ВМРО-ДПМНЕ: Нови електронски услуги

Во следниот период предвидуваме и воведување на нови електронски услуги:

  • Даноци за физички лица – Можност за електронско поднесување на даночни пријави за физички лица;
  • Електронска дојава во полиција – Создавање услови стандардната процедура за пријавување криминални активности (кражба на автомобил, кражба во домот и сл.) на подрачната единица на МВР да се изведува и по електронски пат;
  • Поднесување на податоци во Заводот за статистика и по електронски пат од страна на компаниите кои имаат законска обврска за извршување на оваа активност;
  • Остварување право на детски додаток и по електронски пат, односно преку електронско аплицирање. Барањата на граѓаните ќе бидат електронски процесирани, а одговорите по истите ќе бидат електронски доставени;
  • Пријавување даночни неправилности и корупција – Воведување алтернативен канал на досегашната практика за пријавување на ваков вид неправилности преку телефон – пријавување преку Интернет;
  • Користи од социјално осигурување – Остварување на правата за социјални придобивки за невработени – Можност невработените лица да го остварат своето право од социјални користи по електронски пат;
  • Издавање на изводи од матична евиденција – Воспоставување систем за електронско аплицирање за изводи од матичната евиденција;
  • Издавање на сообраќајна дозвола – Електронско аплицирање за издавање на сообраќајна дозвола;
  • Градежни дозволи – Можност граѓаните и компаниите постапката за барање дозвола за градење (регуларно, иницијално барање, без земање во обѕир на спорови и жалби) да ја спроведуваат по електронски пат;
  • Пријавување за високо образование – Можност матурантите процедурата за запишување во универзитети или други институции за високо образование финансирана од официјално административно тело во земјата, да ја спроведат по електронски пат;
  • Издавање на уверение за државјанство – Можност секој граѓанин по електронски пат да поднесе барање за издавање на државјанство и да ги плати давачките;
  • Објавување промена на место на живеење – Со воведување на оваа услуга ќе постои можност за граѓаните да ја спроведуваат процедурата за објавување промена на адреса на живеење на физички лица во земјата по електронски пат, преку поднесување на барање преку веб, како и процесирање на барањата;
  • Дозволи поврзани со животна средина – Можност компаниите стандардната процедура за добивање барем една дозвола поврзана со животната средина – кои се дистрибуираат од страна на најниските административни нивоа, поврзани со започнувањето на бизнис – активност (во предвид не се земаат жалбите и споровите) да ја спроведуваат по електронски пат;
  • Воспоставување на нов Систем за обработка на царински декларации (CDPS) – Создавање услови за бесхартиена околина за настап на економските оператори при спроведување на царинската постапка, со обезбедување на повеќе е-услуги;
  • Електронски систем за пријава/одјава на работен однос за буџетските и за јавните институции – Надградбата на електронска пријава/одјава ќе овозможи таа да биде користена и од буџетските и од јавните институции;
  • Географски информативен систем на Центар за управување со кризи – Географскиот информативен систем на Центарот за управување со кризи ќе дава интерактивен преглед на настани од интерес и нивна достапност преку веб-портал;
  • Здравствени услуги – е-Здравство подразбира група здравствени услуги вклучувајќи интерактивни совети за достапноста на одредени услуги во различни болници, како и закажување за прегледи;
  • Издавање имотен лист – Електронско аплицирање за добивање имотен лист;
  • Издавање на Уверение за платени данoци и придонеси – Електронско аплицирање за добивање на Уверение за платени данoци и придонеси;
  • Уверение за остварен нето-приход – Електронско аплицирање за добивање на Уверение за остварен нето-приход.

Носител: Министерството за информатичко општество и администрација. [Рок: 2012]

Образложение:

Во недостиг на јавно достапни информации во врска со ова ветување, се обративме директно во надлежната институција, а тоа е Министерството за информатичко општество и администрација. Од таму ни беше одговорено дека досега се воведени дел од наведените услуги, и тоа: даноци за физички лица, пријавување даночни неправилности и корупција, пријавување за високо образование, издавање имотен лист, издавање на уверение за платени данoци и придонеси, уверение за остварен нето-приход, електронска дојава во полиција, поднесување на податоци во Заводот за статистика од страна на компаниите, издавање на изводи од матична евиденција, издавање на градежни дозволи, воспоставување на нов Систем за обработка на царински декларации (CDPS), електронски систем за пријава/одјава на работен однос, географски информативен систем на Центар за управување со кризи, здравствени услуги.

Со оглед на тоа дека рокот за исполнување на ова ветување е истечен, а не се воведени сите предвидени услуги, ова ветување се оценува само како делумно исполнето.  [Ажурирано на: 03.03.2013]

Линкови:

Оценето од: Дејан Димитриевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција