ВМРО-ДПМНЕ не го претставува целиот „народ“

За кој народ зборува Груевски? Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

Груевски, сè додека не стане премиер или претседател на држава, може да зборува само во името на оние гласови што ги доби на изборите, а тоа се 38,1 отсто од оние што излегле да гласаат, односно од 66,8 отсто од запишаните избирачи

 

 

Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на РМ на 09.04.2017 ја даде следната изјава, која ја оценуваме како невистина:

 

…Го предупредувам (Зоран Заев – н.з.) да не си поигрува со демократијата во Република Македонија, да не си поигрува со народот, бидејќи оваа држава не е негова, државата е на народот и тој не може зад грбот на народот да договара одредени сценарија, платформи од туѓи држави и тоа после избори и откако ги исполажа луѓето. Да не мисли дека тоа ќе помине туку-така и дека народот ќе остане со скрстени раце…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата е дадена како одговор на новинарско прашање во врска со можноста во наредните денови парламентарното мнозинство составено од СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА, со поддршка од најмалку 10 пратеници да изгласаат преминување на точка избор на Претседател на Собранието и на тој начин да ја надминат блокадата преку непрекинати дискусии на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој дел од изјавата на Груевски е невистинит и апсурден, пред сè, затоа што ниту тој, ниту неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, не го претставуваат сиот „народ“, ако мисли на граѓаните, ниту пак, го претставуваат мнозинството од македонскиот народ и другитe етнички заедници во РМ.

И од двата аспекта гледано, изјавата на Груевски е невистина и е манипулација. Зборовите „народот гледа“, „зад грбот на народот“, „народот нема да остане со скрстени раце“, итн,  во контекстот во кој се употребени, се невистинити тврдења.

Груевски, сè додека не стане премиер или претседател на држава, може да зборува само во името на оние гласови што ги доби на изборите, а тоа се 38,1 отсто од оние што излегле да гласаат, односно од 66,8 отсто од запишаните избирачи.

Оние на кои им се обраќа, СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев, ги претставуваат гласовите на 36,6 отсто од запишаните избирачи, а пак, заедно со трите други партии со кои го сочинуваат парламентарното мнозинство, претставуваат 51,75 отсто од избирачите што гласале. Ова се официјалните конечни резултати од последните избори во Македонија што ги прогласи Државната изборна комисија.

Така, дури и формално, јасно е докажлива невистинитоста и злоупотребата со „народот“ во изјавите на Груевски, вклучувајќи ја и оваа конкретна изјава.

Коалицијата што има мнозинство гласови во Собранието на РМ, во моментов говори во името на повеќе „народ“, отколку партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Да заклучиме, кога Груевски изјавува „народот ова или она“, е невистина, зашто ВМРО-ДПМНЕ, ниту може да зборува во име на целиот македонски народ, ако мислел на него, а контекстот е таков, ниту пак, да се обраќа во името на сите граѓани на РМ. Истото важи и за квалификацијата и предупредувањето до Заев, да не си игра со демократијата. Бидејќи ако волјата на малцинството – 51 пратеник, наспроти 67 пратеници, е доминантна во „филибастерингот“, т.е. блокадата на Собранието, тогаш Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се тие што си поигруваат со демократијата, кршејќи го притоа и Уставот и законите и Деловникот .

Оттука, изјавата на Груевски ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција