ВМРО-ДПМНЕ третпат ветува нов клинички центар во Скопје и нова болница во Штип

Ако се запази најновиот рок, клиничкиот центар ќе биде готов точно 10 години откако првпат се споменува ваков комплекс. Фото: Скриншот

ИЗГРАДБА НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР „МАЈКА ТЕРЕЗА“ ВО СКОПЈЕ

Целта на Проектот е просторна реорганизација на комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје, во насока на рационално и ефикасно обезбедување здравствени услуги од терциерно здравство. Новиот проект ќе овозможи интегрирана целина со соодветен тек на работата, циркулација, функционална близина, со што ќе се постигне континуитет во обезбедувањето на здравствени услуги. Градежните активности ќе опфатат: изградба на нов клинички блок; изградба на новa зграда за лаборатории; реновирање на хируршките клиники и интегрирање со новиот клинички блок; поврзување на Гинекологија и акушерство и Онкологија и радиотерапија со новиот блок; целосно реновирање на Клиниката за кардиологија, изградба на нова инфраструктура и нова котларница за целиот комплекс на клиниките; надградба на инфраструктурата на влезовите и изградба на улици во Клиничкиот центар. За клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе биде набавена и нова медицинска и немедицинска опрема, согласно потребите и приоритетите, за која се предвидени околу 13 милиони евра. (Носител: Министерство за здравство, Буџет: 70 милиони евра (или 4,3 милијарди денари) за изградба, а вкупната инвестиција за модернизација на кампусот изнесува 128 милиони евра (или 7,87 милијарди денари), РОК: 2021 ГОДИНА)

ИЗГРАДБА НА НОВА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ШТИП

Започнавме со изградба на нова Клиничка болница во Штип. На овој комплексен проект од витално значење за жителите на Источна и Југоисточна Македонија, посветено работевме во изминатите две години, за што говори и фактот дека изработената проектна документација опфаќа околу 30.000 страници. Објектот на новата Клиничка болница во Штип ќе биде изграден на сегашната локација на болницата, на местото од објектот на стара педијатрија. Капацитетот на новата Клиничка болница ќе изнесува 354 постели, од кои 300 постели ќе бидат сместени во новиот болнички објект. Клиничката болница во Штип ќе прерасне во еден од најсовремените медицински центри во поширокиот регион надвор од Македонија, кој ќе постави нови стандарди во македонскиот здравствен систем. (Носител: Министерство за здравство, Буџет: 37.000.000 евра, РОК: АПРИЛ 2018 ГОДИНА)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во својата нова предизборна програма со која ја бара довербата на граѓаните на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 11 декември, владејачката ВМРО-ДПМНЕ на 405 страница излегува со две „подгреани“ ветувања  дадени за првпат  во 2011 година, за кои досега е многу малку реализирано. Првото ветување е за изградба на новиот Клинички центар во Скопје во кругот на сегашниот Клинички центар, поточно на местото на поранешната Клиника за гинекологија, помеѓу сегашните објекти на Гинекологија, Онкологија и Хируршки клиники, со кои ќе биде поврзана. Ветувањето опфаќа и нова зграда за лаборатории, реновирање на Хируршки клиники, како и нова котларница и нови улици и инфраструктура. Второто ветување е за изградба на нова Клиничка болница во Штип, во кругот на сегашната штипска болница.

Првпат концизно овие два големи објекти се ветени пред предвремените парламентарни избори во 2011 година, на стр. 232 од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Манифест за реформи и развој“, но ветувањето за нов Клинички центар во Скопје предвидуваше тој да се гради кај селото Бардовци, односно да се изврши дислокација на постоечкито Клинички центар.

Ветувањата се дадени во делот „Реконструкција на јавни здравствени установи“.

Ќе изградиме нова болница во Штип и објект за Медицинскиот факултет во Штип. Рок за реализирање на овој проект е од 2012 до 2016 година.

Ќе продолжат активностите за  подготовка на изградба на нов Клинички центар во Бардовци врз основа на направените анализи и студија, ќе се подготвува пристапна инфраструктура, решавање на имотно-правните односи, проектна документација и финансиска конструкција. Рок на реализација на дислоцирањето во нов Клинички центар до 2021 година.

Ветувањата се среќаваат и на 287 и 288 страница во изборната програма на владејачката партија за изборите во 2014 година, а роковите за исполнување се 2018 за Клиничкиот центар, а до 2018 година за почеток на градбата на новата болница во Штип.

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР „МАЈКА ТЕРЕЗА“ ВО СКОПЈЕ
Предвидуваме изградба на капитален објект за новиот клинички блок во Клинички центар – Скопје, кој претставува најголем инфраструктурен проект досега реализиран во областа на здравствените установи. Новиот проект ќе обезбеди создавање на интегрирана целина со соодветен тек на работата, циркулација, функционална близина и ќе постигне континуитет во обезбедувањето на здравствени услуги. Во новата зграда ќе бидат сместени најмалку 25 клиники и тоа: Клиника за пулмологија споена со Институт за туберкулоза и Клиника за белодробни
заболувања,  Клиника  за  нефрологија, Клиника  за  дерматологија,  Клиника  за  кардиологија,  Клиника  за  неврологија, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за ревматологија, Клиника за токсикологија, Клиника за хематологија, Клиника за ендокринологија, Очна клиника, Клиника за уво, нос и грло, Клиника за радиологија, Клиничка биохемија, Институт за трансфузиологија, Институт за патологија и хистопатологија, Институт за патофизиологија  и  нуклеарна  медицина,  Институт  за  микробиологија  и  паразитологија,  Институт  за  слух,  говор и  глас,  Итни  случаи  (терцијарно  ниво),  Клиничка  аптека,  Клиника  за  психијатрија,  Клиника  за  трауматологија,  Клиника за ортопедија, Клиника за неврохирургија.
Градежните активности ќе опфатат: Изградба на нов клинички блок; Реновирање на хируршките клиники и интегрирање со новиот клинички блок; Поврзување на Гинекологија и акушерство и Онкологија и радиотерапија со новиот блок; Надградба на инфраструктурата (водоснабдување, отпадни води, затоплување, вентилација, медицински гасови, електрични инсталации и главни водови) за нова консолидирана клиничка зграда, Хируршка зграда, Гинекологија, Онкологија и Клиника за радиотерапија; Надградба на инфраструктурата на влезовите и изградба на улици во Клиничкиот центар. (Носител: Министерство за здравство, Буџет: 70.000.000 евра, РОК: 2014-2018 ГОДИНА)

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА НОВА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА – ШТИП
Објектот на новата Клиничка болница во Штип ќе биде изграден на сегашната локација на болницата, на местото од објектот на стара педијатрија. Зградата на сегашната Педијатрија во иднина ќе се реновира за потребите на штипскиот Медицински факултет, зградата на Инфективното одделение ќе продолжи да работи со сегашната функција, а содржината односно местоположбата на големата болничка зграда е место кое се планира за просторен развој на болницата во иднина.
Болничките одделенија ќе ги вклучуваат одделенијата за: Хируршки болести, Уролошки болести, Ортопедија и трауматологија, Акушерство, Очни болести, Оториноларингологија, Внатрешни болести, Градни болести и ТБЦ, Невролошки  болести,  Психијатриски  болести,  Максилофацијална  хирургија,  Детски  болести,  Неврохирургија,  Онкологија (со аплицирање на цитостатска и зрачна терапија), Кожно-венерични болести. Капацитетот на новата Клиничка болница ќе биде 354 постели, од кои 300 постели ќе бидат сместени во новиот болнички објект.
Објектот  ќе  вклучува  и  технички  и  сервисни  одделенија,  како  и  одделот  за  патологија  и  судска  медицина.  Во  ниското приземје се сместени Ургентниот центар, Радиолошко-дијагностичкиот оддел, централните гардероби, лабораторијата, болничка аптека и стерилизацијата.
Во рамките на КБ Штип ќе има 17 амбуланти дополнети со специјализирани простории за прегледи и третман и дневни болници за трансфузиологија, дијализа, дневна хирургија со 3 мали сали, хемотерапија, психијатрија, служба за превенција и третман на зависности од дрога. Овој објект е проектиран како нискоенергетски објект со максимална потрошувачка на примарна енергија до 90 kWh/м2  годишно. (Носител: Министерство за здравство, Буџет: 37.000.000 евра, РОК: ПОЧЕТОК НА ГРАДБА 2014-2018 ГОДИНА)

Досега за исполнување на овие ветувања е сторено малку.

Почната е изградбата на Клиничката болница во Штип, но иако првично дадениот рок – 2016 година (наведен во програмата од 2011 година), веќе изминува работите сè уште на почетокот. Најновиот рок за реализација на ова ветување е април 2018 година. „Вистиномер“ пишуваше за болницата во Штип во февруари годинава, а во тој текст може да се прочита подетално историјатот на активностите за изградба на болницата, чиј камен темелник конечно беше ставен на 3 март годинава.

Што се однесува до новиот клинички центар во Скопје, неговата изградба официјално стартуваше на 2 јануари 2014 година, со уривањето на стариот објект на Гинекологија, но работите се пролонгираа (за што „Вистиномер“ пишуваше во февруари годинава) и засега има само огромна заградена дупка. Инаку, на 20 октомври годинава е распишан нов тендер за изградба на новиот клинички центар, а отворањето на понудите е најавено за 05.12.2016.

Со оглед на тоа дека се направени одредени активности во правец на реализирање на двата проекти, овие ветувања според методологијата на „Вистиномер“ имаат оценка „делумно исполнето“.

 

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција