Владата не е „невина“ за потопот во скопско!

Иванов ја симна одговорноста за поплавите од ВМРО-ДПМНЕ Фото: сајт на претседателот

 

Двете клучни институции во системот за справување со кризи – ЦУК и ДЗС, се под директна контрола на Владата и таа никако не може да се трга настрана и да биде „невина“ за потопот во скопско, туку по логиката на нештата е најодговорна и треба да биде на врвот на пирамидата

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето по повод одбележувањето на 18 август – Денот на Армијата, побара одговорност од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување поради нивната несоодветна реакција во справувањето со катастрофата од поплавата која му се случи на Скопје на 06.08.2016 година.

Спин: Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции? Постојаниот ангажман на Армијата при елементарните непогоди не е трајно решение. Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сè изгледа дека се дозволи исклучокот да стане правило.

Затоа, денес, сакам да упатам повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности. Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси.

[ИЗВОР: pretsedatel.gov.mk, Датум: 18.08.2016]

 

Две недели по трагедијата која ги погоди жителите на скопските приградски населби, а во која загинаа 22 лица, неколкумина се водат како изсчезнати, околу стотина се повредени и беше причинета огромна материјална штета, шефот на државата  ги искара Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), нагласувајќи  дека  целиот товар за поплавите не може да падне врз Армијата, Иванов побара од двете институции – ЦУК и ДЗС, да си ги извршуваат своите законски надлежности.

Kontraspin - foto Vistinomer

КонтраспинВперувајќи го прстот во споменатите институции со кои раководат личности од ДУИ и од Демократските сили на Ромите, тој ја спинува вистината за одговорноста за поплавите и изгубените човечки животи. Имено, директор  на Центарот за управување со кризи е м-р Сузана Салиу од ДУИ, а на чело на Дирекцијата за заштита и спасување е д-р Шабан Салиу од Демократски сили на Ромите. Па, барајќи одговорност само од ЦУК и од ДЗС, Иванов, фактички ја „пере“ одговорноста од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која пак, ги влече лостовите на власта десет години.

Иако е неспроно дека ЦУК и ДЗС не може и не смее  да се амнестираат од одговорност, сепак во пирамидата на одговорни институции тие не се единствените кои имааат обврска да преземат мерки за да се намалат загубите и да се минимизираат штетите и последиците.

Двете институции се органи на државната управа под „капа“ на Владата. Директорите и на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, како и нивните заменици, но и членовите на Главениот штаб за заштита и спасување  ги именува Владата.

Во Закон за управување со кризи во членот 26 е наведено дека :

Со Центарот (ЦУК н.з.) раководи директор, кој го именува Владата со мандат од четири години.

За директор се именува цивилно лице, кое пред именувањето работело најмалку шест години на работни места во органите на државната управа или институциите чие работење е сврзано со одбраната и безбедноста на Републиката

Владата именува и заменик на директорот на Центарот со мандат од четири години.

А во  Закон за заштита и спасување се вели :

Со Дирекцијата  (ДЗС н.з.) раководи директор, кој го именува Владата со мандат од четири години. Директорот на Дирекцијата е цивилно лице. Директорот е самостоен во извршувањето на работите и за својата работа и одговара на Владата.

Владата именува и заменик на директорот на Дирекцијата со мандат од четири години. (член 19)

 

При Дирекцијата се формира главен штаб за заштита и спасување (во натамошниот текст: главен штаб), кој раководи со активностите за заштита и спасување во Република Македонија. Членовите на Главниот штаб се стручни лица именувани од Владата, кои за време на ангажирањето во него имаат својство на упатени лица на работа во Дирекцијата. (член 21) 

Така што,  клучните институции во системот за справување со кризи се под директна контрола на Владата и таа никако не може да се трга настрана и да биде „невина“ за потопот во скопско, туку по логиката на нештата е  најодговорна и треба да биде на врвот на пирамидата.

Исто така, вреди да се спомене и тоа дека во членот 26 од Закон за управување со кризи е наведено дека:

За директор се именува цивилно лице, кое пред именувањето работело најмалку шест години на работни места во органите на државната управа или институциите чие работење е сврзано со одбраната и безбедноста на Републиката

Според, биографијата на директорката на ЦУК, Салиу, пак, објавена на веб-страницата на ЦУК, таа нема никакво работно искуство во „органите на државната управа или институциите чие работење е сврзано со одбраната и безбедноста“, што очигледно не ѝпречело на Владата при нејзиното именување.

Исто така, двата закона со кои се регулира кризниот менаџмент ,јасно ја ставаат Владата  на прво место за правење на проценка, планирање и менаџмент со кризната состојба.  Во членот 31 од Закон за управување со кризи, на пример, е прецизирано дека: „Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба, го определува подрачјето зафатено со кризна состојба и соодветно на тоа ги активира механизмите за разрешување на кризната состојба. За донесената одлука Владата веднаш го известува Собранието и Перстедателот на Република Македнија“

Инаку, и во обемната експертска анализа на Хелсиншкиот комитет за човекови права, како одговорни институции кои потфрлија во превенцијата и справувањето со последиците од поплавата, освен  Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи , се посочуваат и Собранието на РМ, Владата  и органи на државната управа. Во таа смисла, во овој документ, меѓу другото, се вели:

Освен овие органи (ЦУК и ДЗС  н.з.), надлежности при спасување имаат:

1.Собранието на РМ- донесува Национална стратегија, одлучува за висина на средствата за заштита и спасување, прогласува ден за заштита и спасување;

2.Владата на РМ- изготвува Национална стратегија за заштита и спасување, носи одлука за формирање на сили за заштита и спасување, одлучува за евакуација, и носи Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи;

3.Органи на државната управа

Во изминатите десетина дена можеа да се слушнат повеќе експертски ставови од кои се гледа дека одговорноста за драматичните настани во скопскиот регион од шести август води до највисоките државни институции. Универзитетскиот професор, Александар Трендафилов смета дека  неконтролираната сеча на шумите, скопската обиколница и негрижата за одводните канали  се главнатите причини за поплавата во Стајковци, Арачиново, Сингелиќ , Ченто …

Освен уништувањето на планината, недостатокот на канализација и системот за евакуација, се смета дека се главните фактори за загубените човечки животи.

Според Трендафилов,  во регионот имало и поголеми врнежи во споредба со Скопје, но имало помалку жртви.

Професорот на Архитектонскиот факултет Мирослав Грчев неодамна изјави дека причината за трагедијата е во инфраструктурната запуштеност:

Она што се случува со атмосферска канализација во Скопје не може доволно да се објасни со зборот „запуштеност“, тоа е темелна цивилизациска запуштеност – директен производ на политичко и општествено малоумие.

Во последниве години, ако потребите на градот ги споредиме со трошоците за кич, можеме да заклучиме дека ова се погубни, површни политики спротивни на здравиот разум, природните и општествени закони.

Така што, имајќи ги предвид овие аргументи, изјавата на Иванов во која тој упатува повик само до „надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности“ , ја сметаме за некоректна и спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција