Владата прави чекори за растоварување на учениците

МОН предлага намалување на бројот на предмети за основците, како и намалување на бројот на часови за децата до трето одделение Фото: Принтскрин

 

Владата ќе води политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владата на РМ во својата Програма за работа, во делот посветен на образованието, насловена како „Образование за новото време“ (стр.25), меѓу другото, ветува дека ќе води политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование.

Ова ветување почна да се реализира со измените во наставните планови и програми во основното образование кои на 17.01.2018 година ги презентираше Министерството за образование и наука (МОН). Со нив се предлага намалување на бројот на предмети за основците, како и намалување на бројот на часови, пред сè за децата до трето одделение.

Како што пренесе порталот А1 он, се предвидува за учениците од прво до петто одделение еден наставен час да трае 55 минути, во кој е вклучен и одмор во траење од 15 минути по секој наставен час. Според наставните планови и програми на МОН, учениците од прво до трето одделение нема да имаат повеќе од четири часови дневно, со што ќе се намали времето што учениците ќе го поминат во настава, на сметка на зголемување на времето за одмор и игра.

Исто така по предлог на МОН ќе се намалат и тестирањата на учениците со што според нив, ќе се создаде ефикасен систем на следење, вреднување и проверување на постигнувањата на учениците. Домашните работи ќе се заменаат со вежби на час, под контрола на наставникот.

Според предлозите на МОН, учениците од прво до трето одделение севкупно ќе имаат шест предмети, Мајчин јазик, Математика, Англиски јазик, Светот околу нас, Уметност и Физичка култура. Природните и општествените предмети се заменуваат со предметот Светот околу нас, додека предметите Ликовно и Музичко, ќе се заменат со предметот Уметност.

Овие измени на наставните планови и програми за Основно образование ќе се стават на јавна дебата и доколку има различни мислења за нив, овие измени ќе бидат пилот проекти во неколку училишта со што ќе се согледа нивната ефикасност.

Со усвојувањето и примената на новите наставни планови, повеќе нема да важи наставната Кембриџ-програма.

Претходно на 01.06.2017 година, на првата пленарна седница по изборот на новата Влада, Собранието донесе законски измени со кои се укина екстерното тестирање, што исто така беше ветено од страна на Владата во рамки на нејзината политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование.

Имајќи предвид дека Владата досега има преземено конкретни чекори во оваа насока, може да се каже дека се држи до ветувањето за водење политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците, односно може да се заклучи дека ветувањето на Владата е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција