ВМРО-ДПМНЕ: Проект: Поливалентни вакцини

Фото: Минстерство за здравство

Воведувањето на поливалентните вакцини ќе придонесе за осовременување на Календарот за имунизација со вакцини што се препорачани од Светската здравстевна организација, а истовремено ќе се намали бројот на вакцинации (боцкања) кај децата до двегодишна возраст, од 13 на 7. На тој начин ќе се овозможи помалку посети на лекар од страна на родителите, а со тоа и помалку несакани реакции кај децата, како и повеќе време за теренска вакцинација на службите за имунизација. Во исто време ќе се постигне зголемување на опфатот со вакцинација (заштита од повеќе болести со едно боцакње), посебно за децата од руралните средини или ромската популација, каде се забележува дека истите најчесто нередовно одат на вакцинација. Во исто време, со намалувањето на боцкањата од 13 на 7 ќе се создаде можност за воведување на нови вакцини кои исто така се даваат интрамускулно со боцкање кај детето. Носител: Министерство за здравство Буџет: 250.000.000 денари (Рок: 2014 година)

 

Образложение:

На 6. август 2015 година, на официјалната веб-страна на Министерството за здравство, беше објавена информација дека почнала вакцинацијата со шествалентните вакцини.

Четириесет и три бебиња ја примија новата шествалентната вакцина во изминатите два дена во советувалиштата во Здравствен дом Скопје. Вакцината минатата недела е дистрибуирана во сите советувалишта во земјава. Петвалентната вакцина се очекува да пристигне месецов и ќе почне да се применува од септември.

– Со употреба на петвалентната и шествалентната вакцина 13. инјектирања во првата година се намалуваат на седум. Тоа дава простор за воведување нова вакцина, пневмококната, сега е по избор, но со тенденција да биде ставена редовно во календарот за имунизација – изјави директорката на Здравствен дом-Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ.

Според неа, реакциите од овие вакцини се сведени на минимум и не е проследена со зголемена температура. Може да има само локална минорна реакција од црвенило и болка, меѓутоа тоа трае краткотрајно и за 24 часа поминува. [Пристапено на: 21.12.2015]

На 15. септември, во медиумите беше објавено дека почна имунизацијата со петвалентната вакцина. Порталот „Плусинфо“ објави:

Петвалентната вакцина пристигна во Република Македонија, проверена е и е безбедна за употреба. Вакцинацијата со неа почна денеска во сите служби за имунизација во целата држава. Ова денеска го изјави Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.

– Ако од 1 август почнавме со шествалентните вакцини и од денеска со петвалентните вакцини, можеме да кажеме дека во Македонија веќе комплетно се во употреба поливалентните вакцини. Тоа значи од 13 боцкања за деца до 2 години сега се седум боцкања. Вакцините ќе бидат достапни за сите деца на возраст од два месеца до 2 години – посочи Костовска. [Пристапено на: 21.12.2015]

Имајќи го предвид ова, може да се каже дека ветувањето е исполнето, со забелешка дека рокот за неговата реализација е пробиен за една година.

 

Линкови:

Оценето од: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција