ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го прикрие случајот „Актор“

 

Подолг период институциите работат за да утврдат дали има или нема нешто што е преземено од фирмата („Актор“ ), а е противзаконски. Од друга страна апсолутно е сигурно дека сите постапки кои зависеле од државните институции се законски и според меѓународни стандарди

[ |Извор: Република | Датум: 16.03.2014]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Случајот „Актор“ го обелодени СДСМ во почетокот на март оваа година (2014), од каде изразија сомнеж дека  „Проектот Демир Капија-Смоквица крие огромен финансиски скандал во кој е вмешана Владата на Република Македонија предводена од Никола Груевски и грчката фирма Актор, што го доби тендерот за изградба на автопатот.“ Социјалдемократите на прес-конференција обвинија  дека преку грчката фирма „Актор“ (преку грчки државјани кои ја поминувале организирано границата), од филијала на Стопанска банка во Неготино се извлечени 3,5 милиони евра во кеш.  Власта (ВМРО-ДПМНЕ) отпрвин се обидуваше да го заташка случајот. Владејачката партија во првата реакција тврдеше дека нема ништо спорно во изградбата на автопатот „Демир Капија – Смовица“, дека се испочитувани законските прописи на Македонија и дека  „опозицијата со  неточни и паушални обвинувања  го нарушува угледот на националните институции, кои совесно и компетентно ги извршуваат обврските во процесот на ефективно и ефикасно искористување на средствата дадени на располање од страна на Евроспката унија и меѓународните финансиски институции“. Но, наспроти ваквиот став, десет дена по избивањето на аферата во јавноста,  ВМРО-ДПМНЕ излезе со горенаведената изјава (соопштение)  во кое се вели дека „Подолг период институциите работат за да утврдат дали има или нема нешто што е преземено од фирмата („Актор“  н.з.), а е противзаконски“, која ја оценуваме како недоследна.

Еве го приказот за тоа како почна случајот „Актор“, какви беа првичните реакции на ВМРО-ДПМНЕ и како се равиваше целата приказната за која опозицијата тврди дека е  во прашање мега- финансиска афера „за незаконско подигање милионски суми пари во готово наменети за автопатот Демир Капија-Смоквица“.

На 6.03.2014 портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов на прес-конференција во седиштето на Партијата соопшти:

Нешто чудно се случува околу изградбата на автопатот Демир Капија –Смоквица. Прво, чудно беше кога Владата на Груевски ја избра за најповолен понудувач грчката компанија Актор, иако од една италијанска компанија имаше понуда пониска за дури 40 милиони евра

Во првата реакција на ВМРО-ДПМНЕ во текот на истиот ден, искажана преку соопштение за медиумите, се вели:

Целата постапка на јавната набавка е координирана од делагацијата на ЕУ и соодветните тела на ЕУ, кои немаат ниту една забелешка на процесот.Тендерска документација и објавувањето на тендер беше одобрено од страна на службите на Европската комисија во координација со другите финансиери, имено ЕБРД и ЕИБ. Дали СДСМ проверува пред да излезе на прес конфереција што ќе каже? Зошто СДСМ организира прес конференции против ЕУ, ЕБРД и ЕИБ? Зошто токму денес, кога проектот започна пред две години? Со неточни и паушални обвинувања, не само што се нарушува угледот на националните институции, кои совесно и компетентно ги извршуваат обврските во процесот на ефективно и ефикасно искористување на средствата дадени на располање од страна на Евроспката унија и меѓународните финансиски институции, туку се доведува и во прашање и кредибилитетот на меѓународните партнери кои се дел од овој проект и се вклучени и детално запознаени со целиот процес.Очигледно СДСМ ја продолжува практиката да дава вакви срамни и неподготвени прес коференции.

Опозицијата и во наредните денови продолжи на прес-конференции да открива детали за случајот и да го повикува премиерот Никола Груевски да одговори:

Дали знаел за честите трансфери на кеш пари, или, дали, можеби, тој дозволил да се излеат 3,5 милиони евра кеш во скандалот „Актор“ ?

ВМРО-ДПМНЕ на 7.03.2014 во соопштение за мадиумите посочува:

За реалицација на овој проект се почитуваат сите европски правила и се прават месечни состаноци со претставниците на Европската комисија за текот и реализацијата на овој проект. Полугодишно ваков тип на состаноци се прават и со претставници и на ЕИБ и ЕБРД. На овие месечни состаноци се констатира финансиски и физички прогрес на целиот проект.Целокупната документација и објавувањето на јавен повик за изградба на овој автопат беа одобрени од страна на службите на Европската комисија, во координација со ЕИБ и ЕБРД. Со отпочнување на постапката за евалуација целиот процес беше следен од набљудувачи на споменатите институции, до самото завршување на финалниот извештај на евалуацијата и предлогот за избор најповолен понудувач од страна на Комисијата за евалуација. Овој извештај беше одобрен од страна на Европската комисија, при што се пристапи со потпишување на договорот со најповилниот понудувач. При спроведување на оваа постапка ниту една од компаниите не поднесе жалба.

На 9.03.2014 на прес-конференција Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, рече :

Повторно потенцираме, дека за реализација на овој проект се почитуваат сите европски и македонски законски правила. Сите надлежни државни институции ги почитуваат законите на Република Македонија и меѓународните стандарди утврдени од партнерските европски институции. Каде и како фирмата ги троши парите, дали за работници, дали за опрема, машини или градежни материјали господинот Шилегов треба да си ја праша фирмата која го добила тендерот, тендер кој е верификуван од сите релевантни европски институции. Доколку се сомнева во нивната работа, секако дека има начин тоа да го пријави до институциите, а институциите ќе си постапат.

На 11.03.2014 Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ изјави:

Една и единствена причина за пресовите на СДСМ за автопатот Демир Капија – Смоквица се претстојните избори. Еве, повторно, како стојат работите: Исплатите на фирмата „Актор“ според извршените работи се прават по извршена супервизија на реализацијата, на матичната фирма во Грција. Значи, подружницата во Македонија не изнесува пари, туку внесува пари во земјата за да ги исплати работниците во земјава и суровините кои ги купува во земјата. Второ и значајно, на месечна основа се информира Европската Комисија која ги обезбедува средствата за сите реализирани активности на автопатот. Доколку СДСМ има сомнеж или информации каде и како фирмата ги троши парите, информациите треба да ги достави до надлежните институции. Го повикуваме господинот Шилегов да престане да ги држи своите прес конференции во прашална форма, при тоа фрлајќи сомнеж насекаде. Со прашањата се крие од тужби. Утре ќе каже дека тој не кажувал, туку само прашувал.

На 12.03.2014 година Управата за финансиско разузнавање соопшти дека:

По добиените првични сознанија, Управата за финансиско разузнавање на 11 ноември 2013 година има отворено предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност. По сите законски процедури и спроведени постапки, по спроведените анализи кои што беа темелни и сеопфатни, се известени и државните институции, кои имаат врска со овој вид на проблематика. Во целиот овој изминат период се вршат проверки и соодветни дејствија за обезбедување на факти, докази и аргументи кои се од битно значење за понатамошното одвивање на целата постапка, која сеуште трае, а за чиј епилог јавноста ќе биде соодветно информирана.

На 13.03.2014 Јавното обвинителство поведе преткривична постапка за случајот „Актор“. Јавниот обвинител Марко Зврлевски на прес-конференција соопшти:

Од Управата за спречување перење пари синоќа е доставен извештај до Основното јавно обвинителство за сомнителни трансакциии и е поднесен предлог до надлежен суд за блокирање на имот на одредени трговски друштва и сметки за кои е веќе изречена времена забрана. Јавното обвинителство интензивно постапува и од аспект на трговските друштва и од аспект на лицата кои се вклучени

На истата прес-конференција министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска изјави:

Има премногу коинциденции за да може да се процени настапот на опозицијата како случајност. Времето како и секогаш досега ќе покаже која била вистинската цел и мотивација на оние кои на ваков начин настапуваат во јавноста, а инститиуциите ќе одговорат во рамки на надлежностите

На 13.03.2014 портпаролот Шилегов на прес-конференција рече:

Управата за финансиско разузнавање го призна мега-скандалот „Актор“. Отворена била истрага за одлевањата кеш пари во Македонија преку грчки државјани. Кој наложил стопирање на истрагата и зошто Управата задолжена за спречување перење пари подлегнала на притисоците? Според нашите информации, тие биле по налог од врвот на на македонската Влада. Ако СДСМ не го обелоденеше случајот, дали оваа институција задолжена за спречување перење пари воопшто ќе проговореше? Дали до крајот на проектот на овој начин во нечиј или нечии џебови во Македонија требаше да завршат 30 милиони евра кеш ?

На 13.03.2014 од ВМРО-ДПМНЕ одговорија со писмена реакција:

Сите постапки кои се превземени од страна на државните институции при одлучувањето и евалуацијата на тендерот за изградба на автопатот Смоквица – Демир Капија се во согласност со законите на Република Македонија и меѓународните стандарди побарани од страна на Европската комисија, Европската инвестициона банка и ЕБРД. И на СДСМ им е совршено јасно дека нема апсолутно никаква вмешаност од страна на кои било функционери, но го злоупотребуваат случајот, заради влијание врз изборниот процес. А, по се изгледа под инструкција на сомнителни центри со цели спротивни на интересите на Република Македонија. Начинот на кој постапува СДСМ е крајно сомнителен во смисла на вистинските причини и инспиратори кои стојат зад вмешувањето на СДСМ во овој случај за кој државните институции веќе постапуваат.

На 14.03.2014 портпаролот Шилегов изјави:

Управата за финансиско разузнавање била информирана за трансакациите од филијалата на Стопанска банка во Неготино, а бидејќи самата Управа призна дека истрага била отворена, тоа значи дека за огромните организирани трансакции во кеш биле запознаени и други институции.
Ако биле запознаени зошто институциите молчеле 10 месеци? Под чиј налог институциите премолчувајќи дозволиле да се одлеат кеш пари? До јануари 2014 година биле одлеани 216 милиони денари или 3,5 милиони евра.

На 14.03 2014 ВМРО-ДПМНЕ во писмена реаквција вели:

Тврдењата на Шилегов дека се запрени истражните дејствија во врска со работењето на фирмата „Актор“ се неточни. Шилегов ја манипулира и лаже јавноста. Никој ништо нема запрено, а тие дејствија се превземени многу пред СДСМ и Шилегов да се обидат да го злоупотребат овој случај и да му фрлат друга насока со сомнителна цел. Институциите работат за да утврдат дали има, или, нема нешто што е превземено од фирмата, а е противзаконски. ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно сигурна дека сите постапки кои зависеле од државните институции се законски и според меѓународни стандарди. Дали фирмата која е ангажирана за реализација на проектот прекршила одредени закони, или не, ќе покажат институциите.

На 16.03.2014 потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски на прес-конференција изјави дека власта долго време го криела овој случај, сè додека не го обелодени опозицијата.

Владата и ВМРО-ДПМНЕ прво негираа дека нешто е спорно и тврдеа дека секоја трансакција е законска. Дури владејачката партија на прес-конференција се закануваше со тужба, повикувајќи на оваа тема СДСМ да не држи прес конфренции во прашалана форма. Вистината е дека за овој мега скандал со месеци молчеле државните институции. Дури откако СДСМ ја изнесе вистината во јавноста, власта излезе со смешно тврдење дека институциите отвориле случај, рече Манчевски

Веднаш по пресот на потпретседателот на СДСМ со соопштение до медиумите реагираше ВМРО-ДПМНЕ :

СДСМ продолжува да манипулира. ВМРО-ДПМНЕ многупати досега се произнесе за овој случај, но уште позначајно за овој случај е дека се произнесоа и сите релевантни надлежни државни институции. Дејствијата од страна на институциите во врска со овој случај се превземени, многу порано пред СДСМ да се обиде да го злоупотреби случајот

 

Изјавите и соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од шести до 16.03.2014, прес-конференциите на СДСМ, соопштението од Управата за финансиско разузнавање, изјавата на јавниот обвинител Марко Зврлевски, изјавата на министерката за внатрешни работи , Гордана Јанкуловска, оставаат впечаток дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на случајот „Актор“ е недоследен.

 

ЛИНКОВИ:

 

Анализа на: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција