ВМРО-ДПМНЕ: Проект „Мега атрактивен скијачки центар Попова Шапка“

Во насока на искористување на максималниот потенцијал што го нуди „Попова Шапка“, во 2010 година изработивме мастер-план за развој на овој скијачки центар. Веќе од 2011 година ќе започне модернизацијата на постојните и изградба на нови скијачки капацитети. Проектот вклучува унапредување на скијачката инфраструктура, патеки и ски-лифтови. Планирана е изградба на инсталација за вештачки снег, со што ќе се обезбеди поквалитетна и подолга скијачка сезона, како и изградба на нови, современи жичари и ски-лифтови кои ќе бидат со голем капацитет и поголема брзина и ќе ги задоволат потребите на скијачите. Сиве овие активности повлекуваат и изградба на нов хотел со четири или пет ѕвезди, поголем паркинг-простор и реконструкција на постојните и изградба на нови сместувачки капацитети. Покрај тоа, се предвидува изградба на ресторани од типот на т.н. „бачила“ блиску до скијачките патеки. Се планираат и активности за продолжување на туристичката сезона во текот на целата година преку организирање на трки со БМХ мотори и алпинистички велосипеди, параглајдерство, планинарство, алпинизам, спорт и рекреација. Со реализацијата на овој значаен проект, Попова Шапка ќе прерасне во атрактивен планински ресорт и мега популарен спортско-рекреативен центар кој ќе им биде конкурентен на познатите европски скијачки центри. Средствата за реализација на овој проект ќе бидат обезбедени од АД ЕЛЕМ како сопственик на дел од објектите, приватни домашни и странски инвеститори, а ќе се разгледа и можноста за користење на европски фондови за прекугранична соработка. [Рок: 2011 – 2015*]

Образложение:

Во ноември 2012 година, Владата на РМ усвои мастер-план за инвестирање во туристичкиот центар Попова Шапка. Според овој план, инвестицијата ќе се спроведе во 3 фази, а за првата се одвоени околу 30 милиони евра. Сепак, вреди да се напомене дека иако во ветувањето е предвидено градежните работи да започнат уште во 2011 година, тоа се уште не е направено. [Ажурирано на: 27.11.2012]

Во август 2013 ЕЛЕМ објави оглас за избор на најповолен понудувач што ќе проектира и ќе изгради жичара – шестосед. [Ажурирано на: 11.04.2014]

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „ Туризам “,  за проектот „Скијачки центар Попова Шапка“, е наведено:

АД ЕЛЕМ започна со инвестиции за изградба на нова шестоседна жичарница со должина на трасата Новата жичарница, ќе се пушти во употреба во зимската сезона 2014/2015 година. Во 2013 година започната е изградбата на Отворениот резервоар за вода, која треба да заврши до крајот на оваа година. Со цел да се подобри квалитетот на сместување во овој центар, АД ЕЛЕМ изработува проект за изградба на нов спа-хотел на местото на хотелот „Славија“ на Попова Шапка, со категоризација од четири ѕвезди. Во текот на 2014 година ќе започне и изградбата на Сноуборд-паркот на Попова Шапка. [Ажурирано на: 11.04.2014]

Иако во изминатиот период се преземени повеќе активности, со оглед на тоа што проектот не е целосно реализиран, ова изборно ветување е неисполнето.

Забелешка*: Како краен рок за исполнување на ветувањето е земен април 2014 година, бидејќи тој месец истекува мандатот на владата.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција