Владата сè уште нема избрано главен преговарач со ЕУ

Фото: flickr.com

ВЕТУВАЊЕ: Уште во првата година ќе се иницира процес на именување на главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата, кој ќе започне со изготвување на преговарачки позиции за поглавјата судство и темелни права (23) и за правда, слобода и безбедност (24).

[Извор: Програма за работа на Владата (2017-2020), датум: јуни 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за именување на главен преговарач со ЕУ е неисполнето ветување на Владата на РМ. Во Програмата за работа на Владата (2017-2020) на стр. 13, во делот посветен на ветувањата на Владата за евроатланската интеграција на земјава, меѓу другото, се предвидува во првата година од мандатот на Владата, да се иницира процес за избор на главен преговарач со ЕУ и тоа со консензус меѓу власта и опозицијата.

Нашиот пристап предвидува развој на култура за дебата и целосна транспарентност во процесот на пристапување кон Европската унија. Уште во првата година ќе се иницира процес на именување на главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата, кој ќе започне со изготвување на преговарачки позиции за поглавјата судство и темелни права (23) и за правда, слобода и безбедност (24).

На 01.06.2018 година помина точно една година од мандатот на Владата на премиерот Зоран Заев. Но, досега (26.06.2018) во јавноста, никаде не се спомнало дека во тек е избор на главен преговарач со ЕУ, ниту пак, се спомнува некое име. А,  според нашите сознанија, не се испратени ниту некакви предлози до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во Програмата на Владата се предвидува тој да биде избран со консензус меѓу власта и опозицијата.

Изборот на главен преговарач е особено значаен, бидејќи Владата, со потпишувањето на Договорот со Грција за решение на спорот околу името, очекува на Советот на ЕУ во Брисел кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни во Брисел, да добие датум за отпочнување преговори со Унијата. Познато е дека, доколку Македонија добие датум за преговори, први поглавја кои ќе се отворат се токму 23-то (судство и темелни права) и 24-то (за правда, слобода и безбедност). Ова се поглавјата кои се спомнуваат во Програмата на Владата за кои би бил специјализиран главниот преговарач.

Премиерот Зоран Заев на 24.04.2018 година, на седница на Комисијата за европски прашања, најави дека преговорите за членство во ЕУ ќе ги водат најдобрите луѓе од институциите.

По донесувањето на одлуките за преговори во јуни, ќе ги подготвиме и преговарачите. Со овој чекор ќе демонстрираме сериозност. Овде ќе ни требаат најдобрите луѓе од институциите. Треба да имаме предвид дека членството во ЕУ ќе ги отвори најголемите теми, како реформите во судството, владеење на правото, човекови права и така натаму. Реформиран државен систем ќе ни помогне да станеме до европските политички системи. Ги засукаваме ракавите, нè чека полни раце работа“, кажа Заев во обраќањето, пренесе Макфакс.

Во врска со изборот на главниот преговарач со ЕУ, во Владата  велат дека процесот е во тек.

Постапката е во тек, се уште нема избрано преговарач. Во истиот момент кога ќе се утврди името на преговарачот, веднаш ќе известиме – ни одговори владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на прашањето на „Вистиномер“

Имајќи го предвид сето погоре, може да се заклучи дека ветувањето на Владата за именување на главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.