Владата со доцнење од три месеци го усвои стратешкиот документ за добро управување

Фото: Принтскрин - Мета

 

Ветување: Во првите шест месеци Македонија ќе има Стратегија за добро управување, којашто ќе гарантира зголемена транспарентност на сите државни институции, задолжителни консултации со граѓаните, бизнис-заедницата и граѓанските организации и засилена контролна улога на Собранието

[Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“(стр.22 и стр. 231), датум: ноември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Водечката владејачка партија СДСМ, во изборната програма за превремените парламентарни избори  (11.12.2016), наречена „План за живот“ , на две места вети дека во првите 6 месеци од формирањето на Владата ќе биде изготвена Стратегија за добро управување, со цел да се зголеми транспарентноста на институциите. Прво, ова ветувањето стои на страница 22 од предизборната програма, во делот што се однесува за одговорна власт, каде е наведено дека „одговорна власт значи транспарентно и отчетно работење, согласно интересите на граѓаните, без злоупотреба на државните ресурси за лични и партиски потреби“. Потоа, партијата ова ветување го впишува и на страница 231 од програмата, во делот на итни реформски приоритети што треба да се спроведат во првото полугодие од формирањето на Владата (План 180 )   како дел од мерките што спаѓаат во категоријата „Правда, сигурност, контрола на власта“. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека ова изборно ветување, кое е дел и од владината Програма 2017-2020, е исполнето,  со забелешка дека тоа е сторено со задоцнување од три месеци.

Имено, актуелната Влада на чело со премиерот Зоран Заев направи значителни чекори во насока на зајакнување на транспарентноста и отчетноста во владеењето, управувањето со институции и менаџирањето со народните пари. Во таа насока, Министерството за финансии почна да објавува податоци за извршување на буџетот, за преземените но неисплатени обврски на буџетските корисници, а воедно почна да изготвува и таканаречен граѓански буџет  со цел клучните податоци поврзани собуџетот да се претстават на разбирлив начин за обичните граѓани. Покрај тоа, Владата донесе одлука да ги објави сите трошоци на министрите и други државни функционери, да објави систематизирани податоци за спроведените јавни набавки, додека министерствата добија обврска на нивните интернет страници да објавуваат листа на информации од јавен карактер, вклучително и стратешки планови.

Што се однесува со Стратегијата за добро управување, од Владата за „Вистиномер“  изјавија дека  ваков документ е усвоен на владината седница на 07.03.2018 година, но под друг назив – Насоки за добро управување на избрани и именувани функционери. Како што велат од Владата, се предвидува секој функционер назначен од премиерот да ја следи имплементацијата на Стратегијата, односно Насоките за добро управување.

Оттука, констатираме дека ова ветување е реализирано, иако тоа е направено со задоцнување од над три месеци, со оглед дека рокот поставен во предизборната партиска програма на СДСМ и во Програмата за работа на актуелната Влада е 6 месеци од формирањето на Владата (избрана е на 31 мај 2017 г), односно до ноември минатата 2017 година.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски