибе  во 2015 година и особено критичките наоди изразени во извештајот од истата група во 2017 година. Освен ова со пристапувањето кон НАТО за што е потпишан протоколот кој сега треба да го ратификуваат земјите членки, исто така, се бара реформа на безбедносните служби.

Во претходните планови на Владата, а и согласно нејзината Програма за работа, беше извршена првичната голема реформа – одвојување на одделот од Управата за безбедност и контраразузнавање што вршеше следење на телефонската и другата електронска комуникација од рамките на УБК и генерално од МВР во посебна институција, која и физички е одвоена од МВР. Тој процес се заврши пред неколку месеци со формирањето на Оперативно техничката агенција – ОТА, која сега е задолжена за извршување на таа задача, согласно законските прописи, вклучувајќи го и надзорот за самата ОТА.

Со Планот 18 на Владата кој беше донесен лани во октомври, беше предвидена натамошна реформа на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Со овој План, беше предвидено до крајот на декември 2018 година, сите надлежни служби да изготват целосна реформа на разузнавачките служби со усвојување на План за реформа на безбедносно – разузнавачкиот сектор.

Овој план, кој всушност го содржи моделот на реформата и деталите за новиот изглед, улога и координација во разунавачкиот сектор, е заедничко дело на 33 претставници од институциите на МВР, на Военото разузнавање, на Агенцијата за разузнавање, на правосудството, на Народниот правобранител и на невладиниот сектор.

Владата на 19.02.2019 година, како што може да се види во соопштението од 122 владина седница,  усвоила и пакет предллог-закони кои ја овозможуваат посакуваната реформа, од кои два се најзначајни – Предлог-законот за Агенција за национална безбедност и Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Бидејќи покрај планот веќе се преминува и на фаза на законски решенија кои треба да поминат и во Собранието, може да се даде оценка дека задачата од Планот 18 во точката за реформа на разузнавачкиот сектор не само што е остварена, туку е отидено и чекор понатаму (усвоен е пакет од предлог- законски решенија), со што оваа заложба и зацртана задача на Владата на РСМ може да се оцени како исполнета

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција