ВМРО-ДПМНЕ: Основање на еквити и мезанини инвестициски фондови

Ќе дадеме поддршка за формирање на еквити и мезанин инвестициски фондови за до капитализација и кредитирање на претпријатијата коишто имаат потреба од капитал и know how. Средства за развој на претпријатијата ќе се нудат под исклучително поволни услови Фондовите ќе имаат за цел да извршат натамошна експанзија на претпријатијата преку зголемување на нивната конкурентност и пазарното учество. Покрај директното финансирање, на компаниите ќе им се обезбедат советодавни услуги и современи менаџмент обуки. [Рок: јануари 2012 – 2015* година]

Образложение:

Во програмата за работата на Владата во 2012 година, посочено е дека од страна на Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, предложено е формирање на еквити и мезанини фондови. Ова би значело обезбедување на нови средства за поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и размена на know-how со странски претпријатија.

Во првата фаза од планот на Владата да го поддржи бизнис секторот преку Фонд за иновации, предвидено е да се доделуваат еквити и мезанин инвестиции до 80.000 евра и средства за техничка помош. По приклучувањето на средствата од Светска Банка и ИПА индустриска политика,  планирано е да бидат воведени еквити и мезанин инвестиции до 150.000 евра. Ова се очекува да се случи во првата половина на 2013 година. [Ажурирано на 06.02.2013]

Во декември 2013 година беше формиран Фондот за иновации и технолошки развој како поддршка на бизнис секторот во земјата и беше најавено дека ќе почне со работа на први јануари 2014 година.  [Ажурирано на 10.04.2014]

Фондот за иновации и технолошки развој почна со работа на 10 април 2014 година. [Ажурирано на 10.04.2014]

Во Отчетот за сработеното на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „Бизнис клима и конккурентност“, е наведено дека Фондот за иновации и технолошки развој ќе доделува 4 финансиски инструменти преку кои ќе се обезбедат средства наменети за поттикнување на иновативноста кај компаниите и тоа:

  • кофинансирани грантови за почетни бизниси, спиноф-компании и иновации до максимален износ од 30.000 евра. Овој инструмент е наменет за новоосновани, микро и мали претпријатија, со цел поттикнување и имплементирање на иновативни решенија и поддршка на компании кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на спиноф-компании;
  • кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации до максимален износ од 100.000 евра. Овој инструмент е наменет за финансирање на мали и средни претпријатија, со цел реализирање и имплементација на иновативни решенија, иновативни процеси и воведување на иновации кај компаниите, како и поддршка на компании што имаат висок потенцијал за раст;
  • кофинансирани грантови за трансфер на технологии до максимален износ од 200.000 евра. Овој инструмент е наменет за воведување на иновативни и напредни технологии во македонските компании. Програмите за трансфер на технологии се фокусирани на помагање на малите и средни претпријатија (МСП) да ја подобрат нивната продуктивност, да ги зголемат стандардите за квалитет и да воведат процеси за развој на нови производи;
  • поддршка за формирање акцелератори до максимален износ од 500.000 евра. Преку овој инструмент ќе се поддржи формирањето на деловно-технолошки акцелератори и давање инфраструктурна поддршка на иновациска дејност, преку обезбедување техничка, логистичка и финансиска помош;
  • фондот ќе доделува и средства за техничка помош на компаниите до максимален износ од 5000 евра [Ажурирано на 11.04.2014]

Иако, Фондот за иновации и технолошки развој официјално почна со работа на 10 април,  (четири дена  пред претседателските избори), сепак, тој се уште не профункционира со конкретна поддршка на бизнис секторот преку највените „четири финансиски инструменти“.   Па оглед на тоа што, претпријатијата се уште не го почувствувале бенефитот да користат „средства за развој“ од овој Фонд, како што е наведено во изборните проекции,  може да се констатира дека ова ветување  е неисполнето.

Забелешка*: Како краен рок за исполнување на ветувањето е земен април 2014 година, бидејќи тој месец истекува мандатот на владата.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција