ВМРО – ДПМНЕ : Изградба на ХЕЦ БОШКОВ МОСТ

vmro-dpmne-logo

ХЕЦ Бошков Мост е сложен хидроенергетски систем со кој се предвидува целосно искористување на хидропо- тенцијалот на Мала Река, чиј слив се наоѓа во западниот дел на Република Македонија. ХЕЦ Бошков Мост ќе се состои од два агрегати со вкупна инсталирана турбинска моќност од 71,5 MW и просечно годишно производство на електрична енергија од 115 GWh. Во 2011 година потпишан е договор за заем со Европската банка за обнова и развој. Преку реализација на овој проект ќе се зголеми учеството на енергијата од обновливи извори во финал- ната потрошувачка на електрична енергија. Во тек е постапка за избор на изведувачи и во месец јули се очекува да започнат градежните работи, додека во исто време ќе работиме и на изведба на приклучокот на електропреносната мрежа. Буџет: 107.000.000 евра [Рок: 2014 до 2018 година ( за реализација на проектот се потребни 4 години)]

Образложение:

Изградбата на хидроелектраната „Бошков Мост“, ВМРО-ДПМНЕ  ја вети пред речиси десет години. Овој проект беше предвиден во Преродбата во 100 чекори (2006 -2010),  со која ВМРО-ДПМНЕ излезе на парламентарните избори во јуни 2006 година, кога премиерот Никола Груевски го доби првиот мандат.

Во оваа Изборна програма  (Енергетика, стр.55) е наведено:

Само 25% од вкупните расположиви хидропотенцијали на Републи ка Македонија денеска се ставени во функција. Во моментов постои документација за отпочнување процес на издавање под концесии на неколку поголеми и позначајни хидроенергетски објекти, како на пример ХЕ Чебрен, ХЕ Галиште и ХЕ Бошков Мост. Веднаш по освојување на власта ќе отпочнеме со меѓународни процеси за издавање на овие објекти под концесија на заинтересирани домашни или странски инвеститори според постојните законски прописи во државата. Очекуваме сите три електрани да отпочнат со градење до крајот на 2007 година, со што покрај зголемувањето на инсталираните обновливи извори на енергија, едновремено ќе се поттикне и работењето на домашната градежна оператива што позитивно ќе влијае, како на економскиот раст на државата, така и на намалувањето на бројот на невработените. [Пристапено на: 28.12.2015]

Две години подоцна, пред  предвремените парламентарни избори  во 2008 година, владејачката партја  го вети истиот проект.  Во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена (Енергетика, стр.89)  се вели:

Само 25% од вкупните расположиви хидропотенцијали на Република Македонија денеска се ставени во функција. Во моментов процесите на издавање под концесии за неколку поголеми и позначајни хидроенергетски објекти, како на пример ХЕ Чебрен, ХЕ Галиште и ХЕ Бошков Мост се во завршна фаза. Веднаш по изборите ќе пристапиме кон нивна изградба и експлоатација според постојните законски прописи во државата. Очекуваме сите три електрани да отпочнат со градење до крајот на 2008 година, со што покрај зголемувањето на инсталираните обновливи извори на енергија, едновремено ќе се поттикне и работењето на домашната градежна оператива што позитивно ќе влијае како на економскиот раст на државата така и на намалувањето на бројот на невработените. [Пристапено на: 28.12.2015]

Изградба на хидроцентралата Бошков Мост, ВМРО-ДПМНЕ ја вети и по три години, во предизбориетон за предвремените парламентарни избори во јуни 2011 година.   Во Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Енергетски сектoр , стр. 125) за проектот „ ХЕ Бошков Мост“ пишува:

ХЕ Бошков Мост претставува значаен хидроенергетски проект за Република Македонија. Со неговата инсталирана моќност од 68 MW и годишно производство од околу 120 GWh „зелена“, односно еколошки најприфатлива електрична енергија, оваа хидроцентрала не само што ќе го подобри енергетскиот капацитет на земјата туку во след- ниот четиригодишен период ќе биде и значаен економски промотор во западна Македонија, поточно во регионот по течението на реката Радика и нејзините притоки како и општините Маврово-Ростуше, Центар Жупа и Дебар. Преку поволно обезбедените кредитни средства во висина од 65 милиони евра од ЕБОР и дополнителни 15% од инвестицијата обезбедена од сопствени средства, Електрани на Македонија се во завршна фаза на подготовите за реализација на овој проект во вкупна вредност од 76 милиони евра. Се очекува до крајот на 2011 година да се распишат тендерите за изведувач на проектот, а хидроцентралата ќе се гради во период од 4 години од почетокот на 2012 година и ќе биде завршена до 2016 година. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во ноември 2011 година Европската банка за обнова и развој ѝ одобри на Македонија кредит од 65 милиони евра за изградба на хидроцентралата Бошков Мост. Министерот за финансии Зоран Ставрески тогаш соопшти  дека градежните работи треба да започнат за околу половина година. Дотогаш треба да завршат постапките за избор на изведувач и за доставувач на опремата. Покрај овој заем, во изградба на хирдоцентралата, ЕЛЕМ ќе вложи и 42 милиони евра сопствени пари. [Пристапено на: 28.12.2015]

Но, на изградбата на хидроцентралата се спротивставија  еколошките здруженија од Општина Дебар, а локалното население излезе на протести. Во декември 2011 година невладиниот сектор побара подетални информации од инвестиротот, дали хидроценатрала Бошков Мост ќе влијае врз животната средина во поширокиот регион на Дебар. [Пристапено на: 28.12.2015]

Центарот за истражување и информирање за животната средина  „Екосвест“, во ноември 2011 година поднесе жалба дека ЕБРД  не ги следела своите еколошки процедури во процесот на одобрување на проектот.  Од  Екосвест тогаш соопштија:

Сметавме дека банката направила пропусти при оцената на овој проект врз животната средина, кои може да резултираат со сериозни штети врз живиот свет во националниот парк Маврово, каде што се планира да се гради хидроелектричната централа  [Пристапено на: 28.12.2015]

Во почетокот на февруари 2012 година, европските еколошки организации:  „Euronatur“, „Plantlife“ и „IUCN“ констатираа дека ходроцентралата „Бошков Мост“, сериозно ќе влијае врз опстанокот на голем број загрозени видови растенија и животни, потенцирајќи го како пример балканскиот рис

 Големите инфраструктурни проекти, како што е „Бошков мост“ го намалуваат националниот парк на апсурдно ниво. Од една страна, Македонија бара членство во ЕУ, а од друга страна покажува крајно потценување на европското конзервациско право со одобрување на вакви проекти.

Европските еколози побараа од ЕБРД да го повлече ветениот кредит за изградба на овој енергетски објект, напоменувајќи дека локалното население нема да види никаков бенефит од проектот. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во мај 2012 година ЕБРД соопшти дека жалбата на еколошката организација Екосвест,  која се однесува на проектот „Бошков Мост“, е основана. Проектот  ќе биде предмет на нова постапка за детална анализа во однос на тоа кои еколошки процедури се прекршени  во процесот на одлучување за проектот.  Евалуацијата на дејствувањето на банката ќе трае најдоцна до оваа есен (2012), до кога ќе бидат предложени мерки и решенија за отстранување на негативните ефекти на идната хидроелектрана врз животната средина. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во октомври 2012 година  министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми донесе решение со кое се дава согласност за спроведување на проектот за изградба на хидроелектраната „Бошков Мост“ . Во огласот, објавен во дневниот печат, се нагласува дека Студијата за оценка на влијанијата врз животната средина на проектот, кој треба да се реализира на територијата на општината Маврово и Ростуше и на општината Дебар, ги задоволува барањата за заштита на животната средина со примена на мерките за спречување и за намалување на штетните влијанија врз животната средина. [Пристапено на: 28.12.2015]

На ова реагираше Советот на Општина Дебар кој се спротистави на реализацијата на проектот. Локалните власти  стравуваат дека одземањето на дел од водите на реката Радика ќе го наруши биодиверзитетот во дебарската околина и  ќе влијае негативно врз растителниот и животинскиот свет. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во мај 2013 година директорот на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) Дејан Бошковски,  соопшти дека  градежните активности за изградба на ХЕЦ „Бошков Мост“ треба да почнат кон крајот на 2013 година или на почетокот на 2014 година .  [Пристапено на: 28.12.2015]

Пред предверемените парламентарни избори во 2014 година (април), Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ излезе со  Отчет за сработеното во периодот  2011-2014,  каде во делот „ Енергетика “, за проектот „ ХЕ Бошков мост“ е наведено:

Во тек е процедура за избор на изведувачи на градежните работи и добавувачи на опрема за ХЕ „Бошков мост“. За реализацијата на овој проект потпишан е Договор за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Европската банка на обнова и развој (ЕБОР) и Договор за гаранција меѓу Република Македонија и ЕБОР. Со двата договора се одобрува заем од 65 милиони евра за изградба на ХЕ „Бошков мост“. Покрај тоа, ЕЛЕМ ќе вложи и сопствени средства во износ до 42 милиони евра. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во јануари 2014 година, македонските еколошки друштва со поддршка од 119 меѓународни експерти,  подготвија „Декларација за спас на Националниот парк Маврово“. Писмото за запознање со последиците од изградбата на енергетските проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ е испратено до премиерот Груевски и министерот за животна средина и просторно планирање  Адеми, со апел да се повлече финансирањето на овие проекти и да се забрани нивната изградба. Писма во кои научниците потсетуваат дека со остварувањето на овие проекти се загрозува заштитата на националните паркови во општи рамки, беа упатени и до претседателите на Светската банка и на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). [Пристапено на: 28.12.2015]

По барањето на македонските и на странските екологисти за прекинување на постапката за изградба хидроелектраната „Бошков мост“ и на акумулацијата „Луково поле“ , македонската Влада соопшти (јануари 2014) дека реализацијата на овие енергетски проекти ќе продолжи:

При реализацијата на проектите ќе се води максимална сметка за почитување на еколошките стандарди и за почитување на животната средина за што се изготвуваат поголем број студии во кои се вклучени и релевантни странски меѓународни организации кои ќе имаат удел во реализација на проектите и кои даваат уште еден дополнителен гарант дека нема да биде преземено нешто што би значело нарушување на еколошкиот баланс и загрозување на животната средина [Пристапено на: 28.12.2015]

На 18 февруари 2014 година без вообичаените најави и официјални соопштенија од владините служби, на веб – страниците на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) е објавен меѓународниот повик за прибирање понуди за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“. [Пристапено на: 28.12.2015]

На 24 февруари 2014 година премиерот Никола Груевски на една конференција во Лондон, во организација на ЕБОР,  меѓу другото, рече:

„Изградбата на ХЕ Бошков мост како стратегиски енергетски проект, вреден над 100 милиони евра, треба да почне годинава и да заврши во 2016 година, со пари обезбедени и од ЕБОР“ [Пристапено на: 28.12.2015]

Во април 2014 македонските еколошки организации се здружија во напорите за запирање на уништувањето на Националниот парк „Маврово“, под налетот на плановите за изградба два енергетски објекта на неговата територија. На веб – страницата „Rainforest Rescue“ е објавена меѓународна електронска петиција за спас на Националниот парк „Маврово“, како еден од најстарите национални паркови во Европа. Петицијата беше упатена  до премиерот Груевски, директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и директорот на Светската банка за Југоисточна Европа. Од нив беше побарано откажување на реализација на проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ и стопирање на финансирањето на овие енергетски капацитети. [Пристапено на: 28.12.2015]

Македонските еколошки организации успеаја до август  да соберат 79.473 поддржувачи од земјата и од странство за запирање на проектите за изградба на „Бошков мост“ и „Луково поле“. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во октомври 2014 македонските еколошки организации побараа  да се пролонгира најавената изградба на хидроелектраната „Бошков мост“ поради пробивање на рокот на важност на изготвената анализа за нејзиното влијание врз животната средина во Националниот парк „Маврово“. Од „Еко свест“ и од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ информираа дека оствариле средба со директорите од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои им соопштиле дека  Банката бара дополнителни анализи пред да се отпочне со изградба на енергетскиот објект. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во декември 2014 година Постојаниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа отвори случај за планираните големи проекти во Националниот парк „Маврово“ – хидроелектраната „Бошков мост“ и акумулацијата „Луково поле“. Од здруженијата „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“  информираа дека Комитетот во претстојниот период ќе проверува дали постои прекршување на одредбите од оваа конвенција при носење на одлуките за планираните 18 хидроенергетски проекти и нивното влијание на територијата на паркот, вклучувајќи ги и двата најголеми енергетски проекти меѓу нив. Од „Еко-свест“ соопштија дека постапката пред Постојаниот комитет започнала со поднесувањето на жалба во март 2013 година. Еколошките здруженија посочуваат дека подготвените препораки од Постојаниот комитет ќе бидат обврзувачки за нашата земја. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во јануари 2015 година  беше  презентирана Предлог – стратегијата за развој на енергетиката во периодот 2015 – 2035. Во оваа  Стратегијата изработена од МАНУ, меѓу другото, се изразува и надеж дека земјата во наредниот период ќе се насочи кон реализација на проектите „ХЕ Бошков мост“, „ХЕ Чебрен“, „ХЕ Галиште“ и „ХЕ Велес“. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во февруари 2015 година лондонски „Гардијан“ објави опсежен текст за загрозувањето на екосистемите и живиот свет во Југоисточна Европа, при што предупредува и на опасноста од истребување на балканскиот рис во Националниот парк „Маврово“, поради изградбата на хидроелектраната „Бошков мост“ и акумулацијата „Луково поле“. Весникот во својот текст ја објавува информацијата дека Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) е на работ на откажување од инвестирање во изградбата на хидроелектраната „Бошков мост“. [Пристапено на: 28.12.2015]

Само неколку дена по пишувањето на лондоснкиот весник од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), информираа дека продолжуваат да бидат посветени на реализација на проектот за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“. Сепак, тие наведоа дека најпрво е неопходно соодветно разрешување на сите предуслови поврзани со еколошката одржливост на проектот. Обезбедувањето на 65 милиони евра од оваа финансиска институција е условено од повеќе параметри при исплатата на средствата, вклучувајќи ги специфичните еколошки и социјални предуслови, кои се составен дел од Акцискиот план за екологија и социјални услови на самиот проект. Од ЕБРД посочија дека имаат соработка со државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за задоволување на критериумите за изградба на еден ваков објект во национален парк. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во почетокот на декември ( 2015) Постојаниот комитет на Бернската Конвенција побара суспензија на сите владини инфраструктурни проекти во НП „Маврово“, вклучително и  хидроенергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле, сѐ додека не се подготви Стратешка оценка за влијанието врз животната средина.

Истрагата покажа дека планираните енергетски проекти во овој национален парк не се компатибилни со статусот на заштита на паркот и на вредните екосистеми и видови, посочувајќи дека плановите за изградба на „Бошков мост“ и на „Луково поле“ треба да бидат напуштени. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во врска со препораките од Постојаниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа, од  Европската банка за обнова и развој на 9 декември 2015 година соопштија  дека ЕБОР пред да ја донесе конечната одлука околу финансирањето на проектот „Бошков мост“ ќе ги разгледа дадените препораки.  Тие посочија дека целосно ги прифатиле изгласаните препораки во однос на Националниот парк „Маврово“, дополнувајќи дека досега не се префрлени финансиски средства на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за изградба на спорната хидроелектрана. [Пристапено на: 28.12.2015]

Во меѓувреме, со своја реакција за најновиот развој на настаните се јавија и од  ЕЛЕМ. Оттаму посочија дека е добро што се донесоа нови препораки кои предвидуваат да се направи нова дополнителна студија, која ќе ги потврди специфичните потреби за заштита на локалната флора и фауна.

АД ЕЛЕМ ќе ги земе предвид овие препораки и ќе изработи студија со цел, паралелно со текот на процесните активности да се обезбеди и инклузија на потребите и довербата на засегнатата јавност. Наша цел е да се претстават сите придобивки од проектот и на економско и на еколошко ниво, затоа што имаме план да реализираме развојни проекти и истовремено да ја унапредуваме животната средина. [Пристапено на: 28.12.2015]

 

Имајќи го предвид сето ова, може да се констатира дека изборното ветување за изградба на овој енергетски проект,  кое владејачката партија го даваше во сите изборни циклуси од 2006 година досега, е неисполнето.

 

Линкови:

 

Оценето од: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *