ВМРО-ДПМНЕ: Модернизација и електронска наплата на патарините

Фото: Влада на РМ

Јавниот повик за реализација на електронска наплата на патарините е во завршна фаза. Се очекува до јуни 2014 година да биде склучен договор, а рокот за реализација на проектот е 18 месеци по склучувањето на договорот. Модернизацијата на системот за наплата на патарините се предвидува да се реализира преку воведување интегриран систем за готовинска и безготовинска наплата на патарините. Средствата за овој проект се веќе обезбдени од ЕБОР. Буџет: проценета вредност 17 милиони евра. [Рок: 2014–2015 година]

Образложение:

На 23.10.2014 година  медиумите информираа дека  турската компанија„Аселсан”   е избрана како најповолен понудувач за проектот за изградба и модернизација на патарините на Коридорот 10.

Оваа модернизација ќе значи брз проток на возила, избегнување на човечкиот фактор и плаќање во готово, избегнување на тесните грла…

Електронската наплата ќе се врши преку микробранови транспондери, еден вид налепници и со смарт картички (припејд и постпејд), со електронски систем за категоризација на возилата. Овие смарт картички ќе се продаваат и на бензински пумпи и во други малопродажни објекти.

Со овој проект ќе се модернизираат петте постоечки наплатни станици од Романовце до Градско. Проектот ќе чини 18,7 милиони евра од кои 15 милиони се обезбедени од ЕБОР, а остатокот се сопствени средства.  [Пристапено на: 09. 01.2016]

На 13 ноември  2014 година Јавното претпријатие за државни патишта и турската компанија „Аселсан“, потпишаа  Договор  за изградба и модернизација на патарините на Коридорот 10 и инсталација на електронскиот систем за наплата на патната такса. Според  Договорот, новиот модернизиран електронски систем за наплата на патарините треба да биде имплементиран  за 18 месеци, односно мај  –  јуни 2016 година. [Пристапено на: 09. 01.2016]

На 08.01.2016 година со почеток на изградбата на новата електронска наплатна станица кај Романовце,   стартуваше пороектот за модернизацијата на патарините. Во оваа пригода премиерот Никола Груевски, меѓу другото, изјави :

Започнуваме со еден исклучително корисен, модерен и долгоочекуван проект во нашата земја. Со него е предвидена инсталација на опрема со која ќе се овозможи електронска наплата на патарините, ќе се забрза протокот на возила, ќе се намалат гужвите и застојот на патиштата, ќе се зголеми ефикасноста на наплатата на патарината и ќе се минимизираат злоупотребите и одговорноста на човечкиот фактор што беше честа појава во минатото. Најголем дел од активностите, ќе започнат и ќе се реализираат во текот на годинава (2016 н.з.), а помал дел ќе завршат во првите неколку месеци од следната година (2017 н.з.). [Пристапено на: 09. 01.2016]

По повод стартот на работите за модернизацијата на патарините, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, изјави 

Започнуваме од патарината Романовце, бидејќи оваа наплатна станица е најтесно грло особено во летните месеци кога имаме зголемен прилив од странски граѓани кои минуваат транзит низ нашата земја. Предвидено е од пет ленти оваа наплатна рампа да ја проширме со десет ленти за поминување.

Мисајловски додаде дека очекува градежните активности на патарината Романовце да завршат до јуни  оваа година (2016) и наплатната рампа целосно да профункционира. [Пристапено на: 09. 01.2016]

Имајќи го предвид сето ова може да се каже дека изборното ветување е делумно исполнето. Со забелешка дека е пробиен изборниот рок за реализација на проектот (2015 година). Според изјавата на премиерот, финиширањето на проектот може да се случи во првите месеци од 2017 година.

Линкови:

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција