ВМРО-ДПМНЕ со грешка од над 270 милиони евра околу задолжувањата

 

Новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 16.01.2017 одржа прв состанок, по што, меѓу другото, беше соопштено и следново, што го оценуваме како невистина:

…Нивната неспособност ја плаќаат граѓаните кои за само 15-тина денови, актуелната влада ги задолжи со над 570 милиони евра. Заради расипничката политика на новата власт секој жител на Македонија поединечно е задолжен со преку 250 евра, односно едно четиричлено семејство, благодарение на Заев, Тевдовски и Анѓушев ќе треба да враќа преку 1.000 евра…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Прв состанок на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 16.01.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

ВМРО-ДПМНЕ, една од двете најголеми политички партии во Македонија, во својот политички говор и комуникација со јавноста искажа уште еден аргумент на слична тема како и досега, кој сметаме дека е невистинит. Станува збор за економските политики на владејачката коалиција на СДСМ, при што овој пат тие се атакуваат за владината политика на задолжување на земјата, како клучен аргумент за да се заклучи дека тие политики се лоши.

Опозициската партија испрати соопштение/изјава/став, во кој се тврди дека за 15 денови Владата се задолжила за над 570 милиони евра, и така дошле до пресметка дека секој жител на Македонија бил задолжен за преку 250 евра.

Бидејќи не е точно наведено на што се мисли, најдобра претпоставка е дека се алудира на еврообврзницата што ја издаде Владата на 11 јануари 2017 г. во висина од 500 милиони евра и на претходното задолжување кај домашните кредитори за над 70-тина милиони евра, извршено два дена пред да биде соопштено за еврообврзницата.

Но, како и порано во вакви ситуации, ВМРО-ДПМНЕ во јавноста излегува со полувистина и, може да се каже, дури и манипулативно го кажува само задолжувањето без да се наведат и другите факти, со што аргументот што го наведува де факто е невистинит.

Така, на пример, на 12.01.2017 година, министерoт за финансии Драган Тевдовски даде изјава во врска со првата еврообврзница што ја издаде владата со која управува коалицијата на СДСМ и на ДУИ, во која, меѓу другото, се вели:

…Покрај ова, со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови. На 29 јануари ќе се отплати првата рата на PBG-кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра.

Исто така, ги искористивме поволните услови на меѓународните пазари и урнавме дел од огромниот ѕид долгови со кои ќе се соочи Македонија во 2020 година. Предвреме вративме една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра, издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020 година и чијашто каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматната стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%. Со ова го намаливме долгот кој достасува во 2020 година и обезбедивме значително понизок ризик на рефинансирање.

Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра. (Извор: Министерство за финансии)

Оттука сосема јасно произлегува дека задолжувањето, всушност, не е 500, туку 300 милиони евра, бидејќи 200 милиони ќе бидат вратени кон доверителите за поранешните задолжувања кај кредитни банки во странство или по основ на претходната еврообврзница што ја има подигнато претходната Влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, на 09.01.2017 година МФ издаде соопштение во кое се наведува дека издала нова емисија на хартии од вредност на домашниот пазар, со која се задолжиле за нешто над 73 милиони евра во денари кај домашните доверители:

Министерството за финансии на аукцијата одржана на 09.01.2018 година издаде државни хартии од вредност во износ од 4.534,92 милиони денари (73,74 милиони евра)…

…На 09.01.2018 година и на 10.01.2018 година, Министерството за финансии, по основ на претходно издадени државни хартии од вредност, ќе отплати 4.537,55 милиони денари (73,78 милиони евра).

Како што може да се види од овој извор, сосема е јасно дека истиот ден кога се задолжиле со 73,74 милиони евра, се раздолжиле за 73,78 милиони евра или за околу 40 илјади евра во денари повеќе отколку штоо се задолжиле.

Кога ќе се соберат двете ставки, произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ има грешка во своите аргументи изнесени во јавноста во однос на задолжувањето од над 270 милиони евра, со што, сите други тврдења за тоа за колку пари е задолжен секој граѓанин на Македонија од почетокот на годинава се неточни, односно целата конструкција може да се оцени како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *