ВМРО ДПМНЕ неуверливо тврди дека СДСМ подготвува изборна злоупотреба на МВР

 

Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски неодамна даде подолга изјава во јавноста со тврдење за злоупотреба на полицијата од страна на СДСМ во кампањата за локалните избори, што ја сметаме во најмала рака за недоследна:

-Главниот аргумент на СДС нема да бидат програмата и проектите туку полицијата и политичките хајки кои ќе се прават врз кандидатите за градоначалници. Токму тоа го потврдуваат последните примери, каде СДС води нарачана, и пресметана хајка врз градоначалниците на ВМРО поднесувајќи нарачани, неиздржани кривични пријави кои имаат политичка цел. Градоначалникот на Велес, Чадиев доби пријава за тоа што ставил, пред 5 години, точка на дневен ред, градоначалникот на Прилеп, Ристески пак доби пријава зошто не ја осигурал општината од нагрдување на шарените, додека на шарените платеници влакно не им фали што ја руинираа општинската зграда, градоначалникот на Кавадарци, Панов заработи кривична која нема никакви докази и се базира на изјава на сведок кој патем неколку пати ја менувал изјавата, потенцираше Ѓорѓиевски.

Најглавното централно место во стратегијата на СДС има употребата на МВР. Тоа се гледа и во свот анализата на СДС, Кисела Вода каде си нацртале дека полицијата ќе помогне на партијата во изборите и дека надежта е токму нејзината злоупотреба. МВР не смее да биде продолжена рака на СДС. СДС се плаши дека ќе ги загуби изборите и затоа прибегнува кон злоупотреба на државниот апарат.

 

[Прес-конференција на Орце Ѓорѓиевски, Извор: официјален сајт на ВМРО ДПМНЕ, датум 12.09.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пред почетокот на предизборната кампања eдна од темите која ја отвори ВМРО ДПМНЕ е можната (зло)употреба на Министерството за внатрешни работи, односно полицијата во полза на власта за време на претстојните локални избори. Како аргументи, партијата ги наведува неодамнешните кривични пријави против тројца градоначалници од редовите на нивната партија како форма на притисок на власта врз опозицијата, како и една SWOT анализа, изготвена, наводно, од страна на изборниот тим на кандидатот за градоначалник на општина Кисела Вода од редовите на СДСМ, Филип Темелковски. Изјавата на Ѓорѓиевски од 12.09. 2017 г. ја оценуваме како недоследна, бидејќи не успеа да ја докаже тезата за злоупотреба со аргументите кои ги презентираше, а содржи и невистинити тврдења.

Тврдењето на Ѓорѓиевски дека

Владата на СДСМ во отсуство на реални проекти и дебаклот кој го доживеа во своите први 100 дена сега се потпира на полициските структури со цел подобрување на резултатите кои ќе ги имаат на локалните избори

е неиздржано, бидејќи не е јасно како тој или било кој друг воопшто може да знае какви ќе бидат изборните резултати на СДСМ на претстојните локални избори однапред, ниту пак може да се докаже дека полицијата се злоупотебува.

Имено, Ѓорѓиевски не покажа цврсти аргументи за тврдењето дека со неодамнешните кривични пријави против градоначалниците на Велес, Прилеп и Кавадарци, Славчо Чадиев, Марјан Ристески и Александар Панов се води

нарачана, и пресметана хајка врз градоначалниците на ВМРО поднесувајќи нарачани, неиздржани кривични пријави кои имаат политичка цел.

Ѓорѓиевски притоа тврдеше дека за велешкиот градоначалник Чадиев е поведена кривична постапка за злоупотреба на службената положба и овластувања само

за тоа што ставил пред 5 години, точка на дневен ред,

што е невистинито тврдење. Зашто ако се земе предвид образложението на кривичната пријава од велешката полиција во кое сенаведува дека:

…незаконски на општината Чашка и пренел право на сопственост на синдикално одморалиште, кое дотогаш било во сопствеништво на општина Велес. Откако имотот припаднал под општината Чашка, веднаш бил огласен за продажба и тоа за почетна цена од 483.000 евра.

Имено, според пријавата до ова гласање дошло откако синдикалното одморалиште повторно било вратено во владение на општина Велес, на барање на општина Чашка. Полицијата наведува дека по ова, кога била веќе започната седницата на Советот на О. Велес Чадиев го злоупотребил Деловникот:

спротивно на Деловникот за работа на Советот на општина Велес , претседателот С.Ч. веднаш предложил по итна постапка поставување на дневен ред нова точка – Предлог-одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од општина Велес на општина Чашка.

Според тоа, кривичната пријава не се однесува само на обична интервенција во дневниот ред на седница на Советот на општина Велес, како што тврди Ѓорѓиевски.

Невистинит е и делот од изјавата на Ѓорѓиески, во кој тој ја оценува кривичната пријава против градоначалникот на Прилеп, Ристески, како резултат на нарачана хајка и кажува дека таа се должи на тоа што

не ја осигурал општината од нагрдување на шарените, додека на шарените платеници влакно не им фали што ја руинираа општинската зграда,

Она што Ѓорѓиевски го премолчува е дека прилепските социјалдемократи поднеле кривична пријава во која го обвинуваат Ристески за незаконско работење, фингирана завршна сметка на општината, работење без план и програма, делење на пари на невладини здруженија и предизвикување штета на општинскиот буџет, сето тоа базирано на извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорот пронашол дека недостига евиденција од 90 милиони денари коишто Општината ги пријавила во вкупните побарувања за 2015 година. Тоа значи дека се давани лажни податоци во завршните сметки

Ристески, сепак, навистина бил не само обвинет, туку осуден во прв степен за неосигурената општинска зграда, на условна казна затвор од 3 месеци, но, тој ја обжалил пресудата и е закажано повторно судење. Исказот на Ѓорѓиевски за пресудата против Ристески, според ова е нецелосен и манипулативен.

Уште посериозно е заобиколена вистината во делот на изјавата на Ѓорѓиевски која се однесува на случајот за кавадаречкиот градоначалник, кој, барем според достапните информации, е осуден, исто така во прв степен, за изборни злоупотреби.

Дел од изјавата на прес конференцијата што ја одржа Ѓорѓиевски се повикува и на една SWOT анализа, изготвена од изборниот тим на кандидатот за градоначалник на општина Кисела Вода од редовите на СДСМ, Филип Темелковски, која, според Ѓорѓиевски, докажува дека Социјалдемократскиот сојуз ќе ја злоупотреби полицијата за свои изборни цели. Таа се надоврзува на прес конференцијата на Спиро Ристовски, одржана на 7.09. 2017, на која за првпат станува збор за таа анализа:

СДСМ се фатени на дело, самите признаа. СДСМ на овие избори согласно тоа што го пишува на таблата на нивната општинска организација, има стратегија да ја ангажира полицијата во нивна функција на изборите, и да го користи државниот буџет за поткуп на гласачи за да им дадат поддршка на претстојните изборите.

Погледнете, ова е swot анализа, до која дојдовме, односно swot анализа која што тие самите ја објавија а се однесува на анализа на слаби и силни страни на секоја партија која што ја прават во рамки на свој општински комитет.

Јавно, дрско и брутално СДСМ како главна полуга на овие избори го истакнува користењето на полицијата во функција на изборите.

Притоа, на јавноста и е покажан слајд на кој се гледа рачно испишан документ со СВОТ елементи (strengths, weaknesses, opportunities, threats), кој, според тврдењето на Ристовски е токму спорната анализа на штабот на Темелковски.

Интересно е дека Темелковски, од кого побаравме изјава, не ја негира автентичноста на посочената анализа, но не ја обелоденува во јавност, исто како и ВМРО ДПМНЕ, од кои ја побаравме на увид.

Ниту планираме ниту ќе се злоупотребуваат институциите,

категоричен е Темелковски во изјавата дадена за потребите на овој текст.

ВМРО ДПМНЕ или не знае да чита или ги испревртува фактите. Со професионализација на институциите нема да има партиски притисоци, а со тоа и ќе нема избирачки места каде СДСМ губи со разлика 8: 1. На овие избори секој гласач ќе може слободно да го искористи своето избирачко право,

додава тој.

Според портпаролот Иво Котевски, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е тој кој е на потег и треба да каже која е вистината за СВОТ анализата, додавајќи дека таа јасно ги покажува намерите на Социјалдемократскиот сојуз за злоупотреба на полицијата на претстојните избори.

Свесни дека ја губат поддршката кај народот како резултат на нивните погубни и штетни политики и во отсуство на реални проекти, по дебаклот што го доживеа во првите 100 дена, СДС посегнува по очајнички потези како што е злоупотребата на полицијата во партиски цели,

изјави Котевски, додавајќи дека во партијата на Зоран Заев треба да бидат свесни дека секое незаконито однесување повлекува кривична одговорност.

Кога ќе се врати правната држава со доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ повторно на власт, тоа однесување секако ќе има консеквенци,

вели Котевски.

Од изнесеното не може да се заклучи што точно содржи посочениот документ, ниту пак да се потврди ставот на ВМРО ДПМНЕ, дека тој укажува на намерите на СДСМ да ја злоупотреби полицијата на изборите, како што се тврди. Ова но и погоре наведените аргументи укажуваат дека изјавата на Ѓоргиевски е непрецизна, како и со многу паушално искажани тврдења. Затоа, изјавата на Горѓиевски ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

Оценила: Југослава Дуковска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *