ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски не ги подржува експертските решенија во предлог-законот за ААВМУ

Противењето на ВМРО-ДПМНЕ на измените во Законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги не е резултат на принципиелна позиција, ниту пак, да се спречи „директно мешање на политиката во работењето на медиумите“, како што тврди лидерот Христијан Мицкоски, туку едноставно да се спречи предложеното решение за избор на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми и на членовите на Програмскиот совет на МРТ, чиј актуелен состав е именуван од претходната Влада и партијата сака да го задржи на истите позиции

 

Противењето на ВМРО-ДПМНЕ на измените во Законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги не е резултат на принципиелна позиција, ниту пак, да се спречи „директно мешање на политиката во работењето на медиумите“, како што тврди лидерот Христијан Мицкоски, туку едноставно да се спречи предложеното решение за избор на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми и на членовите на Програмскиот совет на МРТ, чиј актуелен состав е именуван од претходната Влада и партијата сака да го задржи на истите позиции

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ТВ дуелот со лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, даде изјава за медиумите што ја оценуваме како спин:

Спин: ВМРО-ДПМНЕ има една принципиелна позиција, а тоа е дека сето она кое што е добро за медиумите, впрочем за тоа имавме и состанок пред некој ден, апсолутно нема никаква дилема, ВМРО-ДПМНЕ го поддржува, стои во одбрана на истото, сака да обезбеди независност, транспарентност, отчетност и подобра конкурентност на медиумите во РМ и ќе го поддржи сето тоа. Но, сето она кое што го кажа сега господинот Заев, а кое што значи директно мешање на политиката во работењето на медиумите, ВМРО-ДПМНЕ не може да го поддржи…

[Извор: Зоран Заев против Христијан Мицкоски – ТВ ДУЕЛ, Датум: 23.05.2018]

 

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: На што се противи ВМРО-ДПМНЕ, односно на што се темели изјавата на Мицкоски за принципилната позиција на ВМРО-ДПМНЕ, се обидовме да видиме низ медиумските извештаи за досегашната амандманска расправа за предлог-измените на Законот за аудио и аудио-визуелни и медиуски услуги. Заклучокот е дека Мицкоски невистинито тврди за принципиелниот став околу медиумите. Според тоа, Мицкоски извртено ја кажува вистината, т.е. спинува.

Долг е историјатот на сега предложениот закон за измените во постоечкиот што ја регулира оваа материја. Доволно е да се каже дека расправите за измените во овој закон започнаа уште како дел од т.н. Пржински процес, кога четирите тогашни најголеми партии во Собранието на РМ, во 2015 година започнаа дијалог со цел да се договорат околу итните реформски приортети, кои во текот на летото таа година беа дел од забелешките на експертите не ЕУ, предводени од германскиот екс-дипломат и експерт Рајнхард Прибе.

Сè до крајот на минатата 2017 година и почетокот на 2018-тата година, Владата на РМ, поточно најповиканите – министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, организираа голем број отворени и затворени дебати со сите заинтересирани страни во врска со решенијата во законот. После ваква долга процедура на консултации, кон крајот на првото тромесечје од годинава Владата го упати својот предлог-закон до Собранието, каде што сè уште е во тек процедурата во второто читање.

Сосема е точно и она што во ТВ дуелот го тврди премиерот Зоран Заев – дека тие, Владата, ги слушнале мислењата на експертите, на практичарите, на медиумите и на новинарите и дека врз основа на тие мислења ја изградиле финалната верзија на предлог-законот. Во тој предлог закон, некои ставови на Владата отпаднаа, како што беше почетната и силна желба за регулирање на сферата на он-лајн медиумите, исто како што отпадна и не беше целосно прифатено цврстото барање на медиумските организации за буџетско финансирање на МРТ од 1 отсто од Буџетот на РМ, туку се започнува со 0,7 отсто, при што во законот Владата се обврзува секоја година да го зголемува овој процент за 0,1 отсто со цел да се стигне до процентот од 1 отсто што го бараа новинарските здруженија.

Една од клучните измени во Законот – а ги има неколку, како што се укинувањето на владините реклами, укинувањето на обврските на медиумите за продукција на документарна и играна прогрма, намалување на квотата од програмата за емитување музика на македонски и на јазиците на националностите – беше предложеното решение за избор на членовите на Советот на Агенцијата за медиуми и на членовите на Програмскиот совет на МРТ. По предлог на новинарските здруженија, на други невладини организации, кои работат на медиумската проблематика, јавни комуникации и слично, овие членови треба да се бираат од редот на експерти за вакви прашања, по пат на конкурс и јавна дебата во надлежните собраниски комисии на кои може да присуствуваат, освен пратениците, медиумите, новинари и невладини организации. На крај, за оние кандидати што ќе поминат во комисиската расправа, изборот во Собранието на пленарна седница да се изврши со 2/3-тинско гласање на пратениците.

Ете, токму ова суштинско решение сега не е по ќефот на ВМРО-ДПМНЕ, кој, меѓу повеќето десетици амандмани, меѓу кои има многу и технички дотерувања (кои се во ред), има и амандмани што се противат токму на ваквиот начин на избор на членовите на двете тела.

За ова зборуваат медиумските извештаи од оние медиуми што ја следат расправата и убаво може да се види континуитетот на противењето на ВМРО-ДПМНЕ. Само погледнете ги извештаите на Телма од 17 април, па на 24 Вести од 07 мај и на 24 Вести од 10-ти мај годинава.

Не само тоа, туку ВМРО-ДПМНЕ, односно нивната пратеничка група, е и против тоа новинарски или други еснафски невладини организации да имаат право да даваат препораки за некој иден кандидат за член било на АВМУ, било на ПС на МРТ, со образложение – сите тие невладини организации биле купени!? (МЕТА, 17.05.2018).

Но, непринципиелното противење на ВМРО-ДПМНЕ не се гледа само во амандманската расправа. Многу досегашни изјави и соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, на Мицкоски или на други високи претставници на партијата, укажуваат на тоа дека оваа партија ,има мислење оти медиумите и сега се зависни, само се „купени“ од другата страна, т.е. од СДСМ.

Иако лошата состојба со независноста на медиумите и со новинарските стандарди не се многу подобрени, иако и сегашната влада и нејзини министерства знаат да направат по некоја недоследност во однос на прашањето на медиумите, оценките на домашните и на меѓународните институции и оганизации, сепак покажуваат дека состојбата е подобрена и дека Владата е на пат да изгради амбиент за слободно работење на медиумите, отвореност и отчетност и да ја подобри состојбата со слободата на изразување. Предложените законски измени во Собранието се токму дел од тој пат, а веќе укинатите т.н. владини реклами се реализирана мерка.

Амандамните на ВМРО-ДПМНЕ, барем според медиумските извештаи што ги наведовме, се во контра-насока. Поради тоа, оценката за изјавата на Мицкоски за принципиелниот став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на медиумите е дека тоа е извртена вистина, односно спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција