Владата сè уште не формирала фискален совет

Засега само најави за формирање фискален совет Фото: pixabay.com

 

 

Ќе формираме Фискален совет, како независен орган формиран од страна на Собранието на Република Македонија, во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредибилитетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“(стр.23)   рок: Шест месеци од формирање на Влада (01.12.2017)]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Формирањето на таканаречен „Фискален совет“ СДСМ го заговараше уште како опозициска партија. Како резултат на извештаите на Европската комисија за проблематичното ниво за јавниот долг и неговата одржливост, социјалдемократите уште како опозиционери во 2014 година побараа формирање на вакво тело, со цел да се зголеми фискалната одговорност во земјава со независна анализа на фискалната политика и поттикнување стручни расправи за фискалната политика

Согласно ваквите заложби, формирањето на „Фискален совет“ најде свое место и во предизборна програма со која СДСМ настапи на парламентарните избори на 11-ти декември 2016 година. Поточно, ова ветување е наведено во поглавјето „Транспарентност во трошењето“ (стр.23), а се споменува и во делот на обврски што партијата ги презема за да ги реализира во првите 6 месеци од формирање на Владата, наречен „План 180 – итни рефорсмки приоритети на новата влада во првите 6 месеци“ (стр.208).

Врз основа на партиската програма на СДСМ, идејата за формирање на „Фискален совет“ стана дел и од Програмата за работа на Владата 2017-2020 , поточно во делот „Одговорна власт и контрола на власта“ (стр.20), каде стои дека Владата ќе предложи формирање на вакво експертско тело, кое треба да го оцени кредибилитетот на фискалната политика. Арно ама, ова ветување не е составен дел од работниот план на Владата за тековната 2018 година, а го нема ниту во планот за итни реформски приоритети наречен  „План 3-6-9“.

Сепак, во однос на ова говореше министерот за финансии Драган Тевдовски, кој во септември минатата 2017 година јавно изјави дека Македонија ќе добие фискален совет, кој, според него, ќе биде алатка за контрола на финансискиот систем. Како што посочи Тевдовски, улогата на овој совет треба да биде советодавна, но ќе има и одредени контролни инструменти.

Да почнува многу порано креирањето на буџетот и да се додадат алатки кои што ќе го контролираат системот. Една од тие алатки ќе биде Фискалниот совет, но за тој да биде успешен ќе треба да биде поврзан и со некои фискални правила, изјави тогаш Тевдовски.

Но, 5 месеци по оваа најава на Тевдовски и 9 месеци откако Собранието ја избра актуелната Влада предводена од премиерот Зоран Заев, „Фискалниот совет“ сѐ уште не е конституиран, односно не е изгласан од страна на парламентот на предлог на Владата, и покрај тоа што се најде меѓу приоритетите во партиската предизборна Програма на СДСМ за првите 6 месеци. Оттука, ова ветување на СДСМ засега (27.02.2018) е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција