ВМРО-ДПМНЕ најскржава во „толеранцијата“, „мултикултурата“ и „довербата“

Боите во политиката не се исти кога станува збор за толеранцијата. Фото: Википедија

Мала анализа без големи претензии на клучни зборови употребени во програмите на трите најголеми политички партии во државата, покажува интересни нешта – владејачката ВМРО ДПМНЕ сосема ги избегенува зборовите и проектите насочени кон толеранција, соживот, доверба, итн, СДСМ ги има многу повеќе, додека кај ДУИ, иако ги има повеќе од ВМРО ДПМНЕ, тие се однесуваат генерално кон барања за подобрување на статусот на Албанците во Македонија

Мала анализа без големи претензии на клучни зборови употребени во програмите на трите најголеми политички партии во државата, покажува интересни нешта – владејачката ВМРО ДПМНЕ сосема ги избегенува зборовите и проектите насочени кон толеранција, соживот, доверба, итн, СДСМ ги има многу повеќе, додека кај ДУИ, иако ги има повеќе од ВМРО ДПМНЕ, тие се однесуваат генерално кон барања за подобрување на статусот на Албанците во Македонија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Граѓаните на Македонија во последните триесетина дена се соочени со „кризно“ прашање, чија подлошка лежи во меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи. Започна со поставувањето на споменикот на двоглавиот орел во општина Чаир, се пренесе со поставувањето на темели за 55 метарски крст во општина Бутел. Актери на двата настана се активисти или симпатизери на двете владејачки партии, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, предводени од раководствата на централно ниво и нивните општински разграноци.

За повеќето аналитичари и граѓани, чии ставови може да се слушнат, видат и прочитат и по медиумите и по социјалните мрежи, не е спорно дека станува збор за вештачки предизвикана криза со цел на подигнување на рејтингот на двете партии пред претстојните избори. Примери во блиското минато и со Калето и со тепачките по автобусите и меѓу навивачките групи има повеќе и тоа за предизборни и постизборни цели.

Овој став е дотолку повеќе цврст, зашто и ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, одлично кохабитираат во Владата, во Собранието и на локално ниво веќе 8 години. Впрочем, меѓуетничките односи, толеранцијата, соживотот, мултикултурализмот, итн,  се термини за реални односи во заедницата кои во поновата историја се омеѓани со Охридскиот рамковен договор и со новото законодавство кое произлезе од овојо договор, вклучувајќи ја и промената на Уставот.

Токму горе споменатите термини ги побаравеме во програмите на трите владејачки партии кои се со најгоелм број пратеници во Собранието од последните избори во 2014 година – ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

Има разлика - на зборови. Табела: Вистиномер
Има разлика – на зборови. Табела: Вистиномер

 

ВМРО ДПМНЕ „Е ЗА ТОЛЕРАНЦИЈА“ САМО ЕДНАШ  

Првиот клучен збор кој го пребарувавме во програмите е зборот „толеранција“ и варијации од истиот.

Во програмата на ВМРО ДПМНЕ, овој збор е содржан само еднаш и тоа во стратегиските цели на политиката на партија во наредните 4 години, на стр. 10.:

Стратегиски приоритети и цели – одржување добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и подеднаков третман на сите пред законот;

Потоа, ги баравме и зборовите , „соживот“, „меѓуетнички соживот“ или односи, „вера“, „религија“, „мултикултура“, „мултиконфесионалност“ и слично.

Зборот „меѓуетнички“ е споменат во истата програма само еднаш и тоа во истата реченица цитиран погоре. За зборовите „соживот“, „вера“, „религија“, „мултиконфесионалност“, итн, не најдовме ниту еден резултат, т.е. тие воопшто ги нема во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а „мултикултура“, т.е. мултикултурализмот е споменат само еднаш и тоа во однос на прашањето за политката кон Ромите, на стр. 218:

ВМРО-ДПМНЕ со цел да го намали постојниот јаз меѓу ромската заедница и мнозинското население и да промовира вистинско мултикултурно општество, изработи стратешки документ со кој се промовираат принципите на
активна заштита на правата на Ромите и тоа…

Како клучни зборови во пребарувањето ги ставивме и зборовите „интеграција“ и „доверба“.

Зборот „интеграција“, ВМРО-ДПМНЕ го употребува повеќе од десетина пати, но само три пати во програмата во контекст на етнички прашања. Сите три збора се употребени на стр.218-219 и се во контекст на подобрување на правата на Ромите.

Конечно еден убав збор кој многу кажува сам по себе – „доверба“ – во Програмата на ВМРО ДПМНЕ е споменат над десет пати, но е употребен само еднаш во контекст на етничките прашања и политики и тоа како мерки за градење доверба во спортот, меѓу различните етнички групи. (стр.241)

Како што може да се види, владејачката партија не се занимава многу со овие прашања дури ни во програмата.

 

ДУИ Е „ТОЛЕРАНТЕН“ ТРИ ПАТИ

Ниту најголемата партија во албанскиот етнички кампус, ДУИ, нешто не се претргнува со овие термини во програмата, иако е видливо дека ги има многу повеќе отколку во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

На пример, зборот „толеранција“ во програмата на ДУИ е споменат седум пати, од што најмалку три пати се однесува директно на меѓуетничките односи во Македонија.

Зборот „меѓуетнички“, во разни контексти е споменат 28 пати, а зборот „мултикултурно“ 8 пати, од што неколку пати во смисла на евроатлантски интеграции, а еднаш дури и во поглавјето за туризмот (стр 47, стр 53 – јазик, стр. 67-НАТО, стр. 166 – туризам, стр. 223/224 – култура).

Зборот „соживот“ не го најдовме, но затоа зборот „интеграција“ го има над 100 пати, од што, огромен дел се однесува и на цитирањето на самото име на партијата во програмата.

Конечно зборот „доверба“ го најдовме 8 пати, при што најголемиот број примери се однесува за довербата меѓу заедниците или довербата во општеството.

Поголемото појавување на клучните зборови што ги пребарувавме во програмата, не значи дека ДУИ така се однесува и во практиката. Но, ова значи дека многу повеќе обраќа внимание на овие прашања во политичкиот вокабулар, што е разбирливо, со оглед на фактот што е партија на етнички немнозинска заедница и што во самото име го содржи зборот „интеграција“.

 

СДСМ Е „ТОЛЕРАНТЕН“ КОЛКУ И ДУИ

Најголмата опозициска партија СДСМ има многу поинаков вокабулар во својата политичка програма од 2014 година во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Иако е помала по број на страници и иако се со многу помалку конкретни проекти, СДСМ многу повеќе внимание има посветено на меѓуетничките и мултикултурните прашања во земјава.

Зборот „толеранција“ и кај СДСМ не се среќава многу – три пати (сите на стр.81 и 82) и тоа еднаш за критика на актуелната владејачка партија дека стимулира раздор и поделено општество и како ќе прави обратно „идната Влада на СДСМ“.

Збоот „меѓуетнички односи“ е употребен 6 пати и тоа на страниците 7, 82 и 84, при што, сите се однесуваат на актуелната состојба во општеството и на мерките што ќе ги преземе во иднина СДСМ ако ја добие власта. Тие се ставени во поглавјето „Општествен дијалог“.

СДСМ обраќа доста внимание на прашањето на „мултукултурализмот“ во Македонија, барем вербално. Овој збор го има 7 пати во програмата:

  • „Македонија е и мултикултурно општество“ (стр. 9),
  • „ќе градиме мултикултурно општество со проекти за поголема интеркултурна комуникација и градење дух на почитување и културен плурализам“.(стр. 84),
  • „ќе креира програми за развој на мултикултурно општество“ (стр. 84), „ќе воведе елементи на мултикултурно образование“ (стр. 84/85).

Зборот „интеграција“ во програмата а оваа партија е споменат 11 пати, од што „три пати“ се однесува на меѓуетнички односи и тоа :

општествената интеграција и намалување на поделбите, а разликите меѓу граѓаните ќе ги намалуваме и по економска, и по етничка линија; интеграција во однос на политиката кон Ромите и интеграција на меѓуетнички план во образованието.

Конечно, зборот „доверба“, кај СДСМ во програмата се споменува 12 пати, од што три пати се однесува исклучиво во однос на доверба меѓу заедниците.

Истражувањето што го направивме по пребарување на неколку клучни зборови во програмите, веројатно, не покажува многу за тоа како се однесува некој политички субјект во реалноста. Но, речникот и темите ставени во програмите на партиите, сепак покажуваат кој политички субјект акцентира или занемаравува некои прашања. На пример, кај ВМРО- ДПМНЕ видливи се две работи – прво, дека малку посветува внимание на овие прашања во своите политички програми (од 2006 до 2011), а второ, дека има извесно занемарување во последната програма во однос на претходните.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција