ВМРО-ДПМНЕ: Ревитализација на шесте големи хидроелектрани

Паралелно со изградбата на новите хидроенергетски капацитети, во престојниот четиригодишен период Владата предводена од ВМРО-ДМНЕ ќе продолжи и со веќе започнатите проекти за ревитализација и модернизација на веќе постојните енергетски капацитети. Со потпишувањето на Договорот за заем во ноември 2010 година помеѓу Германската КфВ банка и Електрани на Македонија отпочнати се активностите за реализација на Проектот за ревитализација на шесте постојни големи хидроелектрани: ХЕ Шпиље, ХЕ Глобочица, ХЕ Тиквеш, ХЕ Вруток, ХЕ Врбен и ХЕ Равен. Овој проект, во вкупна вредност од 32,1 милион евра, од кои 27,9 милиони евра се заем од КфВ, додека останатите 4,2 милиони евра се сопствени средства на Електрани на Македонија, предвидува продолжување на животниот век на постојните хидроелектрани и нивните придружни градежни објекти како и зголемување на сигурноста и доверливоста на истите за производство на електрична енергија, зголемување на инсталираната моќност за 18,1 МW и дополнително годишно производство од околу 50 GWh електрична енергија за македонските потрошувачи. Проектот е веќе отпочнат и ќе се заврши до почетокот на 2014 година. [Рок: почеток на 2014]

Образложение:

Во февруари 2012 година објавен е тендер за обнова и надградба на ХЕ Шпиље. [Ажурирано на: 23.04.2012]

Во март 2012 година беа потпишани  договори за ревитализација на ХЕ Вруток и ХЕ Равен. Според договорите, ревитализацијата треба да биде готова до мај 2014 година. Во февруари 2012 година објавен е тендер за обнова и надградба на ХЕ Шпиље [Ажурирано на: 23.04.2012]

Во Отчетот за сработеното на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „ Енергетика “, за проектот „ Ревитализацијата на шесте големи хидроелектрани “ е наведено:

Во февруари 2013 година почна ревитализацијата на шест хидроелектрани на АД ЕЛЕМ – втора фаза со која е предвидена замена на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро-опрема. Три од вкупно четири агрегати во ХЕЦ Вруток се целосно ревитализирани, а согласно со динамичкиот план, четвртиот и последен агрегат ќе биде целосно ревитализиран и вклучен во електроенергетскиот систем до мај 2014 година. Проектот вреден 32 милиони евра ќе биде целосно заокружен до средината на 2014 година. [Ажурирано на: 12.04.2014]

Иако има значителни активности во насока на реализација на проектот „Ревитализација на шесте големи хидроелетрани“, со оглед на тоа што тој не е целосно реализиран, ова изборно ветување  е делумно исполнето. 

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција