ВМРО-ДПМНЕ: Ветерна фарма Богданци

ВМРО-ДПМНЕ во следниот четиригодишен период ќе го реализира Проектот за изградба на првата ветерна фарма, која ќе се наоѓа во близината на Богданци. Предвидено е ветерната фарма да има вкупна инсталирна моќност од околу 37 MW преку инсталирање на 15-17 ветерни турбини, секоја со поединечна моќност помеѓу 2 и 3 MW. Очекуваното производство на оваа обновлива и еколошки најприфатлива електрична енергија треба да биде над 100 GWh годишно, што без малку претставува доволно електрична енергија за преку 65.000 македонски граѓани. Тендерот за избор на изведувач на работите се подготвува за јуни 2011 година, а фармата се очекува да ги даде првите количини електрична енергија веќе до крајот на 2012 година. [Рок: декември 2012]

Образложение:

За реализација на оваа инвестиција, ЕЛЕМ зеде кредит од германската КФВ банка во висина од 33 милиони евра. На почетокот на 2012 година беше потпишан договор за реализација на овој проект помеѓу ЕЛЕМ и конзорциумот Терна – Сименс од Грција. Според најавите на директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, ветерниот парк ќе биде пуштен во функција во првата поливина на 2013 година. [Ажурирано на: 23.04.2012]

Според информациите од ЕЛЕМ, договорот за реализација на оваа инвестиција е започнат во август 2012 година, а вкупниот рок за реализација на целиот договор е 13 месеци, со тоа што првите турбини треба да пристигнат пролетта 2013 година. И покрај тоа што рокот за исполнување на ова ветување е истечен, оваа фарма се уште ги нема произведено првите количини електрична енергија.

Според најновите проценки на ЕЛЕМ, првите киловат-часови од паркот на ветерни електрани Богданци ќе бидат произведени во втората половина од 2013 година. [Ажурирано на: 23.01.2013]

Во мај 2013 година со поставување камен-темелник на локацијата Ранавец кај Богданци,  официјално е означен почетокот на изградбата на Паркот на ветерни електрани „Богданци“.  [Ажурирано на: 11.04.2014]

На 20  февруари 2014 година заврши подигањето и монтажата на 16 ветерни турбини, а на 21 март 2014 заврши поврзувањето со електропреносната мрежа на МЕПСО. На  22 март вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски изјави дека очекува во наредните два до три месеци Ветерниот парк да биде ставен во функција, со што ќе протечат и првите киловат часови електрична енергија произведена со ветер. [Ажурирано на: 11.04.2014]

Во Отчетот за сработеното на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 2011-2014, во делот „Енергетика“, за проектот „Ветерна фарма Богданци “, е наведено:

„Ветерниот парк со инсталиран капацитет од 36,8 MW вреден 56 милиони евра ќе биде вклучен во електроенергетскиот систем на Република Македонија и ќе почне со производство на „зелена“ енергија во мај- јуни 2014 година. [Ажурирано на: 11.04.2014]

Имајќи го предвид сето ова, како и  изборните проекции според кои „фармата се очекува да ги даде првите количини електрична енергија до крајот на 2012 година.“, а според отчетот тоа се очекува во 2014 (две години по рокот), ветувањето „Ветерна фарма Богданци“, е неисполнето.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција