Влатко Ѓорчев се жали на цензура врз провладините бастиони на слободата!?

Владимир Ѓорчев - врши ли СДСМ цензура врз медиумите? Фото: принтскрин

Владимир Ѓорчев е најмалку 18 години во политиката, така што предобро знае што зборува, кога вели дека СДСМ и некои НВО-а сакале да воведат цензура во медиумите во Македонија посебно врз „Сител“ и ТВ „Нова“ – „последни бастиони на слободата“. Говори невистина

 

Владимир Ѓорчев е најмалку 18 години во политиката, така што предобро знае што зборува, кога вели дека СДСМ и некои НВО-а сакале да воведат цензура во медиумите во Македонија посебно врз „Сител“ и ТВ „Нова“ – „последни бастиони на слободата“. Говори невистина

 

Поранешниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ и висок функционер на оваа партија Владимир Ѓорчев ја даде следнава изјава:

Медиумите се напаѓаат по сите основи. Kлоновите на СДСМ и нивните политички НВО ги колонизираа сите медиуми, не се симнуваат од телевизија, весници, радио и интернет, а дрндаат дека нема демократија, дека нема слобода. Цензурата на СДСМ и Сорос ги казнува „Сител“ и ТВ „Нова“, секоја недела и секоја седмица. Желбата и намерата на СДСМ е да се уништат неколку медиуми кои се последните бастиони на слободната мисла и гаранти на плурализмот… Ад хок тела за цензура, кои ќе бидат арбитерот за „вистината“, за задушување на слободата на говорот и слободата на изразувањето.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница, датум: 18.12.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Владимир Ѓорчев што се однесува до медиумите е целосна невистина, а докази за ваквото тврдење има премногу. Тука ќе употребиме само дел од нив со цел да се одбележи оваа крупна невистинита изјава на Ѓорчев.

Човек што не ја познава политичката и општествената стварност во Македонија и прво ја чита изјавата на овој функционер на ВМРО-ДПМНЕ, ќе помисли дека во земјата на власт е СДСМ и тие заедно со некои невладини организации ја уништуваат медиумската слобода, слободата на говор и на изразување. Ова да беше кажано од некој нов, млад политичар, можеби јавноста и ќе имаше право на оценка дека станува збор за збунетост, грешка, возбуда… Но, Владимир Ѓорчев е најмалку 18 години во политиката, така што предобро знае за што зборува. А, сепак, изјавата му е целосна невистина.

За да го поткрепиме ова тврдење за невистината на изјавата на Ѓорчев ќе наведеме три аргументи:

Прво, оценката за загрозената медиумска состојба во Република Македонија одамна ја констатираат домашните експерти, релевантни во оваа област, потоа колегите новинари и најголемиот дел од медиумската заедница. Доволно на оваа тема е да се прочитаат ставовите изнесени во разни документи, проценки и анализи, соопштенија и барања упатени од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите во Македонија. Но, списокот не завршува тука. Бројни јавни изјави се дадени и од професори кои предаваат комуникации и новинарство на неколкуте државни и приватни факултети во Македонија. Упатуваме на истражување на ССНМ направено во 2014 година во кое над 60 отсто од испитаните новинари во анонимна анкета се жалат на цензура, а над 53 отсто применуваат автоцензура како метод за работа, поттикнати од страв од одмазда и мобинг по разни основи, вклучувајќи го и потенцијалното губење н работното меесто!

Второ, оценката за загрозеност на медиумските слободи и права одамна ги констатираа и странските организации и тоа не само професионалните и есанфски, какви што се Фридом Хаус, според кои Македонија од 2016 година веќе спаѓа во групата неслободни земји во однос на медиумите, или, пак, Меѓународната и Европската федерација на новинари (IFJ/EFJ), кои секоја година најмалку еднаш говорат во прилог на ваквите заклучоци. Не, не само тие, медиумските неслободи и загрозеноста на правото на слобода на изразување, т.е. слобода на говор, го констатираа и Обединетите нации, преку извештаите на нивниот доскорешен специјален пратеник Франк Ла Ру, потоа Европската унија во сите свои извештаи за напредокот на РМ, потоа Советот на Европа во свои резолуции за Македонија, итн.

Конечно и во експертскиот извештај на Рајнхард Прибе, што потоа стана дел од Итните реформски приоритети на поранешната Влада и Собрание на РМ, се констатира лошата медиумска стварност и загрозеност на медиумите и затоа тие станаа дел од преговорите во т.н. „процес од Пржино“. Тоа што подоцна, на почетокот на 2016 г. ВМРО-ДПМНЕ го напушти ова последно нечепнато прашање од Договорот од Пржино, а потоа, пак, се врати на него, прифаќајќи го Ад хок телото за мониторинг и решението за назначување на уредник на информативна програма во МРТ за време на предизборниот и изборниот процес, тоа зборува дека ВМРО-ДПМНЕ признава дека има проблеми во медиумската стварност, но и тоа дека ваквата стварност најмногу ѝ одговара на доскоро владејачката партија, чиј висок функционер е Владимир Ѓорчев.

Трето и конечно, во последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, чија набљудувачка мисија присуствуваше во земјава повеќе пати во текот на 2016 година, а континуирано уште од септември/октомври, во врска со медиумите се вели следното:

Резултатите од следењето на медиумите на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР покажаа дека обата јавни телевизиски канали ја почитувале регулативата за рамномерно известување помеѓу групите во изборната кампања

Приватните Сител, Канал 5 и Алфа не обезбедиле балансирано и непристрасно известување во своите вести. Иако тие рамномерно го поделиле медиумскиот простор главно помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во првиот случај известувањето било со позитивен тон, а во вториот случај најчесто со негативен, особено на Сител. Сите три канали отворено ја поддржувале владејачката партија и се фокусирале на темите кои беа составен дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Сомнителни информации преземени од интернет повремено се пренесуваа како политички вести на овие канали.

Ако се следи логиката на изјавата на Владимир Ѓорчев во делот на медиумите и за тоа кој врши цензура, тогаш и ОБСЕ/ОДИХР би требало да грешат, зашто наместо како бастиони на слобода на изразување, посочуваат на одредени телевизии како на медиуми кои што известуваат во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

Поради наведените аргументи и факти, изјавата на Ѓорчев не само што е недоследна, туку е и чиста невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција