ВМРО-ДПМНЕ: Проект „Градиме и реконструираме училишта“

Од 2006 година до 2010 година Министерството за образование и наука има инвестирано повеќе од 1,5 милијарда денари во изградба, санација и реконструкција на основните и на средните училишта, што е трикратно зголемување од претходниот период кога за оваа намена биле вложени вкупно 500 милиони денари. За илустрација само со Буџетот за 2011 година планирани се 528 милиони денари за оваа намена. Со овој проект ќе се опфати реновирање и санација во следниве училишта: во 49 училишта – санација на кровови, во 53 училишта – санација на санитарни јазли, во 30 училишта – санација на греење, во 41 училиште – замена на прозорци, во 19 училишта санација на подови. Во тек е анализа, врз основа на која ќе се утврди во кои 48 училишта ќе бидат извршени зафати за санација на електрична инсталација и ургентни работи, со што ќе се подобри квалитетот на реализација на воспитно-образовниот процес. Вредноста на овој проект е 15 милиони евра, средства кои ќе се инвестираат за подобрување на условите за настава во основните и во средните училишта, а ќе се обезбедат од буџетски извори и меѓународни финансиски институции. Со овој проект ќе бидат обезбедени подобри услови за настава за вкупно 140.000 ученици. До јуни 2012 година ќе изградиме нови основни училишта во општините Дојран и центар Жупа во вредност од 36 милиони денари, а ќе го доградиме основното училиште „Скендербег“ во општината Арачиново, за кое ќе обезбедиме 10 милиони денари. До јуни 2013 година ќе изградиме нови основни училишта во општините Аеродром, Гази Баба и чаир во вредност од 289 милиони денари. До крајот на 2013 година ќе изградиме ново основно училиште во општините Карпош и Шуто Оризари во вредност од 193 милиони денари. До крајот на 2014 година ќе изградиме нови средни училишта во општините Арачиново и Сарај, за кои ќе обезбедиме 184,5 милиони денари, а до декември 2011 година ќе доградиме шест нови училници во средното општинско училиште „Ибрахим Темо“ – општина Струга во вредност од 9, 3 милиони денари. За потребите на училиштата исто така ќе обезбедиме нови 20.000 клупи и 40.000 столчиња. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетски извори. Носител: Министерството за образование и наука. [Рок: 2015 година]

Образложение:

Во изминатите 3 години беа изградени и реновирани основни и средни училишта во различни општини во Р. Македонија.

Забелешка*: Како краен рок за исполнување на ветувањето е земен април 2014 година, бидејќи тој месец истекува мандатот на владата.

Линкови: 

Оценето од: Марија Теговска


Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција