ВМРО-ДПМНЕ не застапува ниту тенко мнозинство, а камоли огромно мнозинство од граѓаните

Христијан Мицкоски: Што значи зборот „мнозинство“? Фото: скриншот

По локалните избори ВМРО-ДПМНЕ не само што не застапува огромно мнозинство на македонските граѓани, нема ниту тенко мнозинство кај граѓаните, па дури има помала поддршка и кај етничките Македонци во споредба со СДСМ. Оттука, изјавата на Мицковски ја сметаме за невистината

 

 Лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на престојот во САД даде интервју за „Гласот на Америка“, во чии рамки даде изјава која не соодветствува со реалноста:

ВМРО-ДПМНЕ е одговорна политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ застапува огромно мнозинство македонски граѓани и во ВМРО-ДПМНЕ останува идејата и целта да биде браник на заштита на македонските национални и државни интереси…

[ИЗВОР: Гласот на Америка – Христијан Мицкоски: ВМРО-ДПMНЕ е браник на националните интереси; датум: 08.02.2018 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За време на посетата на САД по повод молитвениот појадок под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за „Гласот на Америка“, говореше за процесот на преговори меѓу Македонија и Грција за името на земјава. Притоа, тој истакна дека на неодамнешната средба на државно-политичкиот врв на државава во Скопје власта им го презентирал сетот на идеи од страна на медијаторот Метју Нимиц за надминување на спорот. Во тој контекст, Мицковски порача дека одговорноста во овој процес е кај Владата, но воедно додаде дека неговата партија останува во процесот, бидејќи, како што рече, станува збор за одговорна партија која застапува „огромно мнозинство македонски граѓани“.

Откако премина во опозиција по десетгодишното владеење, ВМРО-ДПМНЕ постојано ја повторува тезата дека била насилно симната од власт и била принудена да замине во опозиција, иако ужива поддршка од мнозинство македонските граѓани, што едноставно нема логика, бидејќи во таква ситуација би имала парламентарно мнозинство и непречено би владеела. Имено, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ, како водечка партија на коалицијата „За подобра Македонија“ освои најголем број на гласови на последните парламентарни избори оддржани на крајот на 2016 година во споредба со другите политички партии, односно коалиции. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција освоија 454.577 гласови, додека сојузот што го предводеше СДСМ освои 436.981 гласови, кои, согласно Д`Онтовиот модел, на ВМРО му донесоа 51, а на СДСМ 49 пратеници.

 

Резултатите од парламентарните избори одржани на 11 декември 2016 година. Табела: ДИК
Резултати од парламентарните избори одржани на 11 декември 2016 година. Табела: ДИК

 

Со оглед дека на овие избори беа регистрирани 1.784.416 гласачи, а на гласање излегоа 1.191.854 гласачи (66,7 отсто), произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ, сосе дваесетината коалициски партнери од предизборната коалиција, главно партии што ги претставуваат „помалите“ етнички заедници, освоил 38,1 отсто од гласовите на оние што излегле на гласање, додека процентот во однос на сите регистрирани гласачи е уште помал. Дури, ако гласовите на ВМРО-ДПМНЕ се соберат со оние на ДУИ, кои дотогаш беа постизборни владини партнери, произлегува дека владејачките партии на овие избори освоиле вкупно 45 отсто од гласовите на оние што излегле на гласање, додека само СДСМ, БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА, без другите опозициски партии и коалиции, освоија 47 отсто од гласовите. Сепак, поголемиот број на гласови не значи дека партијата има и мнозинство од гласовите, особено не огромно мнозинство.

Згора на тоа, последните локални избори оддржани во втората половина на 2017 година, покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ нема предност ниту кај македонските граѓани во етничка смисла, односно кај етничките Македонци. Доколку се соберат гласовите што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги освоија на советничките листи, кои се главен параметар за поддршката на партиите, може да се увиди дека СДСМ освои 420.522 гласови, што им донесе 552 советници, додека ВМРО-ДПМНЕ освои 335.769 гласови, што им донесе 432 советнички места, што е пад за 118.808 гласови во споредба со гласањето за пратеници една година претходно. Ако проценките беа дека на парламентарните избори СДСМ освоил педесетина илјади албански гласови, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ нема водство кај етничките Македонци, под претпоставка дека на контото на СДСМ се слеал истиот квантум на албански гласови од парламентарните.

Освен тоа, треба да се нагласи дека на овие избори СДСМ настапи во коалиција со ДУИ во однос на кандидатите за градоначалници во неколку општини со мешана етничка структура, меѓутоа во секоја општина двете партии истакнаа свои советнички листи, што ја исклучува можноста да се прелеат гласови од друга етничка заедница барем по пат на коалициски договор. Имајќи го предвид сето тоа, по локалните избори ВМРО-ДПМНЕ не само што не застапува огромно мнозинство на македонските граѓани, нема ниту тенко мнозинство кај граѓаните, па дури има помала поддршка и кај етничките Македонци во споредба со СДСМ. Оттука, изјавата на Мицкоски ја сметаме за невистината.

 

ИЗВОРИ:

  • Македонски парламентарни избори (2016), Википедија, [Пристапено на 15.02.2018]
  • Вкупен број на освоени советнички мандати, локални избори 2017, [Пристапено на 15.02.2018]

 

Оцени: Влатко Стојановски