Владата ја зголеми акцизата за нафтата, но не за луксузните возила

Ветеното неостварено, неветеното остварено. Фото: Public Domain Pictures и Pexels

Едно од ветувањата, запишани во предизборната програма на СДСМ, наречена „План за живот“, гласи дека во првите 6 месеци од преземањето на власта ќе се зголеми данокот на имот за богатите, но, патем, се ветува и зголемување на акцизата за луксузни возила. Со оглед на тоа што помина повеќе од една година откако Собранието ја изгласа Владата предводена од премиерот Зоран Заев, а во меѓувреме нема никаква промена во акцизите за автомобилите, оценуваме дека ова ветување е неисполнето.

 

Во предизборната програма на СДСМ за изборите во 2016 година, едно од ветувањата, кое не е исполнето, е следново:

Ветување: Ќе воведеме повисок данок на имот за богатите и повисока стапка на акциза за луксузни возила

Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за Живот“, (стр.208)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Како лево ориентирана политичка партија, СДСМ, во пресрет парламентарните избори во 2016 година, вети низа мерки, кои, всушност, подразбираа воспоставување пошироки основи при оданочување на, условно кажано, (по)богатите и истовремено трансферирање на повеќе средства кон работниците и посиромашните слооеви во општеството.

Едно од таквите ветувања, запишани и во предизборната програма на СДСМ, наречена „План за живот“, гласи дека во првите 6 месеци од преземањето на власта ќе се зголеми данокот на имот за богатите, но, патем, се ветува и зголемување на акцизата за луксузни возила.

Со оглед на тоа што помина повеќе од една година откако Собранието ја изгласа Владата предводена од премиерот Зоран Заев, а во меѓувреме нема никаква промена во акцизите за автомобилите, оценуваме дека ова ветување е неисполнето.

Инаку, претходната владејачка гарнитура, на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, во 2010 година интервенираше во акцизите за увоз на автомобили, кога акцизата престана да се пресметува врз основа на кубикажата, туку врз основа на фактутираната цена на автомобилот.

Притоа, беше утврдено за возилата чија вредност е помала од 3.000 евра воопшто да не се плаќа акциза, за возилата кои чинат од 3.001 до 4.000 евра акцизата да изнесува 0,5 отсто од вредноста на возилото или од 20 евра нагоре, а за возилата од 4.001 до 5.000 евра да изнесува еден отсто или 50 евра.

Според овој модел, за возила вредни од 6.001до 8.500 евра акцизата изнесува два отсто (170 евра), за возила од 8.501 до 12.000 изнесува три отсто (360 евра), за возила од 12.001до 14.000 евра изнесува четири отсто (560 евра), додека за возила од 14.001 до 16.000 евра изнесува шест отсто (960 евра).

Согласно принципот колку поскап автомобил толку повисок процент на акцизата, преку Законот за акцизи (член 51б) пред 8 години беше утврдено дека купувачите на автомобил во вредност од 18.001 до 22.000 евра ќе плаќаат акциза од 11,5 отсто (2.530 евра), за возилата вредни од 22.001 до 25.000 евра ќе плаќаат акциза од 13,5 отсто (3.375 евра), за возила од 25.001 до 30.000 евра ќе плаќаат акциза од 15,5 отсто (4.650 евра) и за возила поскапи од 30.000 ќе плаќаат акциза од 18 отсто, односно над 6.300 евра.

Практично, овие стапки се важечки до ден денешен и како такви се објавени на официјалниот сајт на Царинската управа на Македонија, која е надлежна за администрирање на акцизите на целата територија на државата.

По политичките промени што се случија по изборите во 2016 година, кога влада формираа СДСМ и ДУИ, Законот за акцизи е променет само еднаш минатата 2017 година, со цел зголемување на акцизата за нафтата од 3 денари, или поточно од 12,121 на 15,121 денари од литар погонско гориво, со цел, како што објаснуваа од Владата, да се намали загадувањето и да се соберат дополнителни средства во буџетот.

Тоа не беше дел од ниту едно декларативно или запишано ветување на СДСМ пред изборите, од што произлегува дека Владата на социјалдемократите ја зголеми акцизата за нешто што не било ветено – нафтата, а не ја зголемија за нешто што било ветено – луксузните возила.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција