Владата на СДСМ повеќе се раздолжила отколку што се задолжила

Медалјата секогаш има две лица. Фото: Flickr

ВМРО – ДПМНЕ не наведува дека задолжувањето од странските пазари, може, а не мора да се реализира, а второ, дел од задолжените пари ќе се префрлат во 2018 година, кога на 29 јануари државата мора да отплати 95 милиони евра за задолжување по основ на кредит

 

ВМРО-ДПМНЕ не наведува дека задолжувањето од странските пазари, може, а не мора да се реализира, а второ, дел од задолжените пари ќе се префрлат во 2018 година, кога на 29 јануари државата мора да отплати 95 милиони евра за задолжување по основ на кредит

 

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на 18.07.2017 испрати соопштенија/изјава во која тврди дека владејачката партија СДСМ ја презадолжува земјата уште во првиот месец од владеењето што го сметаме за невистина:

Уште во првиот месец откако дојдоа на власт ја задолжија државата со 60 милиони евра

Во ставката домашно задолжување владата на СДС планира наместо 17,8 милијарди денари да се задолжи за 20,7 милијарди денари. Тоа се нови 48,3 милиони евра долг кон домашните доверители.

Во ставката задолжување кон странство Владата на СДС планира наместо 12,3 милијарди денари, да ги задолжи граѓаните со 18,4 милијарди денари. Со ова планираат да не задолжат дополнителни 100 милиони евра повеќе кон странски доверители.

СДС ги лажеше граѓаните на Република Македонија. Ветуваа дека нема да се задолжуваат, а сега со ребалансот најавуваат дека за само 5 месеци ќе го зголемат планираното задолжување за речиси 150 милиони евра.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб странадатум: 18.07.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ се базира на полувистини и поради тоа е целосно невистинито тврдењето за поголемо задолжување од страна на СДСМ, како владејачка партија.

Имено, уште во правото тврдење, за тоа дека Владата не задолжила за 60 милиони евра за еден месец, се наѕира манипулацијата.

Според податоците од веб-страницата на Минстерството за финансии, се гледа дека кога Владата, т.е. Министерството се задолжуваше за тие 60 милиони евра, во истовреме се враќале доспеани обврски кон домашните и странските инвеститори во висина од околу 115 милиони евра. Преку 40 на домашните, а кон странските во целост е вратен долгот кон Дојче банка во висина од над 70 милиони евра. Тоа најдобро може да се види од Календарот на активности за Домашните хартии од вредност. Но, попластично, тоа го објасни и советникот во МФ, Бранимир Јовановиќ на својот ФБ профил неодамна:

Откако влеговме во Министерството, се задолживме 4 пати. На 6 јуни 8,1 милиони евра, на 20 јуни 5,6 милиони евра, на 27 јуни 19,5 милиони евра и на 4 јули 27,2 милиони евра. Вкупно, 60 милиони евра.

Но, се раздолживме исто така 4 пати – 8,1 милион евра на 7 јуни, 5,6 милиони евра на 21 јуни, 18,8 милиони евра на 25 јуни и 7,8 милиони евра на 5 јули. На 5 јули вративме и долг на Дојче Банк, од 75 милиони евра. Вкупно, вративме 115 милиони евра.

Значи, за овие месец дена, сме го намалиле долгот за вкупно 55 милиони евра. Или, 1,8 милиони евра дневно, 76.000 евра на саат, 21 евро во секунда.

За споредба, во претходните 11 години, долгот порасна за 3 милијарди евра, односно растеше 270 милиони евра годишно, 740000 евра дневно, 9 евра во секунда.

Да бидам искрен, не верувам дека долгот ќе паѓа цело време. Но, и не мора. Не ни треба штедење, ни треба одговорно трошење на јавните пари.

Јовановиќ, неодамна на барање на веб порталот НОВАТВ, образложи повеќе аспекти од ребалансот на Буџетот, меѓу што и задолжувањето:

Планот за оваа година е да се задолжуваме повеќе на домашниот пазар на капитал, кој во моментов нуди значајно пониски камати од меѓународниот пазар. Сепак, не ја исклучуваме можноста за задолжување и на меѓународниот пазар, ако е тоа по поволни услови, затоа што тоа значи влез на нов капитал во економијата.

Но, најдоброто објаснување за финансирање на приходите и расходите што ќе се алиментираат ги даде министерот Драган Тевдовски во обраќањето до пратениците кога го поднeсе ребалансот. Тука го потенцираме делот за задолжување на домашниот и на странските пазари:

…Финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбеди преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти како и од депозитот пренесени од минатата година.

Во рамки на буџетот е предвидена и можност за странското задолжување. Но, дали тоа ќе се реализира ќе зависи од движењето на каматните стапки на меѓународниот пазар на капитал и можноста на домашниот пазар на хартии од вредност целосно да одговори на потребите за финансирање….

Дел од средствата од домашното и можното странското задолжување ќе бидат искористени за финасирање на потребите во тековната 2017 година, а останатиот дел ќе биде префрлен како депозит за наредната 2018 година.

Средствата од депозитот ќе бидат искористени за отплата на првата рата од кредит за буџетско финансирање во износ од 95 милиони евра, склучен во 2013 година која доспева на 29 јануари 2018 година.

Како што може да се види задолжувањето од странските пазари, може, а не мора да се реализира, а второ, дел од задолжените пари ќе се префрлат во 2018 година, кога на 29 јануари државата мора да отплати 95 милиони евра за задолжување по основ на кредит.

Конечно и на страница 10 и 11 од Предлогот за Ребаланс на Буџетот за 2017 година јасно се наведени образложенијата. Едното се однесува на зголемување на кредитни средства преку повлекување на повеќе суми за изградба на водоводи и канализации од Европската инвестиоциона банка (стр. 10), а другото образложение се однесува на домашното задолжување, чиј дел ќе биде префрлен во идната година за исплата на споменатата рата од кредитот (стр.11).

Поради се погоре наведено, соопштението/изјава на ВМРО-ДПМНЕ го оценуваме како манипулирање со јавноста, односно невистина, без оглед што само ако се гледаат бројките, а не и контекстот и објаснувањата за раздолжувањата, некому може и да му изгледа така.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција