Владата вети континуирано, а само еднаш даде субвенции на младите претприемачи

Претприемништвото како двигател на економијата, Фото: Принтскрин

Проект: Финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи.

Со мерката ќе се субвенционираат новоосновани претпријатија чии основачи (над 50%) и управители се млади лица до 30 години, државјани на Република Македонија, преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари, направени за следниве намени:

  • Набавка на опрема, алати и инвентар;

  • Уредување на простор;

  • Изработка на визуелен идентитет на производот/услугата (веб-страница, дизајн на логотип, рекламен мате- ријал);  

  • Дизајн на нов производ и амбалажа;

  • Стручно усовршување (учество на специјализирани обуки за потребите на претпријатието);

  • Кофинансирање на трошоците за станарина во бизнис-инкубатор, за времетраење од една година (само за претприемач кој сè уште нема сопствен деловен простор).

(Буџет: 900.000 денари годишно, рок: 2014 – континуирано)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за субвенционирање на новоосновани претпријатија во сопственост на млади претприемачи е дел од  Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) година во делот –Мали и средни претпријатија (стр.40). Во програмата е наведено дека рок на реализација на проектот е 2014 година – континуирано, што укажува на тоа дека овој проект или мерка на субвенционирање на мали и средни претпријатија, би се спроведувал во континуитет секоја година додека трае мандатот на Владата. Досега оваа мерка е спроведена само еднаш во 2014 година, затоа ветувањето го оценуваме како делумно исполнето. 

Oсвен во програмата, оваа мерка беше потенцирана и за време на предизборната кампања, особено од страна на носителот на листа во втората изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Јанкулоска,  и носителот на листа во петтата изборна единица, Александар Николоски.

Мерката за финансиска поддршка за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи е во согласност со Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 година, усвоена од Владата на РМ на 08.01.2014 година и е идентификувана како Мерка 6. Целта е да се овозможи поддршка на малите и спредни претпријатија како носители на економскиот развој со што би се намалила невработеноста кај младите и би се зголемил процентот на БДП  во земјата. Во програмата е наведено дека вкупниот износ за сите субвенционирани млади претприемачи би бил 900.000 денари, сума која соодветствува со буџетот за ветувањето наведено во изборната програма.

Согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2014 , објавен е еден јавен повик за субвенционирање на новоосновани претпријатија во сопственост на млади претприемачи, повикот е објавен на 21.01.2014 со рок на доставување на понуди до 15.10.2014.  На 06.08.2014 година, Министерството за економија објави известување дека средствата на повикот се исцрпени. Во 2015 и 2016 година, овие повици не беа повторно објавени.

Програмите за конкурентност, иновации и претприемништво се донесуваат на годишно ниво. Во програмите за 2015 и 2016 година мерката за субвенционирање на новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи не е вклучена, што укажува на отсуство на континуитет во спроведување на оваа мерка.

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во делот Бизнис клима и конкурентност (стр.33-40), каде, меѓу другото, се дава и детален осврт на поддршката за мали и средни претпријатија, оваа мерка не се споменува.

Со оглед на тоа што ветената субвенција за новоосновани претпријатија од страна на млади претприемачи, беше овозможена само во 2014 година, а не во континуитет, како што беше најавено во програмата, ова ветување го оценуваме како делумно исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовскa