ВМРО-ДПМНЕ: Обновливи извори на електрична енергија

Во првата половина на 2011 година, објавивме оглас за уште 44 мали хидроелектрични централи со вкупна инсталирана моќност од 28,3 МW. Очекуваме дека до крајот на годината ќе бидат потпишани договори за нивна реализација. И во наредните четири години ќе продолжиме со објавување на огласи за изнаоѓање на концесионери, при што секоја година во наредните четири години, најмалку 40 дополнителни локации ќе бидат понудени на заинтересирани инвеститори, односно уште 160 дополнителни локации за мали хидроелектрични централи. [Рок: прва фаза 2011, втора фаза 2015*]

Образложение:

Во однос на првата фаза од проектот, од предвидените 44 мали хидроелектрични централи, потпишани се договори за концесија за само 21 нова хидроцентрала. Исто така, мора да се напомене дека потпишување на овие договори беше извршено на 19.03.2012, што претставува отстапување од првичниот рок за исполнување на ова ветување, поставен за крајот на 2011 година.

Резултат: Делумно исполнето – прва фаза / Се истражува втората фаза на ветувањето

[Ажурирано на: 09.04.2012]

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „ Енергетика “, за проектот  мали хидроцентрали, е наведено:

Потпишани се вкупно 66 договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали. Вкупниот инсталиран капацитет ќе изнесува 60 MW со очекувано годишно производство од 230 GWh. Проценетата инвестиција се движи од 100 до 120 милиони евра. Од вкупниот број на потпишани договори за концесија, во моментот изградени се вкупно 17 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 12 MW за кои до сега се инвестирани над 20 милиони евра. Во моментов во фаза на изградба се уште 15 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 16 MW и очекувана инвестиција од 27 милиони евра. Половината од овие се завршени во 2013 година, а останатите се очекува да се завршат во 2014 година. Останатите 34 потпишани договори за концесија се во напредна фаза на обезбедување на потребните документи за добивање на одобренија за градба, со што ќе започне и изградбата на истите.  [Ажурирано на: 14.04.2014]

Иако се направени активности во насока на реализација на проектот, но со оглед на тоа што не е целосно реализиран, ветувањето: „Обновливи извори на електрична енергија“ е делумно исполнето.

Забелешка*: Како краен рок за исполнување на ветувањето е земен април 2014 година, бидејќи тој месец истекува мандатот на владата.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска


Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција