Владата само делумно го зголеми буџетот за рамномерен развој

Министер Сухел Фазлиу. Фото: Веб сајт на Влада на РМ

 

Партијата на власт СДСМ даде ветување за кое се обврза дека ќе го исполни во првата година од власта и за кое констатираме дека е само делумно исполнето:

Намалувањето на разликите на развиеност на регионите ќе биде наш приоритет. Затоа, средствата за финансирање на проекти за рамномерен регионален развој ќе ги удвоиме веднаш во првата година (ќе изнесуваат 8 милиони евра), за до крајот на мандатот сумата да стигне до 80 милиони евра, што е за 20 пати повеќе од средставата што сега се обезбедуваат за таа намена.

[Извор: СДСМ-Живот во Македонија (стр.229) – датум, декември 2016 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ пред да дојде на власт има ветено дека ќе посвети големо внимание на рамномерен регионален развој, со цел да се стигне до приближување на различните развојни степени на регионите во државата.

На 09.07.2018 година во Владата се одржа церемонија на потпишување на 98 договори со разни претставници од локалната самоуправа и од планските региони, при што беше соопштено следното:

Владата на Република Македонија, за 2018 година, средствата за рамномерен регионален развој ги зголеми за над 50 отсто и 4,5 милиони евра оваа година ќе бидат вложени во проекти кои што ги предложија општините и планските региони врз основа на нивните приоритети. Главно станува збор за инфраструктурни проекти или проектна документација за поголеми проекти, со цел да можат да се обезбедат дополнителни средства и од донаторски извори или од ИПА Програмата на Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

„Вистиномер“ го провери ова тврдење на ресорниот министер. Тоа е точно. Со споредба на Буџетот за 2018 година со оној, ребалансираниот од 2017 година, се доаѓа до констатација дека средствата навистина се зголемени.

Во 2017 година средствата предвидени за рамномерен регионален развој изнесувале 131 милион денари или околу 2 милиони и 140 илјадии евра, додека во 2018 година за оваа намена од основниот буџет се предвидени 211, 3 милиони денари или 3,46 милиони евра, кои се директно наменети за регионален развој при Министерството за локална самоуправа. Но, во основните програми на Владата и расходите по таа основа, се предвидени над 328 милиони денари или над 5,3 милиони евра (Буџет на РМ за 2018, стр. 86), додека во оној за 2017 година, вкупните расходи биле предвидени на околу 227 милиони денари или 3,7 милиони евра(Буџет на РМ за 2017, стр 83).

Крајната констатција е следна. Владата на СДСМ навистина во првата година ги зголемила средствата за рамномерен регионален развој и од нив веќе „потроши“ околу 4,5 милиони евра. Но, тоа е само нешто над половина од она што го вети во предизборната програма во декември 2016 година, дека во првата година на власт овие средства ќе ги зголеми на 8 милиони евра.

Оттука, оценката за исполнетоста на ова ветување е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција