Владата на СДСМ до сега немаше најавено размислување за измени на Законот за ДДВ

 

Освен една изјава на партиски функционер од пред речиси две години, СДСМ досега немаше најавено измени на Законот за ДДВ во однос на зголемување на прагот на прометот над кој физичките лица и малите фирми лица имаат обврска да станат ДДВ обврзници. Ваква најава дојде дури откако УЈП објави потсетување за оваа обврска на само 4 дена пред истекот на рокот што предизвика силни негативни реакции во јавноста

 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија издаде соопштение/изјава во кој има став што го сметаме за недоследен:

Владата предводена од СДСМ ја разгледува можноста за промена на Законот за данок на додадена вредност во насока на зголемување на прагот за станување на ДДВ обврзник.

[Извор: СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ и Груевски воведоа физички лица да плаќаат ДДВ, се размислува за промени, датум: 20.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ како најголема политичка партија, која со својата коалиција управува со Владата на РМ, издаде соопштение за јавноста во која изнесе став дека Владата размислувала за намалување на стапката за приход/промет на физичките лица, кои се ставени во категоријата обврзници за пријавување на данок на додадена вредност, став кој може да се оцени како недоследен.

Недоследноста за оваа многу сложена материја произлегува од основниот факт што ниту СДСМ, ниту Владата предводена од СДСМ досега не расправала за овој проблем, барем не е јавно соопштено, а партијата како политичка партија што се натпреваруваше на парламентарните избори во 2016 година нема такво ветување ниту во својата предизборна програма.

Имено, ниту во Програмата План за живот во Македонија, ниту во Програмата за работата на Владата на РМ 2017-2020 година не може да се најде ветување за зголемување на прагот на приходи во смисла да се намали бројот на опфатени лица кои треба да се пријават како ДДВ обврзници.

Единствено нешто што може да се најде на интернет архивите е прецизно ветување во таа насока од некогашниот дополнителен заменик министер за финансии од СДСМ, Кире Наумов, при неговата посета на Неготино во март 2016 година и тоа во присуство на денешната директорка на Управата за јавни Приходи, Сања Лукаревска, кога, според скриншотот што беше објавен на интернет, по медиумите и на социјалната мрежа Фејбук гласело вака:

Одговорната Влада на СДСМ ќе го врати прагот на ДДВ на 2 милион денари со што ќе ги ослободиме малите фирми и граѓаните од новите давачки за ДДВ што им ги наметнаа Груевски и Ставревски, со тоа што го намлија прагот на ДДБ на 1 милион денари…

Но, од оваа изјава па натаму, не може да се сретнат поголеми реакции или ветувања на СДСМ за ова прашање и, како што споменавме, тоа го нема ниту во нивната партиска програма, ниту во владината програма.

Оттука, недоследноста ја оценуваме дополнително и во фактот што партијата СДСМ соопшти дека Владата на СДСМ ја разгледува можноста за измена на Законот за ДДВ, дури откако, под број еден, УЈП издаде соопштение на 11.01.2018 со кое ги повикува физичките лица да се пријават како ДДВ обврзници и дури откако ВМРО-ДПМНЕ издаде партиско соопштение – изјава, во која се наведува дека СДСМ ги излажала граѓаните и дека наместо враќање пари од ДДВ, тие сега им воведувале дополнителни давачки.

Патем, ова соопштение е, исто така, недоследно, бидејќи факт е, како што тврди СДСМ, дека станува збор за законско решение што го вовел поранешниот премиер, Никола Груевски, но уште во Владата на Љубчо Георгиевски од 1999 до 2002 година, кога за прв пат се воведува Законот за ДДВ. Имено, законското решение дека ДДВ обврзник е и секое физичко лице што врши стопанска дејност, е исто оттогаш до денес, како што потврдува и советникот во Министерството за финанисии, Бранимир Јовановиќ. Но, она што не е исто и што досега не се применувало, се следниве параметри: прагот на оставарен промет/приходи, кој варирал низ годините и дефиницијата за тоа што се смета за стопанска дејност.

Паричниот праг најпрвин бил 1,3 милиони денари, па Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ го зголемила на 2 милиони денари, па го намалила на 1,3 милиони во 2014 г, па повторно го намалила на само еден милион денари во 2016 година. Истата Влада го зголемува и опфатот на стопански дејности што ги водат физички лица, па така сега како ДДВ обврзници треба да се пријават сите физички лица што остваруваат приход од над еден милион денари остварени и од авторски договри, членови на управни и надзорни одбори, итн., (за повеќе информации на овој ЛИНК).

И конечно, иако закнот постои многу одамна, факт е дека УЈП за прв пат издаде вакво соопштение, повик за пријавување на физичките лица како ДДВ обврзници дури во 2017 година и тоа барем 6 дена порано од сегашниот повик, бидејќи ланскиот беше објавен на 05.01.2017.

И тогаш, како и сега се крена голема прашина за тој повик и тој се толкуваше од страна на експертите како „агресивно толкување на законот“ или како бркање на поимите приход и промет и имаше и дилеми дали со евентуалното проширување на базата на ДДВ обврзници на овој начин нема да дојде до даночна евазија, зашто граѓаните би можеле да изнаоѓаат разно-разни трикови да ја избегнат обврската. Дилемите кај таа експертска јавност постојат и сега, исто како што постојат и забелешките дека немало поширока кампања во јавноста и дека соопштението–потсетување на УЈП е објавено само четири дена пред истекот на законскиот рок на 15.01.2018 година.

Поради погоренаведените аргументи може да се даде оценката недоследно на делот од соопштението на СДСМ дека Владата разгледувала можност за измени на законот за ДДВ во насока на зголемување на прагот.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *